|
|
Европските лингвисти за македонскиот јазик меѓу двете светски војни |
Тихомир Каранфилов Во текот на XIX и XX век македонскиот јазик го привлекува вниманието на европските лингвисти. Повеќе познати слависти кои го истражуваат, многу одамна ќе укажат на посебноста на македонскиот јазик и ги побиваат тезите на тогашната српска и бугарска пропаганда. Меѓу двете светски војни во европската наука се појавуваат повеќе познати слависти како Антоан Меје, Андре Мазон, Андре Вајан и Мјечислав Малецки, со резултатите од проучувањата на Македонија. На прашањето дали се македонските говори српски или бугарски, тие повеќе или помалку заклучуваат како и францускиот лингвист Антоан Меје кој во 1928 година пишува: „Говорите на Македонија се дел на јужнославјанската група... Нивните говори, ...не се заправо ни српски ни бугарски, особено ако се мисли на писмениот бугарски јазик којшто се базира врз говори доста оддалечени од македонските говори.“ Андре Вајан (2. XI. 1890 - 1977) е француски слависта, професор на Францускиот колеџ, бил меѓудругото и дописен член на Славјанскиот институт во Праг, дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите и на Бугарската академија на науки и уметностите. Во периодот од 1922 до 1934 година, за да се запознае добро со славјанските јазици престојувал во Југославија, Чехословачка, Советскиот Сојуз и Полска. Во периодот меѓу двете светски војни, кога пропагандите на Србија, Бугарија и Грција го негираат постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик, францускиот славист Андре Вајан во 1938 година за македонскиот јазик ќе напише: „ ...Поимот на „словенскиот македонски" е нејасен само за оној што тоа го сака. Словенскиот македонски претставува реалност во таква мера што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосем мала учена литература, но на обилна народна литература; и не се работи само за документи на фолклорот какви што можат да се соберат сегде: лирската македонска песна, многу ценета во Србија и во Бугарија, претставува еден автентичен литературен жанр, со реална вредност. Овој литературен јазик, базиран врз говори што природно се разликуваат малку меѓу себе, немаше време да се унифицира. Меѓутоа негови центри беа Скопје, Тетово, Охрид, Битола (Манастир), Воден, итн.“[А. Vaillаnt Le probleme du slave Macedonien – Bulletin de la Societe de linguistique de Paris, t,. 39, 2 (Numero 116), Рaris 1938, р. 195.] Во овој период како еден од најсериозните истражувачи на македонските говори се јавува и полскиот славист Мјечислав Малецки. Тој интересот го насочил кон периферните говори како што се солунскиот (Dwie gwary macedonskie. Sucho i Wysoka w Solunskiem – Krakow, 1934, 1936) и костурскиот (Tekst gwarowu z Kosturskiego – Krakow, 1934). Во 1938 година, професорот од Краков, М. Малецки за македонскиот јазик ќе напише: „ ... Но треба да се додаде дека, покрај македонските особености што одат било по развојната линија на бугарскиот јазик било на српскохрватскиот, има исто и наполно индивидуални црти кои во токму таков вид не се јавуваат во ниеден од тие јазици... Затоа исто на прашањето дали се македонските говори српски или бугарски, би одговорил дека не се ни исклучиво српски ни бугарски, ами повеќето од нив претставуваат индивидуален дијалектен тип (којшто може да се нарече и македонски јазик),поврзан со силни јазли на сродство со двата спомнати јазици. Македонскиот е премин меѓу српскиот и бугарскиот, и неговото приклучување само кон еден од тие јазици е од лингвистичка гледна точка неосновано. [М. Malecki; Z zagadnien dijalektologii macedonskiej, - Rocznik Slawistuczny (Krakow), XIV (1938), ѕtr. 142.] Истата 1938 година, во Големата советска енциклопедија (Большая Советская Знциклопедия. Том 37. Москва 1938, стр. 743 – 744.) за македонскиот јазик може да се прочита следното: „МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК,... 2) ... јазик на Јужните Славјани што живеат на територијата на денешна Македонија. Без оглед на значителната дијалектна разнообразност, македонските говори претставуваат единство и забележливо се разликуваат од народните говори на Тракија, Родопите, Мизија и на Стара Планина. ... Сета Македонија во дијалектен однос се дели на 2 групи: областа кон запад од р. Вардар и југоисточните реони на Македонија. Во втората група влегуваат и говорите на Костур. Западната група ја карактеризираат следниве дијалектни особености: 1) членските форми со тројно образување - от(маш.), га(жен.), то (средни род); ов, ва, во, он, иа, но; 2) наставката за трето лице еднина на сегашното време -г;3) акцентирањето на третиот слог од крајот; 4) фра-зеолошкиот карактер на акцентот. Западномакедонските говори се делат на неколку дијалектни групи: дебарска, охридска, централна, тиквешко-мариовска, велешко-скопска, горнополошка и долнополошка. За југоисточна Македонија се карактеристични: заменките он, она, оно, они, предлогот со и др. Тешките историски услови во кои се наоѓале Македонците имаат оставено свој печат врз нивната култура. По Првата империјалистичка војна (1914-18) голем дел од Македонија беше присоединет кон Југославија. Националниот гнет на владејачката српска буржоазија е извонредно тежок. Српската лингвистичка наука во лицето на Белиќ го одрекува секое право на национално самоопределување на македонските Славјани, тврдејќи дека македонските Славјани божем се Срби. Од друга страна, бугарската лингвистичка наука, којашто им служи на идеите на бугарскиот империјализам, не им го признава на Македонците правото на самостоен национален развиток. Јужна Македонија и припаѓа на Грција, каде што исто така е силен националниот гнет.“ Денес македонскиот јазик е меѓународно признат. Меѓутоа, за жал истите центри посочени во големата советска енциклопедија, во контекст на големите геостратегиски игри продолжуваат со своите пропаганди со кои се негира постоењето на македонскиот народ, име и идентитет. (извор: Документи за борбата на македонскиот народ, за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје 1981, стр. 78 - 80) |