|
||||
ПРЕД ПАМЕТНИКОТ НА ДЕЛЧЕВ |
ПРЕД ПАМЕТНИКОТ НА ДЕЛЧЕВ Гане Тодоровски Вечерва со тебе да зборувам мислев и еве ме, дојдов во доцниов час, сив октомври рони пожолтено лисје, октомвриски ветер ме милува ете, октомвриска радост преполнила гради ечи в мојот глас.
Јас пред тебе стојам, пред образот ладен што вечерва жив е а не занемен. Почнува низ градот ноќта да се краде ветерот се плетка низ свиткани ветки и тука по патот распостила злато ветрот немирен.
Вечерва е вечер на спомени пресни што в секое срце искрат копнеж врел, вечерва е вечер за најмили песни што низ гради волни, со радост се полнат; нив в машкост ги плиска минатото блиско на народот смел.
А јас – јас ти праќам жив поглед и сакам да ти кажам нешто, само некој збор, и ти одобруваш со твојата рака, велиш: момче кажуј за смелите мажи, за октомври славен, за октомври светол за Илинден втор.
Почнувам. Ти слушаш, ти мене ме гледаш со погледот чуден, радостен и тих ти слушаш глас еден од многуте чеда што достојно, смело патот твој го следат што в градба ја градат гранитната зграда на животот мил.
Октомври е денес во нашата страна да, еве го кај нас, го сеќаваш ли? Во октомври, Гоце, роднината стана и внуците твои нарипаа в бојот со твоето знаме разгореа пламен во октомври сив. Октомври се шета вечерва низ градот во срцата наши празничен е тој, октомври ни носи насетена радост а животот убав преполнет со љубов, израснува светол и кипи и цвета в трудовиот бој.
Ноќта тихо шепти по лисјето меко во градот се спушта кроце доцен час, „видение добро" на Гоце му реков октомвриска вечер ме гушна ко дете октомвриски расказ в октомвриска вечер привршував јас.
(Октомври 1947) |