|
|
Мартин ТРЕНЕВСКИ : ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 117 |
ЗА ПАТОЛОШКАТА АЛЧНОСТ И ГРАМЗИВОСТ НА ВЛАСТА 1. Најголемиот христијански парзник Воскресението Христово - Велигден, го дочекавме како што доликува - по македонски: со фарбање јајца, со богати трпези (оние што можеа да си го дозволат тоа од финансиски причини, се разбира), а многумина се упатија кон нашите туристички центри, најмногу во Охрид. Имаше и посетители од странство, што е добар знак за нашата туристичка индустрија, особено во услови на пандемијата со Корона вирусот. Нешто што особено охрабрува е фактот што македонските цркви и манастири масовно беа посетувани и од младите (средношколци и студенти) што е потврда дека од година во година се обновуваат прастарите традиции и посветеност кон Македонската православна црква што не одржала со векови да си ја сочуваме нацијата и јазикот, со еден збор: свеста за она што сме - Македонци! После години поминати во Сиднеј, Стокхолм, Торонто, Брисел, Виена... овој пат одлучив велигденските празници да ги поминам во родното Скопје. На први мај со еден стар познаник и пријател седнавме во ресторанот "Наџак", специјализиран за традиционални македонски јадења, во култното "Дебар маало", a по ручекот станавме да протегнеме нозе до фонтаната во градскиот парк. Токму таму доживеав шок што ми го поремети празничното расположение. Целиот комплекс околу фонтаната беше преполн со млади кои беа групирани по десетина, а нешто се случуваше меѓу нив. Дискретно ѕирнав од љубопитност да видам што се случува кога гледам: во една од групите девојка која дава бело пакетче на друга девојка која и возврати со кеш! "Па овие дилаат дрога и тоа сред бел ден", му велам на пријателот. Повторно упатив поглед кон групата, девојката "дилер" примети дека ја гледам, но бидејки носам брада претпоставувам си помисли дека не сум од "органот" (од полицијата) и ладнокрвно продолжи да ги опслужува со "бело" и другите во групата. Се прашувам, каде се надлежните да реагираат на ваквите појави. Се разбегаа по излетиштата и одморалиштата за долгиот викенд? Зарем работите дојдоа до таму да се дила дрога сред бел ден во срцето на градот!? Зарем немаме ништо друго да им понудиме на младите да не потпаѓаат на ова зло - дрогите? Некој треба многу сериозно да се замисли за овој проблем што - сосема очигледно, зема се поголем замав! 2. Потпретседателот на владата Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи се растрчаа низ Европа за да убедуваат членки на ЕУ да сме ја одржале годинава првата меѓувладина конференција што, воедно, би значело почеток на преговори за наше членство во Унијата. Лично мислам дека обајцата и ним слични само калапат девизни дневници - без и најмали шанси за позитивен исход од нивните мисии! Љубезно ќе бидат примени и сослушани од соговорниците, но од нивната мисија нема ништо (камо среќа да грешам). После новата методологија за преговори со кандидатите за членство што минатата година ја наметна францускиот претседател Макрон, неизвесноста со изборите во Бугарија (која не блокираше минатиот декемви), како и скептицизмот меѓу поголем број членки на ЕУ за проширувањето, како и во последно време се погласните заложби за прекројување на границите во регионот, мислам дека почетокот на преговорите за членство за Република Македонија е далеку од нас една светлосна година. Една забелешка: министерот за надворешни работи Бујар Османи во Берлин доби уверување од неговиот германски колега Хајко Мас дека Германија ќе се заложела за почеток на преговорите ова лето на самитот на ЕУ. Прашувам: зошто Германија не го стори тоа поубедливо и поенергично минатата година, кога таа самата претседаваше со ЕУ и зошто не ја притисна Бугарија да не става вето за почетокот на преговорите за членство на Македонија во Унијата? А можеше да го стори тоа!!! Наместо подршка за Македонија, Унијата ја награди Бугарија со 26 милијарди евра неповратни средства за периодот од наредните седум години! Дали Димитров и Османи не го сваќаат ова, или така им чини за да ги замајуваат граѓаните во нашата земја, не знам, но знам дека клучот за нашиот напредок е во нашиот двор, а најголем проблем е невидениот степен на к о р у п ц и ј а, патолошка алчност и грамзивост во Македонија, невладеењето на правото и слични криминални дејствија и беззаконија на сите нивоа на актуелната власт во нашата земја! Што мислат Заев, Филипче, Спасовски, Шилегов и да не набројувам поматаму: дека светот не гледа и не знае што се случува во нашата земја под оваа власт!? Па кој сака во свое друштво криминалци какви што имаме во изобилие меѓу владеачката номенклатура? Специјализираните светските агенции за следење на корупцијата многу јасно го потврдуваат тоа. Аферата со издавање на 215 македонски пасоши со украден идентитет од наши сограѓани кои живеат во странство, давани на врвни криминалци, мафијаши, убијци и шефови на меѓународното подземје (што, според мене, е досега најголем скандал на оваа власт) некој очигледно настојува да ја заташка, но нема да успеат бидеки таа доби меѓународни димензии. Или примерите со тендерите: Заев настојува по секоја цена да помине законот за изградба на нов клинички центар проценет на 510 (и со зборови: пет стотини и десет) милиони евра; Шилегов најави "брзи ленти" низ Скопје за автобусите на Градското сообраќајно претпријатие (без претходно да ги праша граѓаните што мислат за тоа) што ќе чинеле - замислите: 174 милиони евра, според кој проект се предвидува да се искорне зеленилото сред главната скопска авенија, улицата "Партизанска"; a за преуредување на шеталиште од едвај стотина метри покрај Вардар се предвидени 1,4 милиони евра (со толку пари ќе се направеше километар модерен автопат). Сега, неколку месеци пред локалните избори, започа и градежна офанзива низ скопските улици. На жителите на дел од ул. "Орце Николов" им ги уништија паркинг местата за да направат патека за велосипедисти, иако такви патеки веќе постојат во многу блиските авении "Илинденска" и "Партизанска". Колку проценти од тендерите се предвидени за "инвеститорите", т.е. градоначалниците, само тие си знаат! Се надевам дека граѓаните ќе знаат своето (не)расположение кон овие и слични криминални зафати да го искажат на локалните избори закажани за септември годинава! 3. Бројот на починати од Корона вирусот во Македонија наближува кон 5.000 (пет илјади). За споредба, Скопје во 1963 година го погоди катастрофален земјотрес што го разурна скоро половина од градот и имаше околу 1.070 загинати. Македонија за само една година загуби заради неспособната и пред се коруптирана власт која и на човечката мака мислеше само на тендери и профити, еден цел град како Радовиш, Делчево.... Да не беа донациите на вакцини од соседството, делумно од ЕУ и од други земји, оваа бројка секако ќе беше многу поголема. Заради неспособноста на власта во Македонија дури деновиве (цела година од појавата на вирусот во Македонија) организирано почна доставата на вакцините што живот значат. Некој ќе мора да одговара за овој злостор врз сопствениот народ, и да не се кријат и секојдневно и да не малтретираат по медиумите покриени со разноразни пи-ар агенции 4. Македонија беше почестена со посетата на еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеи и австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер по повод доставата на првата количина од вкупно 119.123 вакцини Фајзер што ЕУ ги донира на Македонија. Од срце им благодариме за донацијата и што мислат и се грижат за нас! Карактеристично за Вархеи е што тој, би рекол пренагласено (!), инсистира - кога станува збор за почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, дека Македонија прво требало да ги реши проблемите со Бугарија!? А од сите страни и од самата ЕУ следат укажувања дека историски прашања не треба да се услов за почеток на преговорите за членство, туку дека тие треба б и л а т е р а л н о да се решаваат!. Се прашувам: Дали овие пораки не стигнуваат до Вархеи или тој не сака да ги чуе и упорно навива за Бугарија, знаејки го нивниот ирационален и негаторски став кон нашата историја. Бројни се примерите кога и покрај билатерални проблеми земји-кандидати сепак беа примени во членство вo EУ. На пример, нерешениот проблем помеѓу Словенија и Хрватска околу Пиранскиот залив, територијалната поделеност на Kипар и многу други кои сепак, заради стари сојузништва тие постанаа членки на Унијата. Ова е само уште една неспорна потврда на лицемерието и пред се и над се интересите кога станува збор за прием или неприем на земји кандидати за членство во ЕУ, при што зацртаните критериуми членство речиси по правило секогаш се во втор план. М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор |