|
||||
Обичаи и верувања од Божик до Водици |
Ако го донесла работата чоека за да одит на туѓина на Божик, дури не поминат Водици, не чинело да се оди, оти било за неарно. Навечер не бидуало да шијат терзиите, нито жените бидуало да предат и друга работа да работат од Божик до Водици, чунки не била крстена водата и леунка била Богородица. Од Божик до Водици не чини навечер да плетат жените чорапи, чунки Богоројца ет леунка. Од записите на Марко Цепенков. (Во Неврокопско каде на жалост не сум имал можност да ги запишам многу интересните и чистонародни обичаи Бадник го викаат Кадилка, бидејќи како што се гледа таа вечер го поткадуваат со темјан Дедо Бадник или Коледа.) На 24 декември или на Бадник мошне рано уште од темни зори, градските деца или момчиња од 12 годишна возраст надолу, а понекогаш и поголеми, собрани во групи по 3-5-10 секоја, одат по куќите и со коледачките во рака, тропаат од врата на врата пеејќи ја песната: „Сива, сива голобица...“ итн. Во секоја куќа по отпевањето на песната им даваат ореви и костени. Заб. По селата пеат: Коледа, бабо коледа... итн. Тамо наместо ореви и костени им даваат специјално направени колачиња. Бадник-вечер. Вечерта истиот ден т.е. спроти Божик на оганот ставаат една голема пенушка од смрека да гори цела ноќ при што сите домашни луѓе не спијат, туку преноќуваат будни, та од тоа, се гледа дека ноќта е наречена Бадник- будник. Заб. Смреката кога гори на оган прска искри, та сакале, не сакале принудени се да не спијат за да се чуваат да не изгорат. Ви Кукушко истата вечер до скоро време правеле и вечера за Деда Божика. Откако ќе ја ставеле вечерата на трпеза ја ваѓале надвор во дворот па до три пати го канеле Деда Божика со овие зборови: „Поели Дедо Божик да вечераме.“ Во Скопје 1, Бадник. На Коледа 24 декември на утрото наречено Бадник како и во другите места и од куќа на куќа коледуваат пеејќи: „Коледа“. 2. Вечерта спроти Божик во секоја куќа прават повојница – пита, сарми, костени, смокви, едно кравајче и риба, која (повојницата) треба да се јаде за зачувување од грлобол. Од костените најстариот домаќин зема и фрла по 3-4 на четирите ќоша на крст во куќата откако ќе рече: За многу години. Од смоквите им дава на сите од семејството по неколку. Во кравајчето се става стара пара како во Охрид на Нова година, по смоквите домаќинот го раскршува кравајчето и еден дел од него остава за Света Богородица, втор дел за кандилото и третиот за дуќанот, а останатиот дел најпосле го разделува на сите домашни. Ако некој е на туѓина, оставаат дел и за него. Бараат во кој дел од кравајчето ќе се најде таа, велат дека во него таа година ќе биде касметот, и кон него сите обрнуваат внимание. Таа пара ја ставаат во грне со вино, да стои за време на трите дена од Божик потоа ја вадат и со еден конец од црвена и бела коприна ја врзуваат за рачката од грнето каде што стои до Водици. Потоа ја одврзуваат и ја чуваат внимателно. Од питата еден дел се чува до Водици кога ја даваат на децата да ја изедат, за заштита од грлобол. Костените што се фрлија на четирите ќоша на куќата тамо стојат до Богојавление, потоа ги сметуваат и ги фрлаат. Од нив никому не се дозволува да јаде за да не го фатат чиреи. Заб. Истите обичаи постојат и по селата со еден додаток: Пресекуваат едно дебело дрво, неговата пенушка, Бадник ја викаат, ја стават на оган за да гори преку вечерта. Кога ќе приближи на догорување ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските за само тие да видат кога ќе догори. Тоа значело да се раѓаат само женски од живата стока на домаќинот: т.е. јагниња, телиња, јариња и др. Од Рождесво до Богојавление т.е 12 дена от страв од тарамбакот жените не работат никоја важна работа како предење, влачење, перење итн. а уште од вечерта пред Божик ги кријат предметите за работа, а особено гребните, урките и вретената, за да не се гледаат. А мнозина дури и мажи не излегуваат ноќе од својата куќа. Од записите на Кузман Шапкарев. Божик. Божик е еден од најголемите христијански празници. Се празнува во чест и слава на Христовото раѓање. Божик и празниците пред него Кршенделија и Бодник (Бадник) денот го менуваат, но датумот не. Кршенделија се празнува на петти, Бодник на шести, а трите Божикни празници: Рождеството Христово, Соборот на пресвета Богородица и Свети Архиѓакон и првомаченик Стефан, се празнуваат на седми, осми и деветти јануари. На Кршенделија се кршеле ореви. На овој ден во секоја куќа се поставувала посна софра. На средината на софрата се поставувал голем каленик (чинија) наполнет со ореви. Кога семејството ќе седнело на софрата, сите се послужувале со неколку и ги кршеле. Доколку сите скршени ореви биле здрави, јатките биле бели и големи, според верувањето сите ќе ги служело здравје и напредија. Бодник (Бадник) се слави на шести јануари. Во раните утрински часови поголеми машки деца оделе да соберат бодници (бадници). Обично оделе на рудина, каде што има повеќе дабови стебла. Од дабовите се кршеле гранчиња и се носеле дома. Се оставале во близината каде што била поставена домашната икона со светецот – заштитник на куќата. На Бодник се меселе и печеле нафори, ишарани со проскурник, а се меселе и гугалици (специјални лепчиња што наликуваат на птица) за децата. Вечерта на Бодник пред да седнело семејството на вечера, сите се фаќале за бодниците при што едно бадниково гранче се фрлало во разгорениот оган во чест и слава на празникот што доаѓал. Ноќта меѓу Бодник и првиот ден на Божик – Рождеството Христово, не се излегувало од дома. Куќните порти се затворале, а со тоа според верувањето, им се затварал пристапот на нечистите и зли сили, се до првото пеење на петлите. А штом пропеале првите петли, возрасните членови на семејството се подготвувале за одење „В црков“. По слушањето на Утринската Божествена литургија посветена на Рождеството Христово, сите меѓу себе си го честитале празникот со поздравот: Ристос се роди! Навистина (ваистина) се роди! Во секој дом не само првиот туку и во наредните два дена од Божикното празнување се подготвувале богати и свечени софри. Се одело на честитање кај роднините, а исто така се чекале и гости. До пред педесетина години се негуваше една убава и несекојдневна традиција. Секое попладне се одело „На оро“ во селскиот културен дом каде што задолжително свиреле познатите дебарски зурлаџии и тапанџии. Мажите најчесто гурбетчии, седеле отстрана и секој ги изваѓал (ги редел) своите најблиски да го заводат орото. Напред играле младите невести, свршениците или девојките што се пред свршувачка, па дури постоел натпревар кој побрзо и повеќе невести и девојки ќе „извади“. Првиот ден на Божик го слават сите куќи во кои има крстено име Ристе или Божин, а третиот ден на ракија се оди во куќите каде што има крстено име Стефан. Да го забележам и ова: Порано на Божик во секоја куќа се колело теле, за да се омрсат софрите, а и за да остане месо за долгите зимски денови. Пред колењето на телето децата пееле: Дојде Божиќ на баџа, С шарена алаџа, Ќа колиме теле, Теле вели леле, Не колете мене, Колите го јарето, Јарето вресна, Козата збесна, Кравата им ја тресна... Од книгата „Битуше“ (празници, традиции, верувања) од Гале Фидановски, „Македонска ризница“, Куманово, 2006 г. Во Џепишта вечерта на Бадник во куќата се внесува дабово дрво и тоа се чува на гредите. Вечерта се прави грашарник. Се става тенџерето на огинот во кое се готви ручекот што ќе се јаде на Божик. Коледе во Џепишта не се одбележува. Од книгата „Џепишта“ од Методија Новковски Скопје 2005 г. Бадник На Бадник (6 јан.) утрото децата одат на „Сива, сива голабица“, што во други средини, па и во Струшко, се вика Коледа. Децата носат дрвени чеканчиња ишарани со три бои, со коишто се симболизира Светото Тројство. Боите на рачките од чеканчињата се во должина, во вид на винова лоза. Со чеканчињата децата тропаат на влезните врати пеејќи ја следната песна: -Сива, сива голобица, каде си се осивила? Песната децата ја проследуваат со трипати изговарање на радосната вест: Христос се роди! Христос се роди! Христос се роди! За вечера на Бадник домаќинките уште претходниот ден спремаат питулици без масло, само со шербет и ореви. Бадниковите питулици се постилци (според денешната терминологија: пелени) зашто наскоро ќе се роди царот небесен Исус Христос и треба да се повие. Ноќта меѓу Бадник и Божик оганот не смееше да згасне, цело време гореше. Вака се славеше Бадник во Струга до скоро. „Бадниковото дрво“ за нашиов град и крај е ново измислено и туѓо влијание. Ѕвездата „Дева“ Само што ќе замине Бадник, односно од 0,01 часот до кај разденување на Божик, ергени во групи од по пет и повеќе души одат со Ѕвездата да ја соопштат радосната вест кај роднини и соседи во коишто има девојка, приредувајќи серенада. Тоа се прави на следниот начин. Од книгата „Записи за минатото на Струга“, 2, од Јоне Кленко, Струга 2008 г. (Подготви Марко Китевски) |