Европа не знае или тешко може да ја сфати судбината на Македонците. Берлинскиот ѕид беше урнат, во Европа остана уште грчкиот ѕид, кој не е од бетон или од жица, туку од полициско-административна и правна
Македонците да ги уживаат сите права и слободи каде и да се во светот
Ѕидот означува единствен апартхејд во Европа, наменет само за Македонците некогашни граѓани на Грција. Во петицијата што беше доставена во администрацијата на министерскиот состанок на КЕБС беа забележени следните барања: - Република Грција да ги укине расистичките акти: Одлуката 106841 од 29.12.1982 година на министерствата за јавен ред и за безбедност и Законот 1540/85, како и другите дискриминаторски прописи за Македонците; - Република Грција на сите емигранти од Граѓанската војна (1946- 1949 г.) да им дозволи враќање во нивните родни места, редовна посета на родните места, на гробовите на нивните покојници... - Република Грција на некогашните емигранти, сега граѓани на други земји, да им овозможи непречено користење на сите права и слободи пропишани со Европската конвенција и со документите на КЕБС; - Република Грција со Југославија да воспостави визно-пасошки режим, како што има со сите други европски земји, да се урне грчкиот ѕид и единствениот европски апартхејд; - Република Грција и Република Бугарија да престанат со полициските прогони кон своите граѓани Македонци по националност, да можат тие слободно да се организираат како европски граѓани врз основа на меѓународните документи и врз основа на документите на КЕБС, да ги уживаат човечките и националните права и слободи во слободна Европа; - Република Грција и Република Бугарија да престанат со уништувањето на македонското културно и историско наследство; - КЕБС својата активност да ја насочи во целост да се почитуваат човековите права на Македонците во Грција и во Бугарија. Колегата Драшко Антов, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Бон, Германија, направи анкета со демонстрантите, која беше објавена во написот „Да се укине грчко-бугарскиот апартхејд“ („Нова Македонија“ - 24 јуни 1991 г.). „Ние Македонците сакаме не само Германците туку и целиот свет да чуе за вистината за Македонците во Бугарија и во Грција. Време е конечно да се дознае како овие држави ги негираат Македонците и не ги почитуваат основните права на човекот. Нашите браќа и сестри во Бугарија и Грција да ги имаат истите права како и малцинствата во Југославија, односно во Македонија, да зборуваат на македонски јазик“, рече Кире Џајковски од Диселдорф. Шеесетгодишниот Вернер Бауман ни изјави: „Навистина не сум знаел за поделеноста на Македонија. Ние овде, во источен Берлин, немавме никаква можност да дознаеме повеќе за вашата татковина. Уште помалку дека вашите сограѓани во Грција и во Бугарија се дискриминирани и непризнаени. Зарем е можно тоа денес, кога ние, Германците, се обединивме? Македонците се во Европа, па не ми е јасно како може денес да се случуваат такви нешта...“ Средовечната Урсула Сенфелт: „Ние имаме доволно гастарбајтери овде, и тие ги уживаат сите права и слободи. Зошто не е така со Македонците во Грција и во Бугарија?“ Полицаец што ја обезбедуваше поворката во изјавата истакна: „Навистина Македонците се добри луѓе, дисциплинирани и немавме никакви проблеми со демонстрантите. За Македонците и за нивната држава Македонија не знаев речиси ништо. Но деновиве дознав повеќе за нивните неправди во прилозите на овдешните радија и телевизии и во весниците. Многу малку се зборува и пишува за случајот ’Македонија и Македонците’“. Демонстрацијата беше одлично организирана, медиумски покриена, што овозможи вистината за Македонија да одекне во светот, констатира Мане Јаковлески, претседател на иницијативниот одбор. За дводневната работа на министерскиот состанок на КЕБС во Берлин, читателите на „Нова Македонија“ беа информирани од извештаите на Трајко Мирчевски, специјален известувач на весникот. Во првиот извештај „Усвоена посебна изјава за Југославија“ („Нова Македонија“- 20 јуни) информира: „Во монументалното здание на Рајхстагот во Берлин, со невидени мерки за безбедност, почна еден од најзначајните европски собири, состанокот на министерскиот совет, највисоко советодавно тело на КЕБС. Дводневниот собир на министрите за надворешни работи од 34 европски земји, САД и Канада го отвори германскиот шеф на дипломатијата Ханс Дитрих Геншер. За нас беше посветен посебен простор, односно заедничка декларација што ја прочита Жак Пос, а усвоена во последен момент, со консензус на подготвителниот комитет на министрите и во која министрите ја изразуваат својата загриженост и даваат поддршка за демократскиот развој, единството и територијалниот интегритет на Југославија, темелен врз економски реформи, целосно почитување на човековите права во сите делови на Југославија, вклучувајќи ги и правата на малцинствата и мирно решавање на сегашната криза во земјата. Министрите подвлекоа дека само народите на Југославија можат да решат за иднината на земјата. Тие повикуваат на продолжување на дијалогот меѓу сите страни и го потврдуваат својот став дека не се уште исцрпени сите можности за таквиот дијалог. Министрите ја изразуваат својата увереност дека врз тие основи меѓународната заедница е подготвена да им помогне на југословенските напори за нејзината економска и политичка трансформација. Во свечено украсената сала на Рајхстагот, германскиот канцелар Хелмут Кол, меѓу другото, рече дека повеќе од четири децении овој град беше жалосен симбол на поделеноста на Германија, што ја симболизираше истовремено и поделеноста на Европа. Сега, историско гледано, со забрзани чекори се оди да биде обновено единството на нашиот континент. Во непрекинатата борба на сите нации за слобода, мир и правда, цела Европа ги обновува својот идентитет и единство. ...Првата рунда од разговорите на министрите за надворешни работи, по прошетката на огромното плато пред Рајхстагот, продолжи и за време на ручекот, кој имаше исклучително работна атмосфера. Најмногу се говореше за Југославија. Во подолгото излагање пред министрите, југословенскиот министер Будимир Лончар, меѓу другото рече: ’Поаѓајќи од тоа дека Европа зависи од стабилноста на секоја европска земја, се чувствувам должен да кажам неколку збора за сегашната кризна ситуација во Југославија, за која не без причина се смета дека може да ги загрози мирот и безбедноста на европските простори’. Очигледно е, според Лончар, дека досегашниот и сегашниот облик на југословенското државно и општествено уредување е нормалното и дека не одговара на интересите на народите, па ниту на барањето на времето. Но што би се случило доколку Југославија се распадне, отворено се праша сојузниот секретар Лончар? Основна хипотека е дека би настанале држави што би биле не само во постојан меѓусебен конфликт туку и секоја од нив би била и внатрешно етнички потресена. Секоја би била онеспособена да биде вистински демократски и навистина европски оквалификувана. Затоа треба да се зачува единството на Југославија, зашто тоа е предуслов за демократски развој, во иста мера во која демократијата е императив на целокупноста. ’Јас верувам’, рече Лончар, ’дека тешко може да постојат други разумни опции’“.
Со срце за Македонија
На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“
(Продолжува)
Автор: КИРО КИПРОСКИ |