|
||||
ОДА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ |
КИРИЛ КАНГОВ
ОДА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ
Ти си највишниот јасен поглед во далновидноста
Ти си најсјајното мастило на мојот родопис
Ти си најсилното ехо во мојот духовен вознес
Ти си најсвета химна на зборот наш и негов Оче Наш
Ти си спасител на јазикот од злогласните ажди
Со подивени апетити кои јуришеа врз кратерот
На македонската рана.
Кога би можел д ате сретнам и да ти ги изречам
Најубавите зборови во знак на благодарност
Би те препознал меѓу огромни толпи луѓе
Заминати во збег од траумите на историјата
Отсликани во пожолтени фотографии
Како лузни на времето.
О колку би сакал да те сретнам и да ти прозборам
А чинам те среќавам во секој изречен збор
Во секое напишано слово, во секоја македонска мисла
Секој ден, секој час, секој миг,
Татко на нацијата!
Татко на правописот!
Татко на јазикот!
Учителу! Апостолу од село Постол
Твојот дух нека не скита потиштен и тажен
По патешествијата на твојот живот беден
Оти од жар бигор на срце, од жар јад на душа
Ти создаде зрак во мракот што разблесна сонце
И денес од твојата светлина во татковината
Духовни градини вишнеат кон небесни дострели.
Ти ја пресече завесата на заговорот здоговорен
Што ја кроеше трагедијата во последниот чин
Ти сам ја запали светлината на свеста и совеста
За да потече процесот на вистината,
Ти беше мисловен извор од наука за јазикот
И твоето творештво како чиста света вода
Тече ко гејзир низ твојата земја денес
Оти ти го дигна високо знамето на зборот
Оти ти ја започна битката за зборот.
Твојата вечна тага ти ја бојосала кошулата
Со модрини од историските македонски неба
Модра од пот и плуканици , од солзи и воздишки.
На лицето носиш пејзажи од селата
Во полето пазарско
И плачат беломорските бранови
Во твоите насолзени очи
Како сончеви дождови во залез врз зрело жито.
Твојот кроток глас ткае вечен говор од песна
Која ја размножува надежта во јасновиденија
И се одзива како тивка симфонија во нашите срца.
О Мисирков , дојди си во Македонија !
Дојди да го видиш на јаве твојот нескротлив сон
Дојди да го слушнеш ритамот на крвта
И гласот на Вардар
Дојди да го слушнеш говорот на родот
И стихот на Струга
Дојди да го слушнеш крикот на бегалците
Од Беломорието
Да го осетиш мирисот на земјата
И на трендафилот во Мај
Мирисот на градините со вкусот на овошките
И блажевината на гроздовите во есента што капат.
Јас те повикувам и упорно те барам
Низ редовите на твоите текстови ,
А се сеќавам сум те сретнал , сум те видел
Можеби во моето детство како слика на прадедо
Како пријател на мојата лоза
Можеби си бил врсник на моите прадедовци
Исчезнати во јужните огнови на војните .
О лику на Македонец
Господ што те создал да бидеш повикан и одбран
Да ги пребродуваш брановите на темните времиња
Лику на пламенче ,светилко што ја осветлуваш
И брануваш
Мојата врела крв што лебди од радост
Во протуберанци
О мое слободно слово на устата
Што те изговарам и те возвишувам
И чекорам слободен низ Светот како свој човек.
Исправи се простум ,
Покрени ги твоите истрошени коски
Од бунарите на твојата тага
Од сите горчливи патешествија
Усилби , исчекувања, закани, уцени и понижувања
Од сите фронтови на честа по туѓи земји
Оти и во гробот не ти дадоа мир,
Затоа дојди си во Македонија
Дојди заради снопот светлина што се разложува
Заради пирејот што ни расне во нивата
Заради несвесните наши злоупотреби врз јазикот.
Нека се крева твојата гордост и слава
Што на времето го претставуваше зборот
Во Светот,
Твоето живеалиште во кое градеше обелиск
За да го искачиш јазикот на пиедестал
На достоинство
Рамен на сите , рамноправен и признат,
Песната наша да се вивне чиста
Како галебите високо над Вардар и Егеј .
И сиот свој живот беше живеење и делување
Живот од пелин и живот од доблест
Со постојано патување кон сонот
И додека умираше се надеваше
Дека за зборовите ќе има иднина
И знаеше дека ќе те бараме
И дека ќе ни требаш.
Мисирков, дојди си во Македонија,
Во едно парче од нејзиното раскинато тело
Ќе те прошетаме низ сите градови и села
Во најдолга поворка на светската човечка тага,
Со панахиди за упокоение .
Собери си ги твоите иситнето коски
Место багаж од твоите оставени библиотеки
И пристигни со огромниот твој дух
Духот да расне и владее во вечни векови
А костурот да ти го положиме
Во најсветиот македонски миродом .
Дојди на плоштадот во Скопје, те чекам
Пред Универзитетот што го сонуваше, те чекам
Пред Институтот за македонски јазик, те чекам
Пред училиштата што го носат твоето име, те чекам
Со сиот мој народ што си се зачетал себе си
Во душата,
Со сите писатели и македонисти те чекам,
Преполн со говори за добредојде
Во едно сонувано и возможно славје
Кога во пролет сонцето е златно
А месечината сребрена
И кога се шетаат младите по бреговите на Вардар ,
Дојди!
За почит место минута молк,
Ќе го отпетлам крикот собран од вековите
Заради болката од која си боледувал
Заради талогот гнев во дното на твојата душа,
Заради учителите што ги учат учениците
Со обични предавања за твоето дело.
Ќе крикнам заради крикот
Кој одамна требаше да потече
Како подземен татнеж, како вселенско ехо
Крик кон Светот , крик бесконечен
Крик како почит , како поздрав, како судбина
Крик од кој нема бегање
Кој ќе биде повеќе од јасен ,
Крик без превод и толкување
Оти крикот е крик на сите јазици
Исто се изговара и исто се слуша
Крикот на овој народ и на ова земја
Кој не е изречен и кој треба да заглуши се !
|