Никој не ќе ми го прости татковинското, ниту ѕвездената љубов што во мене тлее, како што никој не ќе ги прости гревовите на мојот народ легнат под сенката на јадот!
Тука ми е „гра“ пушката, обесена на ѕидот, тука ми е и сабјата што блеска како сонце, тука ми е и од Гемиџиите аманет-динамитот, тука ми е в срце и слободата или смртта ...
А никако крст да сторам, рака да подадам, да земам сабја, нежно личотија да и галам, да дофатам пушка, динамит в појас да ставам, да бакнам знаме, клетва за Татковината да дадам!
Месечева светлина низ прозорец скршен ѕирка, ме буди од сонот а никако буден на нозе да станам, да завиорам душа, јас ајдук, над ајдучка гора, да разиграм срце, јас комита, со комитска песна...
Камбани бијат, не будат, а ние будни не сме, небото грми, земјата мајка во очај ни татни, и пак, гуша за гуша братски си вадиме душа, не гледајќи ја бездната што катаден не голта!
Како да не мислиме ништо во ветровито време, како да не мислиме што другите нас ни мислат: како сè да е бесмислено кога педа по педа ни земат и од родни куќи, од родна стреа, од своето не бркат!
О, брату мој, од иста мајка и од ист татко семе: Сал прегратка братска, знај, силно нас ни треба, знаеме кој сме и што сме и од кое гордо племе, а Татковината треба да биде на потомците и наша !
Панде Манојлов 14 март 2013 г
|