|
|
Сега е време кое не повикува силно да се истакне македонството |
Во минатото изразот „грчки" немал етнички белег, бидејќи не само на Балканот туку и во другите земји во Европа под името „Грк", се подразбирало трговци. Оттука за да можат да просперираат во трговијата, без разлика на своето етничко потекло, многумина не само што го учеле грчкиот јазик, туку и се преставувале како Грци. Европјаните во тоа време, освен Турци и Грци. всушност не ни знаеле дека постои друг народ во Македонија, и до колку знаеле, него го сметале за народ од „понизок" ранг. Македонецот барон Константин Бели од Виена (1770 - 1830), обрнувајќи се кон своите „еднородци Македанци" укажува на опасноста од вакво „кокетирање“ со Европа и повикува, наспроти грцизмот, да се истакне македонството на славјанското население од Македонија, како етничко разликување од Грците (Сп. „Лоза", Софиа, 1891) Меѓутоа, овој апел, како и многу други потоа од македонските интелектуалци не најде подлога кај поткупливите трговци на македонските души, кои образувани во Атина, Белград и Софија, дозволија Македонија да биде поделена во 1913 година. Европските сили штитејќи ги своите интереси и тогаш молчеа, сметајќи дека си има работа со народ од понизок ранг за кого нема место под сонцето. Иако оттогаш измина многу време и македонскиот народ создаде своја држава каде слободно може да ја проследи својата историја, да воспитува на својот мајчин јазик, да ја негува својата традиција и култура, а притоа да биде препознаен и признат од над 130 држави во светот, сеуште во земјата има луѓе кои сакаат заради својот личен интерес да „кокетираат“ и да тргуваат со ова мало парче слободна македонска земја. Овие нови трговци со македонските интереси сега на лицитација го ставаат името, идентитетот и јазикот на македонскиот народ. Тоа ги привлече старите мршојадци, кои гледаат како македонските трговци со неколку пасоши во џеб ги уништуваат државните институции и ја разнебитуваат македонската држава. Повторно без присуство на Македонија, Белград, Софија и Атина, се собираат и тајно дискутираат за македонското прашање. Многумина ќе се прашаат зошто најголемиот македонски трговец, кој претходно им вети многу на Атина, Софија, Тирана и Белград, не присуствуваше на овој самит на кој учествуваа лидерите на трите земји. Очигледно е дека немало потреба од една таква марионета, кој во распродажбата на зоните на влијаниа им ги помати сметките со Тиранската платформа преку која се бара многу повеќе отколку што тие се спремни да дозволат. Отсуството на Македонија на самитот во Солун може да значи само вовед на лошо сценарио, бидејќи сите овие земји кои учествуваа во поделбата на Македонија во 1913 година, денес не го признаваат името, јазикот, историјата, територијата и црквата на македонскиот народ. Многумина се свесни дека соседите нема така лесно да се откажат од своите територијални и другите аспирации кон Македонија, дури ни под притисок на САД. Грците, познати трговци, дури и да бидат притиснати со двапати или трипати поголем данок од страна на ММФ, нема да дозволат да се тргува со нивните национални интереси. Бугарите, исто така, никогаш нема да се откажат од Санстефанска Бугарија. Србите секогаш ќе се стремат на заедничка граница со Грција, додека пак Албанците тежнеат за целосна контрола на Моравско вардарската долина. Сега, кога со новата политика на социјалдемократите се доведува во прашање иднината на земјата, повторно се повампируваат сеништата од минатото. Историјата покажува дека соседите од секогаш имале скриени намери кон Македонија, кои ги реализирале преку петтата колона. И денес, петтоколонаши инсталирани во политички партии, невладин сектор, говорат за затворени седници на кои ќе се дискутира за договорот со Бугарија, за референдум за името. Одржување на затворена седница укажува дека новата влада крие од народот договор кој е штетен по националните интереси. Едноставно ниту може да се говори за заедничко славење на Илинден, ниту за уставен јазик со кој би бил потпишан договорот, како што не може да се говори ниту за одржување на референдум за промена на името. Еднаш стекнатото име не може да се менува на некаков референдум, зошто на него не можат да гласаат стотици илјади кои се бореле под македонското знаме и загинале за Македонија. Зачудува молкот на голем број интелектуалци од институциите кои се задолжени да го чуваат интегритетот на земјата. Тие сето ова го гледаат од безбедна дистанца плашејќи се да не го изгубат својот комодитет. Но, сега не е време за „кокетирање“ со власта и молчење.Сега е време кое не повикува силно да се истакне македонството. |