|
||||
ДО ШТО ЛИ Е |
ДО ШТО ЛИ Е Пукни зоро утрино сонцето да го видам. Да му кажам да ме чуе што ми тежи на душава. Ако е исто, ако е едно на светот, зошто кога сум далеку не ме гали изгревот? Зошто на сред пладне душа не ми грее ко овде? Зошто ми е толку студено и нешто неарно на срцето? На заод го нема пурпурот ко овде кога гори ридот. Нека ми прости сонцето, ама не ќе е само до него. До земјата ќе да е! До оваа наша питомина кај што жито се златее и узрева на сончевина. До каменот ќе да е! Дури и тој распукува и од него живот се раѓа кога сонце го стоплува. До водите ќе да е! Бистри и студени за жедни грла уморни. До боите ќе да е! Црвената на булките, жолтата на сончогледите, сината на небесата. До зелените пролети со расцутени ливади. До златните есени со мирис на дуњи. До очите ќе да е! До рацете ќе да е! Овде очи ти се смеат. Овде раце те гушкаат. Или ни до тоа не ќе е? До аманетот е! До заветот е! До исконот е! До крвта е! До своето е! А оваа земја моја е. Оваа наша питомина, нашата ни Македонија. Автор: Р. Христовска ("Оловни мониста") |