(На прилепските-македонски бранители)
Осми август-Света Петка двеилјадипрво лето господово светол божји ден, чуден кобен ден... ден, на кого му било судено да биде суден, ден, кого по утрото го препознаваат само алчните, предавниците.
Сонцето како да зајде пред време јанѕа го нагризуваше-насетуваше... денот стана ноќ а ноќта ја снема младите војници заминаа в зори да го исполнат заветот, аманетот прадедовски да ја бранат татковината.
Попат како да ги стигна клетва лоша проклетсво, издајство, предавство синдром македонски ... како, кога за грст валкани сребреници ни отидоа јабана и Делчев и Сугарев и Турунџев Горче Петров, Веле Марков, Христо Узунов низа херои знајни и незнајни... А, Лопушник, Вејце... а сега, како капак Карпалак. Карпалак, тежок македонски залак.
Заседа мрачна, арнаути клети трештат золји и калашникови оган гори на Карпалак, Македонија пак крвари. Потоа молк, зла тишина, мирис на барут река крв. Паднаа мртви херои млади од огнени зрна завија мајки, татковци и невести млади во црно.
Прилеп градот застана простум, сите се деца негови... жал и гнев во него царува, повеке шепоти отколку зборува историјата ни се повторува; Сашо, Љубе, Нане, Ердован, Горан, Пецо, Веби, Бранко, Марко и Дарко херои се нови во градот под Маркови кули.
Прва “Прличева награда” Сиднеј-2004
Перо Дамчевски Коцин |