Среда, 26 Јули 2017   
Илинденското востание не успеа зашто македонскиот народ беше сам, без сојузници!

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

„Независно од целите што ги гонеа инспираторите на предвремено објавување на востанието - агентите на германскиот кнез Фердинанд Кобуршки, офицерите од македонско потекло, Илинденското востание беше дело на основните работни маси на македонскиот народ. Долго потиснатите робови се кренаа на вооружена борба против вековниот поробувач на словенските народи на Балканот - Султанска Турција. Востаниците се бореа храбро против 300.000 турска војска. Востанието не успеа зашто македонскиот народ беше сам, без сојузници.“ – пишува Ѓорѓи Абаџиев по повод 40 години од Илинденското востание. („Отечествен фронт", 2. VIII. 1947 год.)

Ѓорѓи Абаџиев (7. X 1910 – 2. VIII 1963) е македонски раскажувач, романсиер, историограф, публицист и сценарист. Роден е на 7 октомври 1910 година во Дојран. Во 1915 година родителите му емигрираат во Бугарија, каде татко му работи во фабрика. Ѓорѓи завршил  средно образование во Горна Џумаја (Благоевград), а потоа студирал на Правниот факултет во Софија. Уште за време на студиите зел активно учество во организациите на прогресивната македонска емиграција во Бугарија. Станал член на Македонскиот литературен кружок (1938-1941) и на Македонскиот литературен кружок „Никола Вапцаров“ во Софија (1946-1947). Бил уредник на весникот „Македонско знаме“ (1945-1947).

По повод Четириесет години од Илинденското востание, Ѓорѓи Абаџиев ќе напише статија која е објавена на 2 август 1947 година „Отечествен фронт".  Во неа меѓудругото, тој ги наведува и причините зошто не успеа Илинденското востание во 1903 година, за кое пишува:

„На Илинден 1903 година македонскиот народ направи херојски напор да ги скине ропските синџири. Феудалнобеговската власт на Отоманската Империја ги потиснуваше и ги држеше во полна бесправност селаните наполичари, чифлигарските момоци, сите сиромашни работни слоеви на народот. Македонците беа единствениот народ што не го беше отфрлил уште турското ропство. Грција, Србија и Бугарија беа излегле веќе на полето на својот национален и културен развиток, како народи обособени во свои национални држави. Феудалното закрепостување на основните маси на македонскиот народ - работните селани беше спроведувано од растечкиот од ден на ден систем на разбојнички напади, ограбувања и убиства што ги вршеа башибозучките орди. Турскиот феудализам се распаѓаше. Војската се оддаваше на своеволија. Државниот апарат, разјадуван од поткупништво, насилства и угодување на месните бегови и македонските чорбаџии, го засилуваше курсот на ограбувањето. Чифличко-беговската власт го угнетуваше како турското сиромашно население така и македонското, се разбира над Македонците се вршеше и национално-верско угнетување.

Независно од целите што ги гонеа инспираторите на предвремено објавување на востанието — агентите на германскиот кнез Фердинанд Кобуршки, офицерите од македонско потекло, Илинденското востание беше дело на основните работни маси на македонскиот народ. Долго потиснатите робови се кренаа на вооружена борба против вековниот поробувач на словенските народи на Балканот — Султанска Турција. Востаниците се бореа храбро против 300.000 тур-ска војска. Востанието не успеа зашто македонскиот народ беше сам, без сојузници. Во она време кога работничките и прогресивните движења во ослободените од Отоманската Империја балкански народи беа во својот зародиш, македонскиот народ не можеше да смета на нивна помош и поткрепа.                                                  »

Илинденското востание го покажа единствениот правилен пат за ослободување - масовно општонародно вооружено востание. Востанието на Илинден 1903 година, меѓутоа, не беше слепа, стихијна пројава на волјата за слобода. Востанието укажа и која е конкретната форма во која треба да се изрази таа слобода - Македонската народна демократска република. Илинденското востание ја издигна Крушовската народна република која постоеше само 11 дена. Владата на Крушовската Република, на чело со Никола Карев, прогласи полна рамноправност на сите националности во Македонија.

Во прогласот, испратен до турското население во Крушово и околијата, се вели следното:

„Ние не кренавме пушка против вас, тоа би било срам за нас. Ние не кренавме пушка против мирниот трудољубив народ што се прехранува како нас со крвава пот . . . Ние ве жалиме како наши браќа, бидејќи и вие сте робови на ефендијата, на пашите, на беговите и на силните..."

Такви демократски сфаќања имаа македонските борци пред 44 години (денес изминати 114 години – н.з.) кога започна Илинденската епопеја.

Раководена од најголемиот син на Македонија - Гоце Делчев, македонската национална револуција беше забележана и од будното око на водачот на светската револуција - Владимир Илич Ленин, кој ја истакнуваше организацијата на Гоце Делчев како пример на масовна, дисциплинирана и вистинска револуционерна организација.

Следејќи го тој точно оцртан пат од Г. Делчев - народно-демократската линија на револуционерното движење - македонскиот народ ја започна втората славна ослободителна епопеја во 1941 година. Овојпат тој беше среќен. Врз основа на национална рамноправност, Македонците, во единствената антифашистичка борба на сите југословенски народи, го уништија фашистичкиот окупатор и задлабочувајќи го братството и единството меѓу тие народи, ги удрија темелите на македонската национална држава... Пак на Илинден — 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински", уште не стивната борбата, се свика првото Антифашистичко собрание на Народното ослободување на Македонија (АСНОМ) и се прогласи во присуство на воени претставници на Англија, Америка, претставници на Главниот штаб на Југославија (советските делегати беа спречени поради воената ситуација да пристигнат на време) Македонската народна република.

Така македонскиот народ што го започна вооруженото востание во 1903 година и премина преку единствената антифашистичка борба на демократските народи во Втората светска војна, го оствари својот идеал...

...Уште еден млад животоспособен славјански народ - македонскиот, ги влева своите сили во демократската изградба на меѓународниот мир и соработка...“

Општо познато е дека македонскиот народ беше оставен сам да ја води својата борба за ослободување. Датумите 2 август 1903 и 2 август 1944 г (Илинден и АСНОМ) се свети симболи во борбата на македонскиот народ за самостојност и за нацинална држава. Македонците без надворешна подршка ја извојуваа својата слобода и создадоа на еден дел од македонската тероторија своја држава, притоа за цело време давајќи допринос во демократската изградба на меѓународниот мир и соработка. Меѓутоа и по толку години (114 години од Илинденско востание и 73 години од АСНОМ) зачудува фатот дека некој се осудува да бара заедничко чествување на Илинден и истовремено да го негира името, идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ.

Инаку, по Инфорбирото 1948 година, Ѓорѓи Абаџиев се враќа во Македонија, каде развива плодна дејност како писател, публицист и историчар. Работел во Институтот за национална историја во Скопје и бил негов директор. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1949 година. Сценариото за филмот „Мис Стон“ (1958) е неговиот прв чекор во филмската уметност. За својата работа добил повеќе награди и признанија. Ѓорѓи Абаџиев починал на најсветиот ден за македонскот народ на ден Илинден, 2 август 1963 година.

Тихомир Каранфилов

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.