|
||||
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МОЈОТ БАЛКАНСКИ БАЛКАН |
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МОЈОТ БАЛКАНСКИ БАЛКАН Сонот на Европа е мајчински и татковски - тој сака да ги прегрне сите нејзини народи. Но, што кога во грлото на химната на Европа гласот на Балканот како коска ѝ застанува та со Балканот и Библијата пред светот се срами штом и од најмала искра на зборот може војна да разгори. Затоа историјата на Балканот вечно носи црна шамија по балканските простори - простори по кои и на поетите не им е лесно да пишуваат песни оти за секој стих им треба компас. Всушност на Балканот некои политичари државници војсководачи и со коските на хероите ги околчуваат границите на нивната татковина... Но, ако се осмелиш со очите на Балканот да ја погледнеш балканската историја тогаш в раце цел свет ќе ти потемни. Впрочем и војните овде како да се вградени во некаков балкански код посебно во времињата кога и зборот во народот се криел - за да преживее пред идеите натопени со крв. А и тоа е вистина - како што и смртта не го заборава човекот така и историјата нема да го заборави Балканот иако на Балканот е сместен разбој кој вечно ткае парче од најнечистата историја на светот... Сепак Европа е таа која сè уште на Балканот „му бае“ за да го следи добро здравје и за разумот да не го напушта. |