|
|
Власта да ги преиспита односите со ЕУ и НАТО |
На 27 јуни 1992 година Европскиот совет на Европската заедница во Лисабон донесе Декларација за поранешна Југославија, во која прокламира признавање на државноста на Македонија, но "со име кое нема да го вклучува терминот Македонија". При донесувањето на Декларацијата не беше земено во предвид позитивното мислење бр 6 на Бандеровата комисија од 11 јануари 1992 година во кое се препорачува признавање на Македонија од ЕЗ. Условот поставен тогаш од страна на заедницата на европските држави кон Македонија заради една своја членка (Грција), беше класична уцена, која трае до денес. Меѓутоа, пратениците на македонскиот народ во Собранието на Македонија не потклекнаа пред притисоците. На 3 јули 1992 година Собранието на Македонија со Декларација ја отфрли Лисабонската декларација на Европскиот совет на Европската заедница. Инаку, седницата на Собранието на која се разгледуваше Лисабонската декларација и требаше да се изгради став кон неа започна на 1 јули. Тоа беше бурна, драматична седница, во која македонските парламентарци отворено ја покажаа својата разочараност во принципите на нова Европа, која во однос на Македонија ги примени недоследно и селективно. Уште на самиот почеток на осамостојувањето на македонската држава, македонските политичари биле изложени на притисок и подмитувања само да го сменат името Македонија. Сепак, најголемиот дел од македонските политичари имаа доблест да ги одбијат непристојните понуди. Така, во мемоарските записи на мекедонскиот претседател Киро Глигоров “Македонија е сешто имаме“, како што пренесуваат медиумите, стои забележано дека тој ја одбил понудата од Грција за милион долари да се откаже името Македонија, а дека посредник за понудата бил Љубомир Фрчковски. Глигоров тогаш ги одбил со зборовите „Добро бе луѓе, како си замислувате шефот на оваа држава да прими милон долари за да се откаже од името Македонија. Како ве молам воопшто сте го замислиле тоа? Тоа е апсурдна работа. Киро Глигоров беше македонски претседател, човек со интегритет, кој по осамостојување на земјата не сакаше да се пазари за името Македонија. Денес, тоа не го прави ни сегашниот претседател Ѓорѓи Иванов. Серпак, како и за време на Глигоров, и денес постојат луѓе без интегритет, кои се спремни да го сменат името. Некои се истите луѓе кои по осамостојувањето работеа во интерес на Грција, а некои се нови. Заедничко им е отворената торба без дно, која е спремна да прими разни амфори, златни часовници и т.н., се она што некогаш Глигоров одбил. ЕУ, никогаш не ги смени своите ставови кон Македонија. Таа во изминатите повеќе од две и пол децении суптилно работеше, чекор по чекор, кон разнебитување на македонскиот народ и држава. ЕУ и НАТО со разните условувања направија се за да ги парализираат институциите и за државата да не може да се брани. На крај, инсталираната марионетска власт во Македонија со помош на центрите на моќ, склучи спогодба со Грција, со која државата го менува името во Северна Република Македонија. Така, македонскиот народ полека се откажува од македонското име и идентитет и тоа треба да го потврди на референдум, како слободно изразена воља. Македонија без разлика колку е мала држава, таа мора да го сочува своето достоинство. Ако од XV до средината на XX век Македонците во ропство, го зачувале јазикот и идентитетот, незамисливо е денес, при слободна и независна држава преку референдум да се откаже од името и идентитетот. Исто така, незамисливо е во XXI век ЕУ и НАТО да уценуваат една мала држава да го смени името, ако сака да стане нивна членка. Воспоставувањето на неравноправни односи меѓу ЕУ и Македонија кои се темелат врз основа на неоколонијализам, а не врз принципот на равноправни партнери, нема да бидат добри за никого, а најмалку за македонскиот народ. Затоа, наместо на 30 спетември да се одржи референдум за да се праша македонскиот народ дали е за членство во ЕУ и НАТО доколку го смени името, најдобро е истиот да се бојкотира, а истовремено европските “торбари“ во власта, спремни да тргуваат со името, треба да си ги преиспитаат односите со ЕУ, која впрочем почна да го менува мислењето за проширување. На крај ќе останат и без име, ем торбите ќе им останат празни.
|