|
||||
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МАКЕДОНИЈА, ВОЈНИТЕ И СВЕТОТ |
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МАКЕДОНИЈА, ВОЈНИТЕ И СВЕТОТ За бесмислените војни и на поетот зборовите во огнот му се кријат но штом зборот бил на почетокот на светот тогаш не е доцна со огнени стихови за војните да се пишува. Затоа по воинствената мапа на Македонија тешко се изодуваат времињата на неправдите та колку и да се држиш во денот буден - животот си одминува. Исто како животот на водите на Вардар така и животот на македонскиот народ со векови се влева во еден друг век. За жал сè уште не е изграден тој мост по кој ќе можеме со идентитетот да поминеме на страната на вистината или треба да чекаме Европа да ја отвори завесата на правдата?! А како кога таа самата уште не ги одболувала нејзините детски болести та уште не е на возраст кога ќе се одврзе јазолот на европскиот дух: кога ќе завладее европејството и кога Европа ќе прогледа со сончевото око на човештината без да ѝ се испомешаат соништата на иднината. Така е на многу места по светот а и со децата кои уште во мајкина си утроба сонувале војни. Всушност до каде што човекот по светот победувал со својата одмазда - таквата победа до безживотност му се скаменувала. Значи штом човекот победува само со животот на смртта тогаш залудно е и во пепелта на историјата да ја бараме химната на нашата иднина. |