|
|
Македонскиот народ има свое минато, сегашност и иднина! |
Тихомир Каранфилов „Како што Македонците под грчка власт не се ниту „славофони" ниту „чисти Грци", како што Македонците под српска власт не се „вистински Срби", така и Македонците под бугарска власт не се Бугари, ниту пак сакаат да станат такви. Македонскиот народ има свое минато, сегашност и иднина, не како прикрпа на империјалистичките (држави) Бугарија, Грција и Србија, туку како самостоен славјански елемент, којшто ги има сите признаци на посебна нација, која се бори веќе со десетлетија за извојување на своето право на самоопределување дури до отцепување во одделна политичка државна заедница од угнетувањето на империјалистичките држави" – се вели во Декларацијата на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија од фебруари 1935 година. Во триесетите години на минатиот век, промената на курсот на Бугарија предводена од звенарската влада (зближување со Југославија и воспоставување на дипломатски односи со СССР - 23 јуни 1934 година), како и најавените промени во внатрешната политика, првично беа сфатени како создавање на поволни услови за развивање на општествено-политичка дејност. Иако односот на звенарската влада на К. Георгиев во однос на Македонците не се разликуваше од тоа иа другите поранешни бугарски влади, сепак процесот на националното афирмирање на македонскиот народ токму во тоа време доби мошне авторитетна потврда за третирање на Македонците како припадници на одделна јужнословенска нација. Во овој период (1934 г.) заслужува да се спомене една значајна публикација на Македонскиот народен сојуз во Америка, чие раководство го сочинуваа приврзаници на ВМРО (Об.). Во статијата „Зошто ние Македонците сме одделна нација?", на поставеното прашање се даваше директен, категоричен одговор со тврдењето дека ние, Македонците „не сме ниту Срби, ниту Грци, ниту пак Бугари, а сме одделна македонска нација,која се бори за своето национално ослободување и одделување во своја македонска држава". Во тоа време значајно е да се истакне изјаснувањето на ВМРО (Об.) за националниот карактер на македонското прашање. ЦК на ВМРО (Об.) истапи со посебна резолуција, во која истакнува дека Македонците се посебна нација. Со вакви сфаќања и чувства за национален интегритет и културно-политичка целост на Македонија беа исто така проникнати поважните документи и јавни истапувања на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија. Посебноста на македонската нација ја сочинуваа основата и на резолуцијата на Обласниот комитет на ВМРО (Об.) за Пиринска Македонија. Во резолуцијата се нагласуваше дека балканските буржоазии, за оправдување на националното потиснување на населението во поробена и распарчена Македонија, ги негираат главните национални карактеристики на македонскиот народ и процесот на создавањето на македонската нација. По повод барањето на Македонците во Грција за слободна употреба на сопствениот мајчин јазик во училиштата и јавноста, изнесено во органот на Комунистичката партија на Грција „Резоспатис", Обласниот комитет на ВМРО (Об.) за Пиринска Македонија излезе во февруари 1935 година (Македонско дело, Х/195, февруари 1935, стр. 8) со една вонредно значајна декларација во која се вели следното: „Во врска со објавеното соопштение во софискиот весник „Камбана" од 6. II 1935 год. по повод на излагањето-протест на Македонците под грчка власт и во врска со објавената статија во софискиот весник „Зарја" од 7. II 1935 год. Обласниот комитет на ВМРО (Об) во Македонија под бугарска власт од името на организираните во редовите на ВМРО (Обединета) и од името на сите од бугарскиот империјализам национално потиснати Македонци што го населуваат Петричко и на бегалците во Бугарија, за свој долг смета да ја направи следнава декларација: 1. Излагањето-протест на Македонците под грчка власт објавено во грчкиот комунистички в. „Ризоспастис" и др. е резултат на најсветите желби и на борбата на целокупниот македонски народ. Барањето на Македонците под грчка власт слободно да зборуваат на својот роден македонски јазик, да отвораат свои македонски училишта, за да ги учат своите деца на својот роден јазик, е нивно свето право, кое ќе се извојува со непомирливата борба на македонскиот народ против империјалистичките поробувачи за слобода и независност на Македонија. 2. Така како што Македонците под грчка власт не се ниту „славофони", ниту „чисти Грци", како што ни Македонците под српска власт не се „прави Срби", исто така и Македонците под бугарска власт не се Бугари ниту пак сакаат да станат такви. Македонскиот народ има свое минато, сегашност и иднина, не како закрпка кон империјалистичка Бугарија, Грција и Србија, туку како самостоен славјански елемент, кој ги има на лице сите својства на самостојна нација, која со десетлетија веќе се бори за извојувањето на своето право на самоопределување дури до одделување во самостојна политичка државна единица од империјалистичките држави што го потискаат. 3. Македонскиот народ не потхранува никакви чувства на непријателство кон народите од државите што го потискаат. Напротив, тој наполно сочувствува со народните маси што се борат за национално и социјално ослободување. Во исто време македонскиот народ во својата борба за ослободување им подава рака на обесправеното северноепирско грчко малцинство во Албанија, исто така и на сите трудбеници што пискаат под гнетот на експлоатацијата и политичкото бесправие во Грција, Србија и Бугарија за борба против империјалистите од Атина, Белград и Софија. 4. Македонскиот народ го повикува целото прогресивнр човештво да ја поткрепи неговата ослободителна борба против империјалистите и неговите агенти во лицето на националфашистите - михајловисти и протогеровисти, грчките андарти и српските шовинисти, кои се запалувачи на империјалистичката и контрареволуционерна војна. Тоа е до толку потребно бидејќи ослободувањето на Македонија ќе значи ликвидирање на едно од постојните жаришта за потпалувањето на пожарот на новата човечка кланица.“ Раководството на ВМРО (Об.) во Бугарија, со ваквите погледи всушност го напаѓаше расформирањето на Петричкиот административен округ и механичкото приклучување на неговата територија кон Софиската и Пловдивската област, гледајќи во тоа смислено разбивање на компактноста на Пиринска Македонија како покраина. Покрај тоа, раководството на Обединетата ВМРО поставуваше ургентни барања за осетно подобрување на економско-социјалната положба на македонското население во Пиринска Македонија. Позитивната еволуција на ВМРО (Об.) од 1934 година па натаму и застапувањето на правилни позиции по македонското национално прашање влијаеја за брзо ширење на редовите на нејзините организирани припадници и симпатизери. Меѓутоа, во целокупната ориентација и активност на ВМРО (Об.) бугарските управници гледаа пречка за спроведување на своите планови. Поради тоа уште во 1934 година започна со апсења и судења на функционери и дејци на ВМРО (Об.) во Пиринска Македонија и во повеќе градови на Бугарија. На ВМРО (Об.) и беше нанесен најтежок удар со извршената провала во 1936 година, кога околу 60 највидни раководни функционери и активисти на Организацијата беа разоткриени и изведени пред суд. На судскиот процес на оваа група, како и на други слични процеси пред тоа, обвинетите отворено изјавуваа дека по национална припадност се Македонци и дека се борат за извојување суверенитет и државно конституирање на македонската нација. Нивните смели изјави широко одекнаа кај македонските маси во Бугарија и спомогнаа за утврдување и издигање на нивната национална свест. Големиот судски процес во 1936 година заврши со изрекнување на бројни тешки осуди и казни на обвинетите. Во отсуство беа осудени и главните раководители на ВМРО (Об.), членовите на нејзиниот Централен комитет во странство - Димитар Влахов, Владимир Поптомов и Методи Шаторов. Наскоро потоа престана организираната илегална дејност на ВМРО (Об.) во Пиринска Македонија и Бугарија, како и во другите делови на Македонија под грчка и југословенска власт. Трагите што ги остави ВМРО (Об. кај прогресивните Македонци во Бугарија беа понатаму продолжени со нови пројави и дела на Македонците во нивната борба за национално-политичка еманципација и афирмација. Тихомир Каранфилов (извори: Историја на македонскиот народ Скопје, 1988 г, стр. 292 – 293; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје, 1981, стр. 220 - 221)
|