Од Бродско
Надеваш ли се солтане, пролет комити да дојдат, бовчалок да ти донесат, од оџалари чалмите, од анките фереџињата. Тогај се солтан уплаши, голема потера ми испрати, да и потера комитите. Комитите не се фаќаат. Кога има големи планини, комити живеат в планина, тие се лесно не фаќаат, тие носат пушки малиќерни, потера ќе ја пречекаме, со потера бој ќе правиме, за наша ради Македонија, за неја ние ќе умреме, за неа крв ќе пролеаме, Македонија мила наша пак ќе биди.
Од Галичко
Ајде провикнал се турцкион паша од Панаѓуриште: - Ајде викнете ја Рајна Попова нешто да ја питаме, нема да ја колиме, нема да ја бесиме, нешто да ја питаме: кој го соши бајракот кој му тури буквите. - Сакате ме колите, сакате ме бесите, ја сум Рајна војвода, ја го соши знамето, ја му турив буквите: „Смрт или слобода, за Македонија, земја поробена“.
Од Дебарско
Чие е това младо девојче, што рано оди на вода, на таја вода студена, на таја чешма шарена, да полни вода студена? Чекај почекај, моја девојчо, и јас ќе дојдам со тебе, да ти понесам стомните, да ти разменам рацете, да ти погледам очите.
Од Струмица
Зашуми, шумо зелена, растури сенки широки, ќе мини Делчев војвода, со неговата дружина. - Дружино верна зговорна, слегвајте долу Струмица, крај беговата пченица, бежето ќе го чекаме, од коња ќе го сметнеме, парите ќе му и земеме, анките ќе му и одбулиме.
Од Ресенско
-Леле Јано, леле мила ќерко, што ми везиш свилена шамија? - Леле мајко, леле стара мајко, не си везам свилена шамија, тук си везам барјак македонски, и на барјак по стодрам злато. Абер дојде од Пирин планина, да загина млад Делчев војвода, тој загина за Македонија.
Од Демир Хисарско
Сета ми гора, гора развила, само едно дрво цути на разви, под него има жална гробница, во гроба лежи Петре Јурукот. На дрво стои сива соклица, од дрво викум таја викаше: - Умри си умри живо јуначе, од твојто лице месо да јадам, и од твојте очи вода да пијам. Ми се провикна Петре Јурукот: - Ај бегај, бегај сива орлице, да не ја земам маликерата, да не ја земам да те застрелам, да не си душа, душа огрешам. Од Крушевско На Пирина до два снега, под снегои два извора, над извори ладна сенка, под сенката јунак лежи, јунак лежи љуто ранет, љуто ранет во срцето. Оздол иде малка мома, малка мома Македонка. - Добро утро, млади Делчев! - Дал Бог добро, мила сестро! -Стани, стани млади Делчев! - Ој ти тебе, мила сестро, јас не можам веќ да станам, јас сум ранет во срцето. Да е кажиш на мајка ми, на мајка ми на сестра ми, от су ранет во срцето.
Песните се пеани на фестивалите во Битола и Скопје одржани на 11 Октомври 1947 година. Песните се објавени во книгата „Македонски народни песни“, редактирал Васил Иљоски, Скопје 1948 г.
Подготви: Марко Китевски |