На сон или на јаве, на седенка заседнавме рано едно утро, јас, Царот и Боговите, кај што Еригон* и Аксиос* се спојуваат , за вечен век заедно да векуваат.
Јас , како Грација, исто накитена, исправена во гордоста своја порабена. Разиграна,продуховена и преубава, со насмевка среќа и радост што емитува.
Царот- како Дион* среде лозје исправен, со светнати очи – блесок жежок, опиен. од Артемида* со ниет благословен ко плен да очекува лесно добредојден.
Како мимичар од глина извајан, таен јазик со Боговите зборува, да го почнат веќе договореното, да го направат уште нестореното.
На Психа* и шепоти в душата да ми чепне на Ерос* со страст да ме гребне, на Купид* со копнежлива стрела да ме падари, на Изида* со неизмерна плодност да ме надари и желба во подсвест да ми вдахнат сите, да не го испуштам од срце низ вековите.
А тој, Царот, како паун да се шета, Од живот во живот каков што е редот, од паунов пердув во нов паун да се стори, да се прераѓа, во недоглед да се обновува до бесмртност името мое да го повторува.
Амин, рекоа сите суштества Божји, амин , Немеза* рече и со збор и дела пресече: Јас и царот да царуваме во темнина, Божјо благословени, добросани , осудени на немост и на гест,пеплосани...
Еригон - Црна река, Аксиос – Вардар, Дион - бог на виното, Грација – божица на убавината, на китењето на разиграноста, Артемида – божица на ловот, Психа – божица на душата, Купид – бог на копнежот, Ерос – бог на љубовта, Немеза – божица на судбината
Жаклина Михајлова
|