|
|
Заев со својот политички аматеризам наместо да ја релаксира состојбата го потпалува балканското буре барут |
Во пресрет на Договорот меѓу Македонија и Бугарија кој се крие од македонската јавност, европратеникот Андреј Ковачев од партијата Герб на Бојко Борисов за бугарската државна телевизија БНТ 1 ќе изјави дека Македонија има 100 насто фалисификувана историја и тоа е основата на Договорот за добрососедство кој Зоран Заев го договорил во Софија. Владата на Зоран Заев без никаква дебата на експертската и пошироката јавност, со власта во Бугарија преговара за Договор за добрососедство, во кој источните соседи бараат заедничко славење на Илинден и ревидирање на историјата на Македонија, бидејќи, како што вели Ковачев 100 проценти била фалсификат. Ваквите антимакедонски ставови и правокации кои доаѓаат од страна на Ковечев, како и особено од директорот на Националниот историски музеј на Бугарија, Божидар Димитров, за кого Македонците се производ на Коминтерната, поради тајноста во кои се водат преговорите, во пресрет на Илинден осетно ја зголемуваат тензијата во земјата. Цела Република Македонија е револтирана од ваквите јавни омаловажувања на државата, институциите и на самиот народ. Но, штурите одговори ма нашите историчари и академици дека не заслужуваат коментар изјавите на бугарските историчари и политичари, дури и кога се омаловажува нивната компетентност, укажува дека власта во земјата нешто припрема што е на штета на македонскиот народ. Наместо жестоко да се бранат националните интереси (македонскиот јазик, историја, идентитет и култура), молчењето на институциите или парцијалните одговори на ваквите изјави со кои се нарушува угледот на земјата, само го зголемува сомнежот дека владата на Зоран Заев, под притисок на надворешните поддржувачи, без да се консултира со највисоките научни институции за виталните прашања, може да потпише договор кој ќе има трајни и штетни последици по македонскиот народ и неговиот идентитет. Владата на Зоран Заев игра исклучително опасна игра која задира во идентитетот на македонскиот народ. Секое прифаќање на тврдењата на некои бугарски историчари дека македонскиот народ во етничка смисла се исто што и Бугарите бидејќи нивните претци уште во VII и VIII век од нашата ера влегле во составот на бугарската држава и во неа со Бугарите „образувале еден бугарски народ“, нема никаква основа, како што нема основа дека Илинденското востание во 1903 е заедничко. Историски е факт е дека Бугарите под водство на Аспарух во 680 година го населиле тромеѓето Дунав, планината Балкан и Црно Море, подовна позната како „бугарска плоча“, ги покориле славјанските племиња на тој простор и заедно со нив формирале бугарски народ, претопувајќи се себеси во домицилното население, притоа натурајќи им на Славјаните бугарска државна администрација и бугарско име. Меѓутоа, славјаните во Македонија по 615 година веќе имале формирано племенски сојуз, македонска славјанска држава позната под името „Склавинија“. Македонскиот народ кој живеел во оваа „Склавинија“ не само што немал никаков додир со Бугарите, туку долго време не знаеле еден за друг. Точно е дека бугарскиот каган Телериг во 776 тргнал со 12.000 бугарски коњаници да ја плени „Берзитија“, но тој уште на приодите на Македонија бил отфрлен од страна на византиските легии кои го протерале зад планината Балкан, која била природна бариера меѓу Македонците и Бугарите. Првиот контакт, македонскиот народ со Бугарите го има во 837 година кога Исбулд по налог на кнезот Пресијан навлегува со своите одреди во долината на Струма и Места. Дури ни во времето на бугарското владеење прво над одделни делови, а потоа во 925 – 969 година на цела Македонија со исклучок на Солун, не може да се говори за претопување на македонскиот народ во бугарски. Во времето на владеењето на бугарските цареви со делови од Србија, Албанија и Македонија, претопувањето на еден народ во друг било туѓо. Ако било така денес не би имало ни Срби и Албанци. Првапат бугарското име за македонската територија е запишано во грамотите на византискиот цар Василиј II. Тој по освојувањето на Самуиловото царство во 1018 година, Македонија ја прогласува за византиска тема во ранг на катепанат и и дал име Бугарија. Оваа територија се простирала до планината Балкан, а територијата на север до Дунав ја нарекол Паристрион“ или „Парадунавон“. Аналогно на тоа и на Охридската патријаршија која ја деградирал во архиепископија покрај титулата „Прва Јустинијана“ и прикачил бугарски привезок. Секако дека името на темата Бугарија не произлегува од бугарскиот карактер на Македонците, туку од тогашното византиско државничко сфаќање за уредување на земјата и уништување на моќното македонското име. Името Бугари што им било дадено на Македонците не било етничко туку политичко, заради формално-правното наследство на Самуил на бугарските цареви. Ова име подоцна во XIX век Грците го натураат во науката. Во ова политичко прекрстување што лежи во старите хроники, лежат заблудите за бугарскиот карактер на Македонија. Сепак, и покрај сите напори да се избрише македонското име, тоа низ вековите постојано се провлекува и македонскиот народ се изјаснува како Македонци. Точно е дека за време на турското владеење,македонскиот народ особено во XIX и почетокот на XX век пореди економски причини или поради зулумите кои ги вршеле властите на територијата на Македонија спас барале во новоформираните држави Грција, Србија, Романија и Бугарија, особено кај последната каде мигрирал огромен број на Македонци. За време на востанијата ова население се враќало во родната земја и масовно учествувало во народноослободителната борба. Така било и за време на Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание. Но, ниту една од соседните држави не му пружила воена помош на македонскот народ за да денес било која од нив бара заедничка прослава на значајни датуми од македонската историја. Секое попуштање и прифаќање на такво нешто би значело крај на иднината на македонскиот народ. Македонскиот народ е мирољубив и со секого сака да има добрососедтски односи. За разлика од него соседите се тие кои имаат скриени агенди поради кои се оспорува името, идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ. Владата на Зоран Заев за да и се додвори на меѓународната заедница, верувајќи дека со решавање на спорот со името ќе биде примена во ЕУ и НАТО игра опасни игри кои можат да завршат крајно трагично за македонскиот народ. Наивнaта Заева администрација, за разлика од опозиционата ВМРО ДПМНЕ која стои цврсто во одбрана на националните интереси, како да не гледа дека по секое попуштање само се зголемуваат апетитите на соседите и има се понови барања кои водат кон целосно исчезнување на земјата од картата на Европа. Затоа македонскиот народ треба да каже доста е: „Сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО но не по цена на сопственото име и идентитет“.
|