|
||||
АКО ТЕ ПРЕКРСТАТ КОЈА ЌЕ БИДЕШ |
АКО ТЕ ПРЕКРСТАТ КОЈА ЌЕ БИДЕШ Томе Велков знам дека ќе преживееме ама како да те повикам кога ќе ми требаш да се исправам. знам дека ќе преживееме ама без лице кои сме. знам дека ќе преживееме ама прекрстени исто како птици без крилја. знам дека ќе преживееме но ако те излеат во железо не ќе можеш да кажеш не ќе можеш да плачеш. знам дека ќе преживееме ама небитно ќе е каде се враќам зашто не ќе знам на кој камен да седнам ако те прекрстат ќе бидам само цимбал кој не ѕвони зашто сè ќе е лага. БИБЛИСКА како наод ќе го напишам името Твое на камен најден пред потопот. внимателно ќе запишам дека си ендемски вид од непроценлива вредност. ќе те ставам во моите очи за да те видат сите кога ќе го обиколувам светот за седум молскавици. вистината ќе чека како секогаш ќе биде закована на крст потоа ќе воскресне за да не остане во пустината жедна. ќе ѝ ставите темни очила да не види дека годината е без лето. ќе запали свеќа и ќе се помоли во трлото за да биде бран на светлината. нема да чека копитата да ја измесат како младо тесто затоа што само бесмртните го јадат лебот а другите законите ги чекаат. на жешкото сонце многу солзи ама малку вистина во изворот. |