|
|
Македонија лулката на славјанската култура и просвета |
Тихомир Каранфилов Во своите етнички и географски граници, Македонија со многубројните зачувани манастири (155) и оние во урнатини (90), вкупно 245, како што ќе забележи Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), преставува за целото славјанство свето место. Ова земја е „Македонска Палистина“, „Македонски Ерусалим“ за целото славјанство. Македонија е света земја која истородните и истоверните соседи Србија, Бугарија и Грција ја поделиле меѓу себе во 1913 година, притоа присвојувајќи и прикажувајќи ја нејзината историја како своја. Истите соседи денес, повторно се обидуваат да му го оспорат правото на името, идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ, кој на еден дел од македонската земја создаде своја држава во 1944 година. Неодамна во Солун се одржа трилатерална средба на Грција, Бугарија и Србија, без присуство на Македонија што го дополнува сомнежот на искреноста на соседите кон Македонија. Сепак, и покрај желбите на соседите не едноставно, ниту можно да се избрише земјата и македонскиот народ кој е зпишан во Библијата. Едноставно, Македонија не е само земја на природни убавини, на многубројни езера, туку и земја на манастири, светци, царски и кнежевски гробници. Во преспанското историско село Герман се остатоците на семејниот род на македонскиот цар Самуил (татко му Никола, мајката Рипсимија, брат му Давид), а во базиликата Свети Ахил на истоимениот остров кој се наоѓа во денешна Грција се претпоставува дека се наоѓаат гробовите на Самуил, неговиот син Гаврил Радомир, Јован Владислав и зет му Јован Владимир. Во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Негоричане е погребан бугарскиот цар Михаил Асен III, а се верува дека во Марковиот манастир се наоѓа гробот на Марко Крале. Исто така, низ македонските манастири почиваат преставници на српските но и византиските власти кои во минатото ја владееле земјата. Но, тоа никому не му дава за право да ја присвојува македонската историја, македонската земја и да го оспорува македонскиот идентитет. Имено, Македонија преставува ризница за најстарите македонски писмени паметници (Зографскиот натпис од 980 година, Самуиловиот натпис од 993 година, Варошкиот натпис од 996 година (епиграфски споменик втор по старост словенски натпис на кирилично писмо), Битолскиот триод од XII век (кирилски текст каде се вметнувани цели изрази со глаголско писмо), Цветниот триод од XII век, со кирилица и глаголица), како и складиште на царски грамоти од кои 7 се наоѓаат во Македонија. Македонија со многубројните зачувани манастири (155) и оние во урнатини (90), вкупно 245, преставува свето место како за македонскиот народ, така и за целото славјанство. Оваа земја е „Македонска Палестина“. „И навистина, која друга земја на Балканот, со површина од 63.000 кв. км. и со население од 2 милиони брои толку манастири колку Македонија? Бугарија, Србија, Грција, Турција, иако поголеми и по површина и по население, не можат да се мерат со неа по бројот на манастирите! Македонија држи рекорд по тој однос. И.В. Григорович признава дека бројот на разни натписи, споменици и ракописи е најголем во Македонија, помалку во Тракија, а најмалку во Бугарија.“ - ќе забележи Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.). Ако се има во предвид, дека Македонија му ги дала на Славјаните најпопуларните и најзаслужните национални светители: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум Охридски, Св. Јоаким Осоговски, Св. Гаврил Лесновски, Св. Прохор Пчински, Св. Иларион Мегленски, Св Јован Рилски (и тој е од македонско село Скрино, по десниот брег на реката Струма, граница меѓу географска Македонија и Бугарија), со право може да се тврди дека таа била лулка на славјанската култура и просвета уште од првите дни на христијанска Македонија па до последно време, и уште посилен центар за национална и политичка свест. Тогаш, може ли земјата, која родила такви синови светители, земјата која била центар на славјанската култура и просвета, земјата, која има таква заслуги кон балканската и воопшто кон славјанската култура, може ли вечно да остане во робство на соседите? Може ли да се прогонува од славјани и истоверци, народ што ним и на целото славјанство им дал јазик, вера и книга? Не, Македонија лулката на славјанската култура и просвета, таа светиња за македонскиот народ, тој „Македонски Ерусалим“, не може да биде задушена и изгубена. Таа нема да умре. Таа е жива и не е далеку часот кога Македонците ќе добиат можност да ги пројават и развијат наполно своите дарби и уште повеќе да го внесат својот дел во ризницата на светската култура. Мисијата на македонските манастири не е свршена. Иако насилно биле отргнати од своите корени од христијански поробители, манастирите и во иднина ќе имаат свој заслужен дел во долгоочекуваниот ден на слободата на целиот македонски народ.
|