Никола Вапцаров
Што беше за мене ти? — Ништо. Една загубена земја на рицари и на плата. Што беше за мене ти? Огниште на некаква љубов жестока што диво се опива од крв, од блесок на ками; од шлагери и од гитари; од страст, љубомора и псалми.
Ти за мене сега си судба. Ти си писанија моја. Неразделен учесник сум ти во борба за слобода твоја. И сега горам, сега се радувам на секој твој успех боен и верувам во твојта сила млада — ја влеав в неа силата своја; се борам сега до победата в митралески гнезда скрит низ улиците на Толедо и пред ѕидот на Мадрид. Еден работник, со блуза сина, пронижан до мене спружен и под капата искината без запир му топла крв струи. Тоа мојта крв е, која тревожно му в жили клока, и го знам јас — пријателот тој е од ланкаширските котли, кај што двајца со лопати работевме на печка општа и немаше ѕид што може копнеж младешки да сопре... Спиј, мој другар, спиј ти мирно под знамиња в крв што темнат. Твојта крв во мојта мине и после во цела земја. И сега таа крв си тече во фабрики, од град во градот, ги бранува, ги движи, влече селата во строј параден — на упорната надежност, на трудот и на смелоста, на сурова неизбежност, на крвавата слобода. И дига денес барикади, во жилите лее кураж, вришти безумна од радост: „Мадрид е наш!
Мадрид е наш!“
Светот е наш! Не бој се, друже! И секој молекулен дел е наш.
Под небото јужно ти спиј и веруј, веруј во нас! |