|
||||
Кирил Кангов : ОДА ЗА ЛЕОНИД ВОЈВОДА |
Кирил Кангов : ОДА ЗА ЛЕОНИД ЈАНКОВ - ВОЈВОДА Се роди песна од народ Со величие на славата твоја И Гевгелија чесна блесна Достојна на линијата На фронтот на гордоста. На врвот на храброста се искачи Од ниското во високото видело Од Гуров Дол до комитски идол Со остар нишан во видикот Сите патишта и пасишта ги гледаш Сите градини, ниви и лозја ги знаеш Сите бразди и јазови си ги скокнал Во вознесот на твојата визија. Сега си знак во ѕвезден патоказ На македонското историско небо Соблазнителен хероју на своеото време Сезнаен сторителу на издржливоста Ти си пример за идните поколенија Ти си смисла на сонот во јавето Ти си восхит на народниот морал Чиј занес е сонот за слобода Чија надеж е постоење Чија волја е раѓање на ново време Чија експлозија е револуција. А тој кобен час Во лето илјада деветстотини и петто Каква јанѕа, каков јад и ад Црна чума потем ден Во лавина обрачот слегна и стегна Околу лавиринтот со високи капини Џунга од треви, трње и жбунови Од војска вриеж и виеж Од пушки татнеж и свиреж Во хаос и метеж а ти како еж Ѕирни ваму, ѕирни таму Фрлаш молњи громови По пукотници од три илјади Поснопици трупје војничко. И ти рикнуваш како лав Во арена балканска И трчаш во прегратка на една ѕвезда Со своето верно кажување “Елај ваму, понаваму” Се сврте кон бескрајот и викна Господе семоќен, спремен сум! Ја исполни заклетвата своја “Слобода или смрт” Замина и не се предаде. А денот после ноќта, А утрешниот ден Секаде камбани биеја Потече тага во градот Надојдоа реки народ. Велат многу народ имало Да го испратат војводата Чиј корен е исконски Чија душа е библиска Чиј поглед е топлина Чија храброст е издржливост. Војводо, Длабок ти ечекорот во времето Ти што животот си го подари Во темелите на татковината Тебе никој ништо не ти даде Ти лежиш до ѕидот во тишина На гробиштата “Свети Спас” Скриен, скастран, спастрен Тука се излеал твојот идеал Во твојот стуткан сон Како златна подлога на заклетвата. Доаѓаме на поклонение Пред твојот вечен дом Со тага и восхит, со цвеќе Венец, вино и свеќи И знамето на судбината Ние синови на слободата Служители на вистината Со остри молскавици во очите Ѕиркаме во слики од историјата Со емоции во твојот таговно вечен Миг на светлината На јаве да те видиме А ти си тука до ѕидот крај патот Низ кој минува сета жива Гевгелија Слободна, современа и модерна Без да те сети или да се сети. А на средби радосни, Свадби и имендени Со свирки и тапани Се отвара душа народна “Трба трби гевгелијска”! И песната кога почнува Нов почеток означува Од полифонична композиција Се буди сета природа Решителен миг најавува Достојно, мирно, исправено Во химнично доживување Чиниш низ песната поминува Војводата со верната дружина Триумфално влегува во градот И во мојот македонски сон Војводо, Те гледам во центарот на градот Ти во скулптура од младоста На висок постамент поставен И песната напишана на македонски И на три светски јазици Ечи кон бескрајот и вечноста Оти таа е химна на градот Оти ти си белег на градот Оти ти си гордост на градот Вечна ти памјат, Вечна ти слава, Војводо! |