Среда, 02 Мај 2018    PDF Печати Е-пошта
ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (13)

demonstracii13-1

Киро Кипроски

Во Единбург не беше повторена Лисабонската декларација

Во шкотскиот главен град Единбург, на крајот на 1992 година, на 12 декември, на првиот работен ден на Самитот на дванаесеттемина на ЕЗ, во организација на „Обединети Македонци“ од Канада, беше одржан македонски протест чија цел беше да се извојува дефинитивна победа на македонската вистина и Македонија да биде призната како независна држава. За работата од овој самит за читателите на „Нова Македонија“ известуваше колешката Слободанка Јовановска. Во написот „Минимална победа на македонската дипломатија“, објавен на 14 декември 1992 год., ќе ја образложи донесената одлука:
„Општ впечаток е дека Европската заедница на самитот во Единбург успеа да преброди една криза затоа што, како што се посака на овој состанок, националните интереси на земјите-членки на ЕЗ и натаму се поважни од колективните што се однесува до прашањето за меѓународно признавање на Македонија, грчкото вето на признавањето и на овој самит профункционира. Сепак во одлуката не е повторена Декларацијата од Лисабон дека Македонија пред признавањето мора да го промени името. Тоа се толкува како минимална победа на македонската дипломатија, за што, очигледно, за овој проблем сега мораат да расправаат Обединетите нации. Исто така, се чини дека се потврдија претскажувањата дека македонскиот проблем ќе помине во „надлежност“ на Обединетите нации, каде што Грција го нема правото на вето“.

На конференцијата за печат, британскиот премиер Џон Мејџор рече дека барањето за признавање на Републиката (м.з. Македонија) и натаму е мошне чувствително и дека одредената помош за оваа земја ќе значи економско заздравување и стабилност во регионот.

Блиска средба на „Обединетите Македонци“ со грчките градоначалници

Грчко-македонското непријателство „експлодира“, на 10 декември, кога во центарот на Единбург случајно се сретнаа членовите на организацијата „Обединети Македонци“ и стотина градоначалници од Грција. По меѓусебните вербални провоцирања, проработија и транспарентите и знамињата, едните со жолта ѕвезда на црвена основа, а на другите со ѕвезда на сина основа. Полицијата, која тие денови доминираше во шкотската престолнина, за среќа, брзо интервенираше и ги раздели скараните, кои, за да се разберат подобро, се надвишуваа на англиски јазик.

Околу 100 грчки градоначалници, следниот ден, на 11 декември, демонстрираа пред замокот во Единбург каде што дванаесеттемина лидери на ЕЗ имаа ручек, извикувајќи дека „Македонија е дел од грчката историја“. Притоа се судрија со неколку десетици Македонци, членови на „Обединети Македонци“, кои пристигнаа од Торонто за да побараат од учесниците на самитот да ја признаат Македонија.

Демонстрациите сепак оставија трага

Четврт век помина од одржувањето на првата демонстрација на Македонците за меѓународно признавање на Македонија во Европа, во Берлин. За демонстрациите во Германија, Белгија, Швајцарија, Луксембург, Шведска, Шкотска, Данска, во Австрија, првпат ексклузивно се објавува во овој фељтон на „Нова Македонија“, која, исто така, во годините кога се одржуваа, за нив информираше, како и за другите активности на патриотските собири на Македонците. Со голем патриотизам Македонците во дијаспората, без да размислуваат и да бидат свесни за тоа, испишаа дел на поновата современа македонска историја. За ова досега воопшто не е пишувано, а овој фељтон треба да ги поттикне историчарите да се посветат да го проучат овој голем потфат на Македонците во дијаспората, што се случуваше пред дваесет и пет години.

demonstracii13-2

Од денешен агол погледнато и анализирано, како иницијатор и организатор, можам да заклучам дека демонстрациите одиграа клучна и значајна улога во меѓународното признавање и афирмација на младата македонска држава во светот. Значајно е и тоа што Македонците од сите страни на етничките граници на Македонија, оддалечени со илјадници километри од своите родни огништа, далеку во Европа се сплотија, се обединија и заеднички дејствуваа и на дело го искажаа големиот патриотизам во одбраната на својата татковина Македонија, што го правеа со голема гордост.

- По дваесет и пет години од одржувањето на првата мирна македонска демонстрација за меѓународно признавање на Македонија, во Берлин, пред Рајхстагот, во кој се одржуваше самитот на КЕБС и низ берлинските улици, Македонците го кренаа својот глас за својата татковина Македонија. Тоа беше почеток, демонстрациите и другите активности за одбрана и афирмација на Македонија продолжија низ Европа - се присетува организаторот и двигателот на првата и на наредните демонстрации, Мане Јаковлески. Од оваа временска дистанца, додава тој, можам да кажам дека македонската дијаспора со протестите во Европа, Австралија, Америка и во Канада одиграа клучна улога кај меѓународната заедница за признавање на Македонија. Големиот број демонстрации и протести на многубројната македонска дијаспора со кои се бараше признавање на македонската држава, овозможи да се слушне за Македонија, за македонското име, за неговата историја и голгота низ која минуваше македонскиот народ низ вековите. Сето тоа даде плод и денес Македонија со своето уставно име е призната од повеќе од 130 земји во светот.

Во 25-те години постоење како суверена држава, Македонија постигна многу. Меѓутоа, поради вештачки создадениот спор од страна на нашиот јужен сосед, кој сѐ уште ги оспорува нашето име, идентитет и култура, ни нанесува големи штети и низа тешкотии во евроатлантското интегрирање, кое има негативно влијание врз побрзиот економски развој. Ние, Македонците сме упорни и ќе ги надминеме тешкотиите, но нема да го смениме нашето име, кое е поврзано и со нашиот идентитет, категоричен е Јаковлески. Според него, клучен чувар на македонскиот идентитет е македонската дијаспора, која секогаш е подготвена да го крене својот глас.

- Огромно задоволство и неизмерна радост бликаше во душата и на Македонците од дијаспората, кога беше конституирано првото демократско парламентарно собрание на Република Македонија, со што почна да се остварува сонот за слободна и независна Македонија и едно мирно обединување на Македонија, во обединета Европа - во напишаната изјава за оваа прилика истакнува 81-годишниот Гојко Јаковлески, еден од најекспонираните (дисиденти) мигранти во Западна Германија и истакнат активист и борец за самостојна и обединета Македонија, во втората половина на 20 век.

- Западните европски држави ветија, дека секоја република од распаднатата југословенска федерација, ќе биде призната како независна држава и ќе биде примена во Европската заедница. За жал, тоа не се обвистини за Македонија. Министрите за надворешни работи на членките на ЕЗ, елегантно нѐ оставија настрана. Со ваквиот однос Македонците во Македонија и особено во дијаспората, беа крајно разочарани, но тие воопшто немаа намера да се помират со статусот да бидат неми посматрачи, односно да се помират со наметнатата состојба некој друг да им ја решава судбината и иднината. Напротив, Македонците се обединија и тргнаа на протести. Демонстрации имаше во Берлин, Бон, Брисел и насекаде низ светот каде што работеа и дејствуваа. Почна нивната епска борба за вистината за Македонија и за нејзино признавање под историското и уставно име - МАКЕДОНИЈА. За голема среќа, пред одржувањето на министерскиот самит на КЕБС, во Берлин беше новинарот и публицист Киро Кипроски, кој беше иницијаторот за одржување на првата демонстрација и даде голема помош во организацијата и реализацијата во Берлин, а и потоа и на другите демонстрации низ Западна Европа. Демонстрациите што се одржаа низ многу градови во европските држави: Германија, Белгија, Австрија, Швајцарија, Шкотска, Шведска, како и во САД, Канада и Австралија дадоа голем придонес во афирмацијата на Македонија во светот, борбата за задржување на историското име сѐ уште не е завршена и трае и понатаму. Но Македонците се цврсти во ставот дека на Македонија не ѝ требаат нови кумови. Името Македонија не го даваме! - вели Гојко Јаковлески.

Ристо Прангов, од мариовското село Тополчиште, кој од 1963 година живееше и работеше во Брисел, Белгија, познат македонски патриот и активист, кој основаше културно-уметнички и спортски клубови, беше организатор и учесник на масовната демонстрација што се одржа во Брисел пред седиштето на Европската заедница.

- Жалам што преку демонстрациите што ги организиравме и одржувавме низ континентот, не успеавме целосно да го заокружиме и да го завршиме процесот на меѓународно признавање на нашата татковина и нејзино вклучување во евроатлантските структури како ЕУ и НАТО. Но борбата продолжува со истиот оган и жар. Несомнено, демонстрациите дадоа голем придонес во сочувувањето на вековното историско име. Во свеста на Македонецот цврсто се вкорени сознанието дека никој не може и не смее да си поигрува со името на државата оставено во наследство од генерации Македонци, кои успеале да го сочуваат до денешни дни. Нашата претпоставка беше дека овој проблем многу полесно ќе се реши во услови на владеењето на демократијата како општествена рамка во која се почитуваат човечките права, идентитетот и определба на народите, кои аналогно на тоа самите одлучуваат како да живеат и притоа самите да одлучуваат за својата судбина и иднината. Македонија како самостојна и суверена држава опстојува 25 години. Тој процес неминовно продолжува и понатаму. Отпорот на јужниот сосед кога-тогаш ќе се скрши, Грција ќе престане да се инаети и вештачки да создава криза - категоричен е Ристо Прангов, кој пензионерските денови ги минува во родната татковина и кој е голем активист да се поврати животот во Мариово и во неговото родно село Тополчиште.

„Демонстрациите во Берлин, Минхен, Брисел, Бон, Луксембург и во другите градови во Европа, дадоа голем придонес во процесот за запознавање на европската јавност преку активностите на македонската кауза. Но, по сѐ изгледа дека тоа не беше доволно да го добиеме саканиот резултат. Но нашата желба и цврста одлучност и определеност да живееме во суверена, демократска Република Македонија, никој не може да ја сруши, да нѐ поколебаат да  се откажеме од нашата борба. Не, напротив уште сме поцврсти во настојувањата и ќе истраеме во нашите стремежи да го сочуваме нашето историско име Македонија и да се интегрираме во евроатлантските асоцијации“. Ова е мислењето на Д-р Томислав Лукаров, активист на здружението „Македонија“ и на Македонската заедница од Минхен.

(Крај)

Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.