Високо над Вардар низ ридот гол и сив се издига како величанствен див по стрмнина кршна расејан без ред с убавина Велес што заноси глед.
Со камени куќи градени по патент со стилот мајсторски на стар Ориент. Чардаците од нив избулиле очи над калдрма тврда од камени плочи.
Капенците стари с орнаменти разни со молци се борат на дуќани празни и плачат и тажат за мајстори свои што седеле на нив со скрстени нозе.
Чаршијата уште ликот свој го чува на ковачот искри с мев денес не дува ни кожувар мајстор кожуви не шие, ни бакалин лири во долашче крие.
Годините бурни од модерна доба над овој град славен истуриле злоба но од него уште убавина грее и со слава уште Велес ќе живее.
Патник штом навлезе по сокаци тесни веднага тој чуе велешански песни за Миле Поп Јорданов, за Стефан војвода гордоста на градот - борци за слобода.
Помини - намини низ велешки сокаци дув ќе сретнеш таму на стари јунаци, тие ќе ти речат: „Слушај синко млад многу борци даде овој храбар град“.
Високо над Вардар низ ридот гол и сив се издига како величанствен див по стрмнина кршна расејан без ред с убавина Велес што заноси глед.
Вардар бујна река ликот му го мие а ридот каменит тајните му крие.
Драган Богдановски |