|
|
Востоков за потеклото на староцрковно-славјанскиот јазик ја посочува Македонија |
Тихомир Каранфилов Александар Христофорович Востоков (27 март 1781 – 20 февруари 1864) е руски филолог, славист и поет. Тој е еден од првите руски филолози. Роден е Аренсбург (денес Куресаре) на островот Саре во Ливонската губернија, како вонбрачен син на баронот Фон Остен – Секена. До седмата зборувал само германски, за потоа во Сан Петесбург да научи толку добро руски и француски за да може во тринаесеттата година да пишува полесно песми на руски отколку на германски. Во 1801 година станал член на Друштвото на љубители на книжевноста, науката и уметноста и почнал да објавува статии во весникот на друштвото. Од 1803 година Востоков почнал да ги проучува старите документи на староцрковно-славјански јазик. До 1810 година тој бил многу добро запознат со старите документи како што се Несторовата хроника, Слово за Игоровиот поход и други. Во 1820 година се појавил неговиот труд „Размислувањата за старославјанскиот јазик“, по кој е познат низ цела Европа. Востоков укажува дека постојат три периоди на историјата на славјанските јазици: IX—XIII век, XIV—XV век и од XV век. Неговите откритиа, меѓу кои и назалните самогласници во старославјанскиот јазик, станаа значајни не само за руската туку и за европската наука. Востоков кој станал член на Руската и други европски академии на науката, во текот на својата истражувачка работа, меѓудругото го открива во царската библиотека и Остромировото евангелие (чија подлошка е македонскиот кодекс) кое анализирано го објавува во 1843 година. Исто така учествува во редакцијата и составувањето на Речникот на црковнославјанскиот јазик (4 тома, 1847), а составил и Речник на црковнославјанскиот јазик (1858 - 1861), како Старославјанска граматика (1863). Рускиот филог проучувајќи го старославјанскиот јазик одамна ќе сфати за посебноста на македонскиот јазик, што подоцна го истакнува подоцна рускиот филолог, славист и македонист Петар Данилович Драганов (1857 - 1928), инаку по потекло Бугарин од Бесарабија. Врз основа на истражувањата на Востоков и сопствените проучувања, Драганов кој по покана на Егзархијата работи како професор во Солунската машка гимназија од 1885 до 1887 година, ја развива својата научна анализа на особеностите на македонскиот јазик, односно сопствени ставови за етничкото потекло и културниот идентитет на Македонците. Во 1888 година, Драганов во својот труд за македонскиот јазик ќе забележи: „Самиот Востоков по прашањето за потеклото на староцрковно-славјанскиот јазик се застапуваше за македонизмот, неговата татковина ја поставуваше во Македонија, и затоа тој, велеше Востоков, може да се нарече и македонски. Но Востоков никако не се застапуваше за бугаризмот на таа значајна научна поставка во тесното значење на тој збор, како што тврдеа некои негови противници; напротив, што се однесува до сопствено бугарското наречје, тоа, според Востоков, можело од старо време да се разликува од првото (македонското) по многу важни признаци и, ќе забележиме од своја страна, како што и сега тоа се разликува од него. Би требало да се очекува дека порано или подоцна убедувањето на Востоков ќе се потврди со истражувања не само по историските споменици на јазикот ами и на современиот строј на славјанските наречја и особено на славјанските говори во претполаганата татковина на кирило-методиевскиот славјански јазик.“ (Документи, том први, Скопје, 1981, стр. 314) Поради ваквите ставови кои биле во директен судир со Егзархијата и бугарската пропаганда во XIX век, Драганов се враќа во Русија каде преку бројни написи и предавања ги поставува темелите на македонистиката во Русија. Вистината за посебноста на македонскиот народ и неговиот јазик, кога во овој период бугарската и српската пропаганда жестоко го оспоруваат, полека но сигурно допира и до Европа. Така на пример Карл Хрон кој спаѓа меѓу истакнатите европски испитувачи на Македонија, во 1890 година во Виена ја објавува книгата „Народноста на македонските Славјани", во која со научна објективност го образложува и докажува самобитниот развиток на македонскиот народ. Гледиштата на овој македонолог се извонредно значајни. Во однос на ставовите за народноста на Македонците, тој меѓудругото вели: „Не, ќе биде веќе потребно моето гледиште по ова спорно прашање однапред да го прецизирам. По моите сопствени студии на српско-бугарскиот спор, дојдов до убедување дека Македонците како по својата историја, така и по својот јазик се посебна народност, значи ниту се Срби, уште помалку Бугари, туку се потомци на оние славјански прадоселеници кои го населувале Балканскиот Полуостров веќе долго пред српската и бугарската инвазија, и кои подоцна со ниедна од овие две нации не се измешале...“ Ова се само дел од многуте факти, многуте докази за посебноста на македонскиот народ и неговиот јазик, за да може некој денес да ја оспорува или да ја изменува историјата на македонскиот народ.
|