|
|
Марија Емилија КУКУБАЈСКА : Нема имунизирање против тагата на детето од ковид загубата |
За време на празникот Воскресение, кога Христијаните го слават Небесниот Отец, илјадници фамилии закопуваат или споменуваат свои најблиски поради корона вирусот. Оваа прва детска книга на македонски јазик и за пандемијата е подарок од две сестрички, 7 и 2,5 години, за нивниот починат дедо. Тие размислуваат за дедо им, со детски реакции кон апстрактниот феномен, смртта, и кон конкретната љубов во фамилијата. Бабата и мајката на децата ги бележат нидетските мисли и поведение, на 37 страници, во поетски и прозен дел. Читателите добиваат поучен пример за здрава ментална и емотивна поставеност на децата, и родителите, кон загубата на нивниот сакан дедо. Издавач: НУ УБ Гоце Делчев, Штип, 2021. Печатница: Идеал Графика, Штип. Предговорот кон книгата е од еминентниот писател Марија Емилија Кукубајска: Нема имунизирање против тагата на детето од ковид загубата Никој не може да биде вакциниран од тага по загуба на најблиските, во ерата на ковид пандемија која погодува секого, насекаде. Децата се најмалку отпорни на смртоносните трагедии. Кога жалат во период непосредно по заминување на саканите во фамилијата, особено децата под седум годишна возраст, како што се малите автори на овие кажувања, не можат лесно и брзо да бидат заштитени од тагување, и покрај најпосветени и најсовесни родители. Нема потешко од тоа родител да загуби дете, но не им е лесно и на децата кога губат живот на најблиските. Како се однесуваат децата со она што е најлошо за нив: умирањето? Како да бидат заштитени од психолошките трауми кога едно кажуваат вестите на телевизија и социјалните мрежи, кои не е можно секогаш да се кријат од децата, или кога родителите со други теми ги тешат своите деца, а детското срце сепак има сопствен тек на тагување во отсуство на саканите? Возрасните пишуваат за короната како за професионални известувања, како музички, сликарски, книжевни или политичко-медиумски настани. Др. Фаучи објаснува како рестрикциите на слободите поради пандемијата немаат никаква врска со граѓанските или човековите слободи, додека се војува со оваа општа болест, или лична трагедијата. Но, од тие ограничувања страда текот на животот на земјата. Сите се еднакви пред смртта, а животот е најубавиот подарок од природата за луѓето. Но, сите не умираат едновремено, иако од пандемијата се умира масовно, насекаде. Што имаат да кажат децата за короната, кога на сите страни некој умира од неа, кога во нивната куќа, како во овој ракопис, нивниот мил дедо умира од тој вирус, а внуците потсвесно продолжуваат да ги чекаат неговите широки прегратки, неговата пожртвуваност да им ги исполнува желбите, секогаш радосен и храбар, дедо кого децата заслужено го сакаат? Записи од децата за корона вирусот досега нема објавено. Можеби децата молчат затоа што поискрено тагуваат, или бидејќи смртта е сеуште апстрактен поим за нив, иако токму децата полесно учат и конкретно користат дигитални апликации и игри кои се апстрактни за нивните баба и дедо. Свои размислувања на апстрактната тема умирање, од пандемскиот ковид-19, и состојбите во живеење без нивниот дедо кој починал од тој вирус, даваат две мали сестри, Сара 7 и Хана, 2,5 години. Нивните однесувања и говор се здрави, спонтани, едноставни, интуитивни, со имагинација и инстинкт: кога Сара ја споредува ѕвездата на небото со животот и душата на дедо и’, или кога Хана, месеци по смртта на дедо и’, блеснува од радост за пакетчето, кое татко и’ го донел на гробот, а очекува да се појави и дедо и’. Пали свеќа и го моли дедо да си дојде дома. Во 2020 година, од корона починале 125.000 деца во светот, но останува непознат податокот колку од нив доживуваат душевни, ментални растројства. На планетата Земја со 7,9 милијарди луѓе, децата под 18 години сочинуваат 29,3 % од светската популација, или 1,9 милијарди. Прирастот на деца е поголем од било кога во историјата, а повеќето од нив, 89 % , се родени во сиромашни земји и токму таму, 1 од 4 деца под 5 годишна возраст не се заведува при раѓање. Како им е на тие деца?! За последната година од пандемијата чии размери и севкупни медицински, социјални и економско-политички последици се невидени до сега, еден од најзагрижувачките проблеми е менталното здравје. Душевната и емотивна нестабилност особено се манифестира во средини на либерални, дисфункционални и отворени форми нахабитирање. Тоа се, парадоксално, и „урбаните“ средини каде традиционалната категорија фамилија е загрозена или непостоечка, каде родителската љубов, домашното воспитување и моралните вредности се отсутни и отфрлани како застарени или непотребни да се следат, темелното образование насилно се мутира со осиромашена фаст-фуд едукација, а економските, општествените и етички проблеми во светот катастрофално се влошуваат. Надвор од статистиката, практичните животни примери укажуваат на видливи состојби: ментално најздрави и најстабилни се децата кои живеат во сеуште среќни, стабилни и функционални фамилии, воспитувани на здрави морални основи и принципи на љубов, човечност, самодисциплина, трудољубивост, пожртвуваност, и вера во Творецот на животот. Во вакви реални сценарија на „Новиот свет“, оваа книга со детски мисли за ковидот и смртта, е мала илустрација за големата среќа на оние деца кои сеуште живеат во фамилија која ги воспитува и заштитува со вистинска, немутирана љубов, со разбирање за нивните потреби, и со здрава ментална и емотивна подршка низ најчувствителните човечки загуби, како што е и оваа војна со ковид пандемијата. Во време на ковид смртта, кога и блиските им завидуваат на незаразените, децата остануваат најчистите по дух кои искрено тагуваат по починатите. Децата се дар за родителите, за човештвото, подарен од Создавачот на животот. Внуците да се круна на старите и гордост за родителите. Заедно - духовен мир, благословен развој, фамилија на љубов, со подршка и взаемно разбирање, во подеми и падови, секогаш. И кога дедо носи радости, и кога си заминува засекогаш, како во книгата „Дедо, што направи?“. Останува љубовта, поголема од празнината, и споменот – потраен од тагата. Марија Емилија КУКУБАЈСКА |