|
||||
ХОЛОКАУСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ (I дел) |
Автор: МАРТИН ТРЕНЕВСКИ Вие кои ги преживеавте стравотиите што ги снајдоа Eвреите од Македонја и од цела Европа треба да живеете слободно во слободна Македонија, да ја обновите вашата (Еврејска) општина и да ги продолжите традициите на вашите претци... ~ Димитар Влахов Овие зборови им ги упати прекалениот илинденец и револуционер Димитар Влахов на малкумината Евреи кои ги повика во декември 1944 година со цел тие, како и оние ретките кои успеаја да се вратат живи од логорите на смртта ширум Европа, што побрзо и поуспешно да се вклопат во новата заедница. Влахов во таа прилика предложил да се организира конференција на преживеаните Евреи што, истовремено би била и основачко собрание на нивната нова Еврејска заедница (општина). Тој во таа прилика им се извинил на присутните Евреи што не ќе може лично да присуствува на основачкото собрание поради крефкото и нарушено здравје, но нагласил со искрено возбудување дека сеуште му се свежи сеќавањата за далечната 1910 година кога солунските Евреи на плеќи го понесоа на изборите за Турскиот парламент со чија помош беше избран за член на Меџлисот во Цариград. Собранието за обнова на Еврејската општина е одржано во куќата на Евреинот Ашер Бити во некогашното Еврејско маало под скопското Кале (тврдина), каде денес се наоѓа Меморијалниот музеј на холокаустот со почеток во 17 часот, а завршило доцна во ноќта со избор на претседател, два потпретседатели и секретар. За прв претседател на обновената Еврејска општина бил избран Ѓорѓи Блајер, за секретар неговата сопруга Лена, а за потпретседатели Јосип Грас и д-р Боро Варон. Така, со тој настан, малата група преживеани македонски Евреи го продолжи животот во Македонија што на најголем дел нивни најблиски им беше брутално прекинат на 11 март 1943 година по долгата и внимателно подготвувана акција на бугарските фашистички окупатори и нивните нацистички германски спонзори. Беше прекинат животот на македонските Евреи што се одвиваше непрекинато повеќе од 2.000 години. Дури 98 одсто од македонските Евреи беа испратени во логорите на смртта. Иронијата на судбината беше навистина немилосрдна: животот на Евреите во Македонија што со милениуми течеше со нивните македонски и соседи и припадници на народностите беше безмилосно прекинат во еден ден, во името на една болна идеологија за чистата раса што ја пропагираа нацистите во Германија предводени од нивниот водач, бившиот каплар Адолкф Шикелгрубер Хитлер, којшто и самиот го немаше расчистено значењето на поимите раса, народ и нација. Македонскиот народ и етникумите што живеат во Македонија - Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Евреи и други дадоа голем придонес во отпорот и победата над фашизмот. Во Македонија, во текот на Втората светска војна паднаа големи жртви во борбата против германските, италијанските и бугарските наци-фашистички окупатори и нивните домашни слуги кои за своите неуспеси на бојното поле, својот злосторнички бес го истураа над голоракиот народ. Ѕверскиот злостор што го сторија на македонските Евреи германските и бугарските фашисти секако е еден од најгрозните... На 11 март 1943 година беше запечатена судбината на еврејското население во Македонија. Тој четврток, на 11 март 1943 година, повеќе стотици бугарски агенти, полицајци и фашистички војници ги собраа, после долги и систематски подготовки, речиси сите Евреи во Македонија и ги затворија во импровизираниот собирен концентрационен логор во скопскиот Монопол - специјално подготвен за таа намера, од каде после десет дена ги депортираа во лoгорот на смртта Tреблинка, во Полска. Ниту еден Eвреин од таму не се врати жив! Меѓунаслов: НАСЕЛУВАЊЕТО НА ЕВРЕИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА - ЖИВОТ ДОЛГ СО МИЛЕНИУМИ Хроничарите забележиле дека првите населувања на Евреите во Македонија се случуваат уште во дамнешните антички времиња заради честите војни што се случувале во Светата земја. Евреите се населуваа ширум античкиот свет, без татковина и земја, примани како маченици, но понекогаш и со отпори. Античките писатели забележале дека во колониите на Феникијците долж Средоземјето живееле Евреи. Некои историчари сметаат дека по походите на Персискиот цар Дариј дошло до големо иселување на Евреите, други пак тврдат дека до масовно иселување дошло по походот на Александар Македонски на исток, а трети тврдат дека до масовно иселување дошло по освојувањето на Ерусалим од страна на Римјаните и падот на еврејската држава. Во третата "македонска" војна (170-186 година пред новата ера), кога последниот Македонски цар Персеј ги загубил од Римјаните Солун, Стоби, Хераклеа, Лихнидос..., меѓу жителите затекнале и Евреи. Меѓунаслов: ВОСТАНИЕТО ПРОТИВ РИМЈАНИТЕ Светата земја во 63 година пред новата ера ја покорил Римскиот император Помпеј, а во 40 година пред новата ера покорените Евреи дигнале востание против Римјаните кои по три години војување го задушиле во крв, а Евреите по тие случувања како робови биле депортирани ширум империјата, вклучувајки ја и Македонија. Непосредна потврда дека Евреите во Римската империја живееле и во Македонија е писмото од Еврејскиот крал Ирод (10-та година пред новата ера) до Римскиот император Калигула и пишувањето на александрискиот филозоф Филон. Во I и во II век пред новата ера Евреите повеќе пати се побуниле против Римските освојувачи, а за да ги смири состојбите во империјата царот Хадриан ги раселувал ширум Римското царство. Не се знае точно кога Евреите се населиле во Македонија, но сосема извесно е дека во овие краишта дошле многу порано од останатиот дел од Балканот. Евреите се една од најстарите етнички групи што живеат во Македонија. Во текот на владеењето на римјаните Евреите живееле организирани во општини и уживале одредени права што им ги овозможувала Римската империја. Во Солун, Бер, Филипи, Стоби, Скупи, Хераклеја, Лихнидос... Еврејските општини имале автономна економска управа, па донекаде и судска управа. Им било овозможено да си ги извршуваат религиозните обреди во своите синагоги според јудејските закони. Секоја општина имала своја синагога и свои приходи, а на чело на синагогите биле Еврејски г е р у з и и, или к о н г р е с на старците. Во текот на ископувањата во античкиот локалитет Стоби кај Велес, е откриена "Полихрамосова синагога", еден од најстарите споменици од овој вид на Балканот, за којашто се верува дека е подигната непосредно по објавувањето на Миланскиот едикт со кој императорот Константин во 313 година од новата ера го призна христијанството, но и јудаизмот за една од официјалните религии во Римската империја. Не се знае со што точно се занимавале Евреите во тој период, но се претпоставува дека биле трговци и занаетчии. |