|
||||
Автономијата на Македонија би била најдобро решение на македонското прашање |
Македонска нација Положбата во која се најде македонскиот народ по Бокурешкиот договор 1913 година, поделен меѓу своите соседи и поставен во услови на воени режими, не овозможуваше на организиран начин да ја изрази својата воља. Воените и полициските сили во окупираните делови на Македонија физички го потиснуваа и задушија политичкото делување во земјата. Меѓутоа, и покрај ваквата состојба во земјата, светот беше запознат со стремежот на македонскиот народ. Овие барања биле изнесувани од македонската емиграција, особено во Швајцарија и Русија, која далеку од окупаторите можеше послободно да го изразува стремежот на Македонците. Со почетокот на Првата светска војна 1914 година прашањето на Македонија повторно стана актуелно. Војната создаде илузија кај некои кругови во македонската емиграција, дека таа ќе доведе до остранување на неприродното распарчување на Македонија и дека ќе овозможи нејзино конституирање во посебна државна организација на Балканот. Венаш по нападот на Австро-Унгарија на Србија, Крсте П. Мисирков во својство на преставник на Македонија, во говорот одржан на 6 август 1914 година на Сеславјанскиот собир во Одеса, побарал во име на придонесот што го дава македонскиот народ во борбата против „здруженото германство“, да се упати „Манифест за обединување на цела Македонија во една држава“. „Македонија, оваа друга Полска, има исто така законско право на манифест за обединување и обновување на царството на царот Самуил и кралот Волкашин“, вели Мисирков, опишувајќи ја борбата на македонскиот народ против турското ропство во поновата балканска војна, како и борбата за одбрана на „славјанска Србија“ од австриската војска на најопасните места, на бреговите на Дрина и Сава“. Во текот на целата прва година на Првата светска војна, македонската група во Русија развивала жива политичка активност. Целта и била да ги афирмира правата на македонскиот народ на самостоен живот, на сопствена национална држава и да со тоа ги елиминира опасностите кои со себе ги носат комбинациите на големите сили со цел да ја поделат Македонија. Крсте П. Мисирков во својата статија од мај 1915 година, која ја објави списанието „Славјани“, под наслов „Борба за автономија“, бара „не ново распарчување на македонската земја, туку создавање на автономна Македонија“. Со изнесување на аргументи на резултатите на револуционерната борба на македонскиот народ, Мисирков бара од Русија, Енглеска и Франција да се ангажираат за ослободување на Македонија „која во културен поглед е на далеко повисок ниво, отколку што биле соседните држави десет години порано кога ја стекнале својата независност“. „Автономијата на Македонија би била најдобро решение на македонското прашање, како за самите Македонци, така и за Србија, Грција и Бугарија и за европскиот мир“ - заклучува Мисирков. Напорите на македонската група за се здобие со прврзаници за своите цели во текот на првата година од почетокот на војната не останаа залудни. Нив ги приватила и ги поддржала специјалната комисија на „Советот на друштвото на славјанската заемност“, во која членувале видни руски општественици и јавни работници. Иваа организација на својата седница одржана на 8 јуни 1915 година во Петроград донела „Резолуција за македонското прашање“. Во оваа резолуција се изнесуваат истите програмски цели во двата референдима од пред Втората балканска војна со тоа што во нејзината содржина се води сметка за новите моменти настанати со поделбата на Македонија. Во Резолуцијата со која во целост се афирмира залагањето на македонската група во Русија, меѓудругото се вели: 1. Најправедно решение на проблемот е да се образува целокупна и независна Македонија со издвојувањето на деловите заземени во 1913 година од Србија, Грција и Бугарија. На тој начин, од поделената на три дела на оваа многу напатена земја ќе се создаде единствена целосна држава која ќе биде во положба слободно да се развија како самостојна единица. 2. Вакво решение на проблемот, не ги повредува ни српското, ни бугарското, ни грчкото национално чуство, одговара на најдлабоките желби на македонскиот народ и не им противречи на широките животни интереси на соседните држави. Следејќи го развојот на политичките настани во Русија и приспособувајќи го своето дејствување спрема создадените општествено-политички услови македонската група во Петроград во текот на револуцијата во 1917 година во Русија ќе образува „Македонски револуционерен комитет“. Верен на традициите на Македонското литературно друштво, како и врз основа на долгогодишната политичка активност за решавање на македонското прашање, овој комитет ќе излезе со програма во која ќе ги изложи своите погледи за уредување на Балканот и во тој склоп решавање на македонското национално прашање. Појдовна точка на оваа програма е со заеднички сили на балканските народи да се создаде „Балканска федеративна демократска републиа“ составена од следните федерални републики: Македонија, Албанија, Црна Гора, Грција, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Тракија. Во програмата била развиена внатрешната автономија на оделните републики на стопански, културен и национален план, загарантиран е слободен развој и на оделните национални и етнички групи и предвиден таков политички систем на федерација кој елиминира секакви можности за мајоризација, за културна, економска и друга дискриминација. Оваа програма го прескокнува времето и просторот во кој се појави и денес тоа го гледаме во Европа. (извор: И.К. „Од минатото на македонскиот народ“, Скопје,1969, стр 207 - 208) |