|
||||
Претседателот Иванов му ја врачи наградата „Борис Трајковски“ на Бернд Поселт |
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во претседателската резиденција му ја врачи наградата „Борис Трајковски“ на Бренд Поселт, член на Европскиот парламент.- Радосен сум што денес еден докажан пријател на Македонија ја добива наградата “Борис Трајковски“, пријател кој, повеќе од две децении силно ја поддржува македонската независност и правото на национален идентитет и просперитет на нејзиниот народ. Бернт Поселт ги следи своите политички идеи, принципи и идеали доследно, а не под влијание на дневната политика. Тој е силен глас во Европскиот парламент за правата на сите помали европски држави на сопствен идентитет и интегритет, рече претседателот Иванов. На врачувањето на наградата, Иванов истакна дека Паневропската унија континуирано го поддржува развојот, продлабочувањето и проширувањето на Европската унија и оти придонела за постигнување на Лисабонскиот договор што е уште еден чекор во насока на географското и политичкото обединување на цела Европа во рамките на ЕУ. Според него, преку ширењето на идејата за обединета Европа, најдобро се бориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на индивидуалното право на идентитет и достоинството. - Европа, која се темели на тие вредности, треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Македонија да останат доследни и принципиелни. Ги охрабруваме што почесто да го користат компасот на обединувањето и единството. Лисабонскиот договор ни ја нуди шансата. Во име на заедничката иднина, во име на аманетот на оние кои го градеа обединувањето, денешното лидерство во Европа треба да покаже визија и да ја искористи можноста, нагласи претседателот Иванов. Според Поселт, Македонија заслужила да добие нобелова награда за мир за тоа што го сторила во 1999 година со бегалската криза и за мирното напуштање на Југославија. - Оваа награда за мене лично е огромен поттик да работиме, да ја обединиме Европа врз основа на помирување. Македонија не треба да влезе во Европа. Вие сте европска земја, земја од срцето на Европа, рече Поселт. Меѓународниот претседател на ПЕУ, Ален Тереноар уште еднаш ја повтори поддршката на ПЕУ за Македонија. - Македонија во Паневропската унија има пријател и поддржувач кој ќе ги застапува нејзините легитимни интереси, истакна Тереноар. ПЕУ е формирана во 1923 година како движење што го трасираше патот кон единството, мирот и напредокот. Повеќе од 60 години работи на пораката за голема, обединета Европа. |