Среда, 14 Март 2018    PDF Печати Е-пошта
Обраќање на комеморативната вечер по повод 75-годишнината од холокаустот на Евреите од Македонија

ivanov1

Почитувани припадници на Еврејската заедница,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитуван потпретседател на Собранието на Република Македонија,
Почитувани министри, претставници на судската власт,
Почитуван претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Пред седум години како Претседател на Република Македонија се обратив на настан и повод сличен на денешниов. Тогаш го отворивме Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. И, ако тогаш зборував за историските паралели и врски меѓу Евреите и Македонците, меѓу Израел и Македонија, денес сакам да зборувам за идеите, вредностите и придобивките што нè врзуваат.

Кои се тие придобивки на Јудаизмот, што и преку христијанството беа проширени во светот, па и кај нас, во Македонија?

Првата придобивка е врежана во секој устав на секоја современа држава во светот. Тоа е концептот на човечкото достоинство. Колку и да ни изгледа современа, генеалогијата на оваа идеја нè враќа на еврејскиот наратив за почетоците на човештвото. Според Јудаизмот, секој човек е создаден по образ Божји, и според тоа секој човек има непроценлива вредност и неотуѓиво човечко достоинство.

Во Мишната е запишана следната мудрост: „Кога човекот кова многу монети од истиот калап, сите до една се исти, но кога Бог создава многу луѓе од истиот, прв човек, сите до еден се различни. Затоа, секој човек треба да каже: заради мене... заради мене светот беше создаден". И затоа оној кој ќе уништи еден живот, уништил цел свет, а оној кој ќе спаси еден живот, спасил цел еден свет.

Денес, во ерата на екстремниот индивидуализам, оваа идеја ни изгледа повеќе од очигледна до мера што е дури и банализирана. А сепак, оваа иста идеја била повеќе од апсурдна во античкиот свет, во времето кога луѓето биле поделени на робови и на робовладетели. Еднаквото достоинство на човечката личност е семето од кое изникна стеблото на човековите права и слободи.

Втората придобивка на Јудаизмот е тесно поврзана со првата. Еднаквото човечко достоинство е изразено преку еднаквоста на секој човек пред законот. И повторно, оваа еврејска идеја за егалитарен и праведен закон звучела чудно во ушите на нивните антички современици, кога законите се менувале според хирот на фараонот или волјата на царот. Во таков свет Јудаизмот ја вовел практиката на владеење на законите, наместо владеење на луѓето. Но, тоа е затоа што Јудаизмот препознава дека изворот на правдата не е материјален, туку е трансцендентен.

Третата значајна придобивка на Јудаизмот е прашањето за вистината. Во ера на античкиот плурализам, кога скептикот Пирон се сомневал во постоењето на објективната вистина, Евреите тврдат не само дека постои апсолутна вистина, туку дека тие се избрани да бидат сведоштво за таа вистина.

Ова е особено важно во нашево време на лажни вести и гласини, на конструирани реалности и војни на перцепции. Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес, кога новиот релативизам очекува од нас да го прифатиме како апсолутна вистина тврдењето дека нема апсолутна вистина. Но, зошто е толку важна вистината? Бидејќи вистината е основа за довербата и за одговорноста врз кои се темели секое слободно општество.

Дами и господа,

Јудаизмот се вгради во нашиот свет до таа мера што повеќето трајни вредности на кои секојдневно се повикуваме се препознаени како Јудео-христијански. Човечкото достоинство, човековите права, слободата на мисла, совест и религија, владеењето на правото, објективната вистина... ова се темелите и носечките столбови на современиот свет.

И токму во тоа се состои големата неправда. Евреите беа ограбувани токму од правото да ги уживаат придобивките на вредностите што преку својата вера ги внесоа во нашиот свет, на нашиот европски континент.

Наместо како рамноправни граѓани со свои гарантирани права, тие беа сведени на граѓани од втор ред. Еднаквоста пред законот им беше одземена преку една пародија на правото што ги изнедри Нирнбершките закони. Евреите, кои придонесоа да се јави концептот на еднаквост пред законот, станаа помалку од еднакви.

Со силата на неправедните закони, фашистичкиот окупатор на македонските Евреи им го одзеде правото на глас, движење и собирање, правото на работа и сопственост, правото на образование... И така сè до 11 март 1943-та, кога им го одзеде и правото на слобода.

На 11 март, пред точно 75 години, фашистичкиот окупатор ги собра македонските Евреи од Битола, од Штип и од Скопје на едно место – во скопскиот монопол. Низ еден од прозорците на монополот, шестгодишниот Исак Адижес гледал како сите членови на неговото семејство ги товарат во вагони за добиток и ги праќаат до нивната последна станица – Треблинка.

Во оваа фабрика на смртта, Евреите прво го минувале процесот на рециклирање во кој биле лишени од содржината на нивните куфери, од нивната облека, од нивната чест. Потоа, биле спроведувани по патеката што водела до гасните комори и што цинично била наречена Химелштрасе или патот до небото. Болните и изнемоштените, старците и децата кои ја забавувале колоната ги насочувале кон лажната амбуланта која била само параван зад кој се криела голема јама со запален пламен, во која веднаш ги фрлале. Другите ги затворале во гасните комори маскирани како туш-кабини. По 20-тина минути, нивните безживотни тела ги отстранувале и ги кремирале за од нив да не остане ниту трага. Тоа е Треблинка, фабриката на смртта, со софистицирана производствена лента чиј конечен производ биле мртви тела, прав и пепел.

Фактите ни говорат дека холокаустот на македонските Евреи претставува најефективно извршување на „последното решение на еврејското прашање" во светот во согласност со монструозните заклучоци од Ванзенската конференција од 20 јануари 1942 година. 7.144-те депортирани Евреи кои завршија во пеколот наречен Треблинка, претставуваа 98% од севкупната еврејска популација на окупирана Македонија. Од нив, дури 50% беа деца. Нацистичките монструми во Треблинка речиси до совршенство го доведоа процесот на индустријализираното убивање луѓе. Запрепастувачки е податокот дека екстерминацијата на речиси 900.000 Евреи во Треблика, меѓу кои беа и македонските Евреи, е спроведена од само 150 лица.

Но, зад овие застрашувачки статистики се наоѓаат вистински луѓе, наши сограѓани, секој со своето лично име и со својата животна приказна. И секој еден од нив беше ограбен не само од материјалната сопственост туку, уште пострашно, од правото на човечки идентитет.

ivanov2

Почитувани присутни,

Во еден од псалмите се пее дека Бог го определува бројот на ѕвездите и секоја од нив ја повикува по име. Во тој контекст, Џонатан Сакс нè потсетува дека името е знак на посебност. Имиња им даваме само на нештата кои вредат да бидат именувани.

Но, наместо како поединци, секој со сопственото лично име и идентитет, Евреите беа обезименети и сведени на безлични бројки и статистики. На оние кои завршиле во концентрационите логори, откако биле жигосувани со сериски број, им било кажувано: „отсега натаму, заборавете си го името и научете ги напамет бројките за идентификација". Бројка, наместо име.

Една мудрост вели: „Nomen est omen – во името е суштината". И затоа имињата и идентитетите толку често биле оспорувани бидејќи ја отсликуваат посебноста. Не сакам да споредувам трагедии, бидејќи ништо не може да се спореди со трагедијата на холокаустот. Но, сево ова треба да ги замисли сите оние кои со голема леснотија лицитираат со лични и колективни имиња и идентитети, вклучително и со македонското име и со македонскиот идентитет.

Затоа и секогаш кога зборуваме за холокаустот на Евреите од Македонија, ние никогаш не го генерализираме бројот на жртвите. Никогаш не велиме дека имало над 7.000 или околу 7.000, туку секогаш велиме дека имало 7.144 жртви. Бидејќи секоја од тие човечки души за себе можела, дури и пред портите на гасните комори да каже: „заради мене... заради мене светот беше создаден".

Наместо како луѓе со неотуѓиво човечко достоинство, Евреите беа обесчовечени и како лабораториски заморчиња беа употребувани во монструозните експерименти на болните умови.

Но, сето тоа беше можно бидејќи првото и последното нешто што им го одзедоа на Евреите беше вистината за нив.

Драги пријатели,

Евреите никогаш не беа целосно прифатени во Европа. Антисемитизмот и ксенофобијата што со векови тлееја низ нашиот континент ги открија слабостите на западниот концепт на толеранција. Во услови на длабоки кризи, авторитарните и тоталитарните режими бараа жртвено јагне и го најдоа во Евреите. Со помош на антиеврејска пропаганда, лажни вести, конструирани случаи, тие создаваа масовна психоза преку која гневот на незадоволните маси го насочуваа кон Евреите.

Такво нешто немаше во Македонија.

За разлика од западноевропската традиција на толеранција, ние имаме филозофија на почитување и прифаќање на различноста, која е фундаментално различна од толеранцијата. Додека се толерира она што се мора, се почитува она што се сака. Оваа традиција на отоманскиот милет систем ни овозможи да изградиме модел на интеграција без асимилација што се темели врз почитувањето на различноста.

Македонците не ги толерираа, туку ги почитуваа и ги прифаќаа Евреите како вистински сонародници, како неотуѓив дел од Македонија, во духот на македонскиот модел на соживот.

И Мориц Романо еднаш напиша дека Македонците во Евреите не гледаа туѓинци, туку домородци. Евреите не живееја покрај христијаните, туку со христијаните. За Евреите, Македонија не беше туѓа, туку света земја. Раселувани и прогонувани, Евреите го најдоа својот втор дом тука, во Македонија. Во Македонија никогаш не постоел антисемитизам.

И затоа не треба да нè изненадува што Евреите се вклучија во секоја сфера од животот.

Најстарата синагога во светот, надвор од Израел, е во Стоби, во Македонија.

Еврејските занаетчии и трговци беа аршинот според кој се мереше професионалната етика во чаршијата.

Првите книги што беа печатени тука, на Балканот, беа печатени во Еврејската печатница, на првата печатарска преса во Отоманската Империја.

Некои од најубавите македонски и балкански народни мелодии кои немаат типичен балкански ритам се всушност сефардски елегии, како што е „El amor kon un estranyo" или кај нас позната како „Ој девојче, ти тетовско јаболче".

Првите рецепти за многу од највкусните балкански јадења беа напишани на ладино.

Еврејските домови беа декорирани со разнобојни килими. А какви се килимите, таков е и животот на македонското општество, со различни религии и народи, различни култури и менталитети.

И сето тоа ни беше одземено преку ноќ.

Ако ги прелистате училишните дневници од таа кобна година, ќе видите дека до името на секој од учениците – Евреи со мастило бил додаден коментар: „иселен на 11.3.1943 година", „иселена на 11.3.1943 година". Ништо друго.

Преку ноќ, детскиот џагор во еврејските маала згасна.
Чаршијата ги изгуби своите најголеми еснафи.
Синагогите беа напуштени, а свитоците од Тората однесени.
Еврејските здруженија кои беа пример за солидарност престанаа да постојат.
Дури и еврејските гробишта останаа запустени.

Преку страдањата на Евреите во Треблинка страдаше и Македонија.
Во Треблинка изгоре дел од Македонија.

Ретки се тие што се спасиле.

Некои пред холокаустот се иселиле во Израел, Америка, Чиле... Меѓу нив бил и еден од последните преживеани илинденци, Рафаел Камхи.

Меѓу посреќните бил и две и полгодишниот Шаул Гатењо кого неговата дадилка успеала да го извлече од монополот. Од скопскиот логор во последен момент избегале и младите Алберт Мушн Ароести, Алберт Сарфати и Жозеф Камхи.

Тука е и Гита Калдерон од битолската фамилија Шами која за влакно ја избегнала депортацијата во Треблинка, за потоа да проживее пекол низ Аушвиц-Биркенау, Берган-Белзен и Венусберг.

Меѓу малобројните преживеани се и оние кои се приклучиле во Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ. Генералот Бено Русо, народниот херој Естреја Овадија-Мара, првоборците Жамила Коломонос-Цвета и Роза Камхи Русо, борците Шами Мориц и Виктор Пардо, Аврам Анаф и Ели Фраџи, Виктор Мешлуам и Аврам Садикарио, Јосеф Песо и Мордо Тодолано, Нисим Алба и Арон Ароести, Естреја Леви и Самуел Садикарио, Алберт Касорла и Алберт Русо, АСНОМ-ецот Исак Сион и други преживеани македонски Евреи се бореа за нашата слобода и се вградија во македонската држава. Истовремено, тие станаа и коренот од кој израсна новата еврејска фиданка, новата Еврејска заедница на Македонија.

Како нераздвоен дел од македонското општество, Еврејската заедница е гарант и за пријателските односи меѓу Република Македонија и Државата Израел. Но, исто така, Еврејската заедница и е жив сведок дека злото го нема последниот збор. А тоа сведоштво е неопходно за да ја зачуваме вистината за депортираните Евреи.

Затоа, како држава во 2000 година донесовме Закон за денационализација на еврејските имоти без правни наследници и го формиравме Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. И со тие средства како држава во 2011-та го подигнавме Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, за кој постојано истакнувам дека е повеќе од музеј. Тоа е училиште за оваа и за наредните генерации во кое се учи што човек е способен да му направи на човека.

Драги пријатели,

Пеколниот круг на лагата што започна со антиеврејската пропаганда и кулминираше со Шоа, се затвора со современите обиди за негирање на вистината за холокаустот. Како држава ние треба да го пронајдеме вистинскиот баланс меѓу гарантирањето на слободата на говорот и борбата против говорот на омраза.

Затоа, наша света должност е да ја зачуваме вистината за холокаустот. Да го зачуваме споменот за секој еден од 7.144-та Евреи, секој со човечко достоинство и идентитет. И со тоа, да ја задоволиме правдата, најдобро што можеме. Бидејќи, само така ќе имаме мир. Само така ќе имаме шалом.

Ви благодарам.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.