|
||||
Вековните пораки на најголемиот христијански празник Велигден |
Во христијанската религија, Велигден е најголемиот верски празник, празник над празниците. На тој ден христијанските верници го одбележуваат Христовото Воскресение, настан кој ја содржи целата суштина на христијанството и потврда на верата. Се прославува денот кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. „Празна ќе беше нашата вера, ако Христос не воскреснеше“ ќе рече во своите проповеди Свети Павле. Велигден како најголем празник, симбол на победата над смрта, денот кога Исус Христос воскреснал од мртвите, се празнува уште од првиот век на нашата ера. Врз основа на Светото предание, овој празник кој е спој на верата и традицијата, се практикува уште од времето на светите апостоли, христовите ученици и нивните наследници. Македонските православни верници со посебна радост го пречекуваат Велигден. На овој празник му претходат долгите Велики пости, кои траат седум седмици, а почнува на Велики Четврток, кога домаќинките уште пред изгрејсонце ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Како што на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне, така и бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, на Христовото Воскресение. Традицијата за вапцање на јајца има длабоки корени во историјата на светската цивилизација. Митот за создавањето на светот од јајце, а со тоа и јајцето како симбол на нов живот, се сретнува во повеќе култури на стариот свет. Оваа традиција се пренесува и во христијанството, а црквата го прифатила како симбол на Христовото воскресение. Ако јајцето значело нов живот, тогаш црвената боја била симбол на победата, симбол на божјата сила и моќ. Воедно црвената боја ја симболизира и крвта на Исус која божјиот син ја пролеал на крстатот за спасение на сите луѓе на земјата. Марија Магдалена се смета дека била првата која го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца. Наскоро по Христовото вознесение, Спасовден, Марија Магдалена, го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Следејќи го нејзиниот пример првите Христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе! Оваа практика и до ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се` до Вознесението Христово, Спасовден. Факт е дека прославувањето на Велигден секоја година го менува датумот. Претходно Велигден се празнувал на разни датуми. Првите правила според кои се одредува датумот кога се прославува Велигден се донесени во 325 година на Првиот Вселенски собор кој бил одржан во Никеја. На соборот кој бил свикан од страна на римскиот император Константин I, биле донесени неколку решенија. Едно од решениjата кое било донесено се однесувало на датумот на славењето на Велигден (Пасха), најзначајниот празник во христијанскиот календар. На соборот било решено празнувањето да се одбележува првата недела после првата полна месечина од пролетната рамноденица, независно од библиското хебрејско сметање на времето, а Александрискиот Архиепископ имал овластување секоја година да го соопштува датумот на останатите архиепископи. Правилата според кои денес се одредува Велигден, се дефинирани дури во 526 година. Според овие правила, Велигден секогаш е во недела и е по пролетната рамнодневница, во првата недела по полната месечина. Велигден не смее да се совпадне со еврејскиот празник Пасха, ниту да биде пред него. Доколку првата млада месечина по рамноденицата е пред Пасха, Велигден се одложува за првата недела по следната полна месечина, но доколку пак во ист ден се совпаѓа со Пасха, се одлага за една недела. Разликите во сметањето кои се појавуваат со постоење на два христијански календари, Јулијански (православен) и Грегоријански (католички), обично предизвикуваат и различно празнување на овој голем христијански празник. Славењето на Велигден и сите обичаи кои се поврзани со овој празник, всушност во себе ја носат вековната порака на синот божји, за мир и пријателство, за човекољубие и взаемно почитување, за свое осознавање и позитивно осмислување на животот. Христос Воскресе! Вистина Воскресе! Христос Воскресе! Навистина Воскресе! Македонска нација |