|
|
Главенишкиот манастир „Св Димитар“ место за одмор на Св. Климент Охридски |
Тихомир Каранфилов Австриските војници копајќи кај селото Балш на реката Јаница во југозападна Албанија, кон крајот на Првата светска војна наишле на урнатини од голема црква со колони и мермерен столб со грчки и латински натпис. Професорот Златарски сметал дека тоа е еден од столбовите за кој говори Хоматијан. Поистеветувајќи ја реката Јаница со средновековна Главеница и урнатините кај село Балш со манастирот св. Димитри, тој смета дека тоа е манастирот кој Борис му го подарил на Климент како место за одмор. Главиница или Главеница (грчки: Γλαβήνιτζα, Κεφαλληνία) е средновековен град, кој бил лоциран во денешна јужна Албанија. Споменат е во "Краткото житието" на Климент Охридски како едно од трите места за одмор, кои кнез Борис му ги дарувал на Климент Охридски. Познато е дека градот спаѓа во историската област Кутмичевица, но неговата точна локација сеуште останува непозната. Повеќето современи научници претпоставуваат дека градот се наоѓал на местото на денешниот град Балш, каде во 1918 година Австриската армија открива колона со натпис, која го потврдува покрстувањето на народот во 865/6 година. Во "Краткото житието" на Климент Охридски се споменува дека тој оставил такви споменици околу Кефалинија кои во почетокот на 13 век се уште можеле да се видат околу градот. Главеница е центар на една од главните епархии на Охридската архиепископија, вклучувајќи и тврдината Канина, во близина на Валона. Оттука, според други претпоставки, градот се наоѓал во близина на градот Валона. Во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), Георги Трајчев во недостаток на податоци, за урнатините на манастирот св Димитар кај Главеница кој е надвор од географските граници на Македонија ќе напише: „Главеница се спомнува за првпат како епископски центар во апсидниот ѕид во Преспанската црква св. Аил, откриен од руската археолошка мисија во 1898 година на чело со професорите Успенски, Миљуков, и во првата хрисовула на Василиј. Според Климентовото житие, пишувано од Теофилакт, Главеница било едно од местата за одмор кое Климент го добил на дар од Борис. Во краткото пак житие на Климент од Димитар Хоматијан се вели дека Климент често поминувал во Главеница и дека таму оставил споменици - се гледале камени столбови на кои било одбележано покрстувањето на (славјанскиот –н.з) народ. За време на последната војна (Прва светска војна – н.з) австриските војници, копајќи кај селото Балш на река Јаница во југозападна Албанија, наишле на урнатини од голема црква со колони и мермерен столб со грчки и латински натпис. Професорот Златарски вели дека тоа е еден од столбовите за кој говори Хоматијан. А пак поистеветувајќи ја реката Јаница со средновековна Главеница и урнатините кај село Балш со манастирот св. Димитри, смета дека тоа е манастирот за местото на одмор кој Борис му го подарил на Климент. Сигурно Климент го возобновил и уредил главенишкиот манастир св Димитар, како и направил место за одмор, вели проф. Златарски (В. И-ва, ibid, 530) Иако селото Балш стои надвор од геоградските граници на Македонија, во соседството со неа (Албанија), сепак, поради историското значење на Главеница за (македонскиот – н.з) народ од времето на Климент Охридски, ги дадовме горните белешки за манастирот св. Димитар сега во урнатини...“ – пишува Трајчев. Инаку, Балш или Балши кој познат во средниот век со имињата Главеница или Главиница, а исто така и со грчкото име Кефаленија е град во Албанија, центар на округот Малакастро, дел од административната област Фиер. Во близина на Балш се наоѓа античкиот град Билис, кој според некои истражувачи е средновековната тврдина Главеница (Главиница). По прашањето за локацијата на средновековниот град Главеница (Главиница) сеуште се води спор, но повеќето историчари сметаат дека тој се наоѓал на местото на денешниот Балш. Натписот од Балш е откриен во декември 1917 година од страна на австроунгарски војници врз мермерен столб во манастирскиот урнатини крај село Балш (на околу 25 километри југозападно од Берат, Албанија) за време на Првата светска војна. На врвот на столбот се наоѓа летописен натпис, а во долниот дел подоцнежен надгробен натпис на латински на норманскиот војвода Робер де Монфор, кој загинал во 1108 година. Во краткото житието на Свети Климент Охридски, напишано од охридскиот архиепископ Димитар Хоматиан во почетокот на XII век, се зборува и за други слични камени столбови во реонот на Главиница во денешна Албанија, во кои се говори за покрстувањето на народот. Хоматиан дури го припишува нивното издигање на Свети Климент Охридски: "Тој (Климент) ни остави во Охрид такви споменици и свештени книги, како и сопствените дела на својата висока мисла и рака, кои се почитуваат од целиот народ не помалку од богонаписаните Мојсеови плочи. А во Кефаленија (Главиница) можат да се видат задржани и до наше време камени столбови врз кои се вдлабени букви, одбележувајќи го ... пристапувањето на народот кон Христа. " Написот кој ги потврдува житијата на Климент и други настани е многу значаен за македонската историја. Во првата половина на XX век овој напис се чувал во музејот во Драч, но, сегашната локација не позната. Меѓудругото, интересно е да се напомене дека во Саврово поле крај селото Балш на 8 септември 1385 година се одиграла битка меѓу Зетскиот владател и османлиските војски предводени од Салах ад дин. Во битката загинале зетскиот владател Балша II и братот на Крале Марко Иваниш Мрњавчевиќ.
|