|
||||
Селската слава Марена се слави по традиција во Гостиварското с. Зубовце |
Како и секоја година така и оваа Црковниот одбор во с. Зубовце ќе организира забава на 29 и 30 јули во дворот на Црквата „Света Огнена Марија“. Селската слава Марена во Зубовце се слави секоја година на 30 Јули. Овој празник е поврзан со големи горештини и затоа има некои правила на кои населението од Зубовце внимава. На овој ден не се работи ниту дома ниту во поле затоа што се смета, ако се работи може да избие пожар и да се уништи годишната реколта. Преданијата кажуваат дека на овој ден пред многу години жетвата била во полн ек, а зубовчани работеле во поле, им се запалиле копите со жито и затоа овој ден е прогласен за неработен. Зубовчани и денес доаѓаат во своето родно место. Доаѓаат да се насладуваат на духот и традицијата, да се потсетат на детството, на незаборавните празнувања и веселби, кои се одржувале во црквата „Света Огнена Марија“. Во минатото за овој ден, зубовчани со недели се подготвуваа. Ги чистеа, варосуваа и ги уредуваа куќите, дворовите и улиците, сé со цел што поподготвени да ги пречекаат гостите. Никогаш толку народ како на патрониот празник не се собира во црквата и околу неа, секој сака да присуствува на патронската литургија. Црквата е изградена пред повеќе од 170 години, од камен и дрво, врз темелите на многу постара црква. Во 1859 година надалеку познатиот Дичо Зограф, со својата тајфа, ги има насликано живописот на црквата и неколку икони, а се потпишал и на престолната икона на Св.Марија. Зубовчани се горди што ја возобновија оваа вековна традиција. Секоја година река на народ се движи кон црквата Св. „Света Огнена Марија“ која се наоѓа на западниот дел на селото, издигната на една височинка, која пркоси на времето и со својата местоположба го привлекува вниманието. Празнува цело Зубовце, празнува секоја македонска православна душа во него. Со нас празнуваат и иселените зубовчани, празнуваат и покојните, празнуваат сите. Нашата христијанска вера е вера на живите и вера на животот. Црковниот одбор ги поканува сите добронамерници да дојдат во Зубовце и заедно да ја одбележиме селската слава Марена. Вечна да е традицијата во Зубовце и во Македонија. АМИН! Зубовчанец |