|
|
Крстоарски манастир „Св. Христофор“ |
Тихомир Каранфилов Крстоарскиот манастир посветен на маченикот Св. Христофор е православен манастир на Преспанско-пелагониската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ()МПЦ-ОА). Манастирот се наоѓа 1 км југозападно над селото Крстоар и околу 6 км. од Битола. Оваа локација, според кажувањата на старите битолчани била едно од омилените излетнички места со трдиција уште од 19 век. За потеклото на тој манастир малку се знае, но, со Буковскиот манастир секако бил славјански, за што според Трајчев, сведочи една стара ракописна книга „Сборникъ похвалънихъ словъ или Метафрасъ“ од XVI век. На мермерната плоча над северниот влез е испишана кратката историја на црквата. Црквата во манастирот е подигната во XIX век (1837 г.), а обновена е во 1926 година. Таа голема еднокорабна градба, со петстрана апсида на исток. Постојат три влеза – два кон наосот од западната и северната страна, а дирекно во олтарниот простор може да се комуницира низ посебната врата на југоисточната страна. Над западниот влез, вниманието го привлекува насликаната претстава на св. Христофор. Тој е насликан во медаљон, претставен во цел раст. На рамото го носи малиот Христос, додека во едната рака држи копје а со левата го придржува маченичкиот крст. Во долниот дел е испишана годината 1926, како време на сликањето на оваа претстава. Во внатрешноста на храмот нема сочувано ѕидно сликарство од времето на изградбата на црквата во XIX век. Она што денес може да се види во апсидата на црквата и на темето од сводот, е насликано во времето на нејзината обнова. Иконостасот во црквата, со три реда на икони, царски двери и високи врати на јужниот и северниот дел, исто така е направен во третата декада на XX век. Од XIX век, како сведоштво на уметноста од тој период, се сочувани само неколкуте празнични икони. Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.) за Крстоарскиот манастирот „Св. Христофор“ кој го датира многу порано, ќе забележи: „Крстоарскиот манастир е час и половна одалечен од Битола по јужната насока, во полите на Пелистер. Крај него се наоѓа стара дабова шума. Тоа е едно прекрасно сенчесто и свежо место, со чешма од која постојано тече студена кристална вода која се собира во недрата на Пелистер. Манастирот не преставува нешто особено. Тоа е една мала селска црква, изградена во 1806 година, која во постаро време служеше за храм на селата Крстоар и Буково. Околу црквичката има неколку дасчени и разнебитени одаи, каде летуваат болни граѓани за промена на воздухот. Селскиот свештеник ја опслужува црквата. Повеќе прекасното сенчево место, со студената вода, дава значење на овој манастир, отколку неговата светост. Доколку ги нема тие убавини, името на манастирот би замрело. Без оглед на се, во не така далечното минато, тој манастир стана познат по борбата заради неговото владение меѓу селаните и грчкиот владика. Селото Крстоар, чисто (македонско – н.з), со 50 куќи го признаваше ведомството (власта – н.з.) на егзархијата; манастирската црква беше храмот кој служеше за богомолство на селаните. Со селото и црквата требаше да мине под егзархиска управа. Токму тоа го оспоруваше грчкиот владика, имајќи барање дека тој ја осветил. Значи, според таа логика, црквата му припаѓа на владиката бидејќи ја осветил, а не на населението кое ја изградило? Властите секогаш ја држеа страната на грчкиот владика. И селаните беа принудени, по долгите процеси да си изградат нова црква за да потоа да се запусти манастирот. За потеклото на тој манастир ништо не се знае. Но, со Буковскиот манастир секако бил славјански, за што сведочи една стара ракописна книга „Сборникъ похвалънихъ словъ или Метафрасъ“ од XVI век (Арх. Антонинъ, ibid. 364).“ Во Крстоарскиот манастир „Св. Христофор“, кој бил и сеуште е посакувана дестинација за излет во близина на Битола, за време на Првата светска војна била сместена војската на Антатата за што сведочат повеќе фотографии.
|