|
|
Грчки „Ризпоспастис“: „Илинден, херојско востание на македонскиот народ“ |
Тихомир Каранфилов „...Револуционерните традиции на македонскиот народ, кој од 1913 година се наоѓа поделен меѓу три капиталистички држави (Грција, Бугарија и Србија), го има како централен светол белег вооруженото востание на св. Илија (Илинден) на 2 август 1903 година..“ - пишува грчкиот весник „Ризоспастис“ на 2 август 1934 година. "Ризоспастис" е грчки политички весник, печатен орган на Централниот комитет на Грчката комунистичка партија (КПГ). Со периодични забрани за печатење весникот се издава и до денес секојдневно. Весникот почнува да се издава во Солун помеѓу јуни и октомври 1916 година. Од 23 јули 1917 година се издава во Атина, но е забранет од страна на режимот на Јоанис Метаксас по 4 август 1936 година. Печатењето му е обновена во 1944 година и повторно е забранет во 1947 година. По падот на воената хунта во Грција во 1974 година издавањето на Ризоспастис е обновено. Овде ќе издвоиме неколку текстови објавени во периодот од 1932 до 1934 година кои говорат за постоење на Македонци и македонски јазик, за нивното угнетување и погрчување од страна на грчките власти, правото за отцепување и осамостојување, како и за најсветлиот празник на Македонците Илинден. Така во текстот на „Изборната програма на Обедионетиот фронт на работниците и земјоделците“, објавен во август 1932 година стои: „Обединетиот фронт на работниците и земјоделците изјавува дека борбата за поткрепување на угнетуваните националности: Македонците, Турците и Ерменците е општа задача на целото работно население на Грција. Борбата треба да се води против духовното, политичкото и економското угнетување и насилното погрчување преку училишта. Треба да се побарат училишта на мајчин јазик на населението. Во разни официјални служби и во судовите да се употребува нивниот мајчин јазик. Борбата треба да се води против фашистичките банди, против колежите, против палежите што се подржувани од владата на Венизелос и сите буржоаски партии; против принудниот закон кој ги разделува на посебни изборни списоци Евреите и Турците; против одземањето на земјата; да се побара право на самоопределување на сите угнетувани националности кои беа насилно присоединети кон Грција, се до нивно полно отцепување."(Ριζοσπάστης.бр. 340,22. VIII 1932, а. 1). На 24 април 1934 година, за револуционерниот подем и борбата против фашизмот и војната, ќе објави текст во кој се вели: „...Поткрепа и помош на национално-револуционерните организации на националните малцинства и зацврстување на организаторската положба во нив, покрај нивната секојдневна борба за сите прашања, дури и на најмалите, на националните малцинства кои се борат против националното, економското и општественото угнетување од страна на буржоаско-спахиската Грција и признавање на тие малцинства право за самоопределување се до државно отцепување, - тоа ќе и овозможи на КПГ да ја добие довербата на угнетуваните малцинства и да ги направи сојузници на пролетаријатот во идната револуција во нашата земја. КПГ треба решително да се бори за уништување на грчкиот национализам и неговите појави во неговите редови и за интернационалистичко воспитување на грчките работници и земјоделци.“ (Ριζοσπάστης бр. 42(6978), 24.IV1934, а. 3.) Грчкиот весник нема да го изостави ниту Илнденското востание 1903 година, ниту поделбата на земјата во 1913 година . По повод 2 август, во 1934 година, „Ризоспастис“ во текстот „Илинден, харојското востание на македонскиот народ“ пишува: „...Револуционерните традиции на македонскиот народ, кој од 1913 година се наоѓа поделен меѓу три капиталистички држави (Грција, Бугарија и Србија), го има како централен светол белег вооруженото востание на св. Илија (Илинден) на 2 август 1903 година (по стариот календар 20 јули). Тој е најсветлиот белег главно бидејќи во тоа востание беше изразено единството на македонскиот народ. Само оние што ја запознаа не само свирепоста на бившиот султански режим, туку и терористичката разбојничка дејност и безобѕирните интриги на „ослободителите" односно на околните држави на грчките, бугарските и српските експлоататори, само тие ја разбраа вредноста и значењето на таа обединета револуционерна дејност на сите Македонци без да застане во тоа пречка нивното различно племенско потекло...“ ( Ριζοσπάστης бр, 142/7079, 2. VIII 1934.) Текстовите кои ги објавува овој весник јасно говорат за постоење на Македонци и македонскиот јазик во Грција, многу порано, пред Коминтерната да биде донесе Резолуција со која се признаваат Македонците како посебен народ. Ако македонскиот народ не беше посебен, тогаш ниту грчкиот весник немаше да пишува за него уште во 1932 година. (извор: „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, том втори, стр. 244 - 246)
|