Сабота, 16 Септември 2023    PDF Печати Е-пошта
„Крајот од кој потекнувам е прекрасен, жалам што не дојдов многу, многу… порано да го запознаам“
1-696ЗАМИНА ВО БЕСМРТНИТЕ НАШИОТ НОБЕЛОВЕЦ ДОКТОР ФЕРИД МУРАД (14.9.1936 – 6.9.2023

Пред некој ден, на шести овој месец, од далечната Америка пристигна жална вест дека на 87 години од животот престанало да чука благородното срце на нобеловецот д-р Ферид Мурад, по потекло од гостиварското село Лакавица. Гостиварци, кои имаа можност и среќа во трите посети на Гостивар да бидат во негова близина, да се поздрават, да разговараат со него, неговите роднини по линијата на татко му Џабир Мурад Ејупи, но и оние што немаа можност да го запознаат беа тешко погодени од жалната вест.

Нобеловецот во својот роден крај

Во декември 1998 година кога Нобеловиот комитет од Стокхолм (Шведска) ги соопшти имињата на добитниците на Нобеловата награда за медицина – највисокото признание во светот, гостиварци многу се радуваа и беа среќни што еден од добитниците е д-р Ферид Мурад, Американец по потекло од гостиварското село Лакавица.
Гордоста на гостиварци беше уште поголема кога една година по добивањето на Нобеловата награда, во 1999 година, за првпат во животот д-р Ферид Мурад го посети родното место на татко му Џабир, гостиварското село Лакавица. Како што изјави тогаш, му се исполнила желбата, иако сакал заедно со татка си да ја оствари посетата. Причина што дури сега му се остварила желбата била што постојано бил презафатен.
Како нобеловецот Мурад го посети родното место на татко му дознавме од Мартин Треневски, тогашен министер за иселеништво во Владата на Република Македонија, иницијатор и организатор на посетата.
– Кога дознав дека нобеловецот д-р Мурад доаѓа во Република Албанија да го прими највисокото државно одликување, во мене се активира внатрешниот професионален инстинкт, ми заѕвони алармот и веднаш презедов активности да го донесам нобеловецот во Македонија. Од американската амбасада во Скопје ги добив координатите на движењето на д-р Мурад и му пишав кратко писмо со замолница: при посетата на Албанија, да одвоите ден-два за да го посетите родното место на татко ви. Веднаш ми одговори „со задоволство би дошол, но жалам, скоро е невозможно. Во Албанија на располагање имам само слободни 24 часа“. Не се откажував од идејата и веднаш му одговорив: „Ве замолувам тие 24 часа резервирајте ги за посета на Македонија, а другото оставете ми го мене. Јас ќе се погрижам да ја реализирам посетата на родниот крај на Вашиот татко“. Потврдно ми одговори. Голем предизвик беше тоа за мене. Со ноќи не спиев, размислував како да ја организирам посетата, да биде на висина на протоколот за ВИП-гости? Од Тирана до Струга тогаш немаше добри патишта и возењето траеше со часови. Одлучив превозот да го организирам со хеликоптер, но каде ќе го најдам? Брзо го најдов решението. Во Македонија беа стационирани трупите на УНПРОФОР со сета потребна опрема и механизација. Побарав средба со надлежните со замолница – на располагање да ни дадат хеликоптер за превоз на нобеловецот и сопругата од Струга до Скопје, а следниот ден од Скопје до Гостивар и обратно. Замолницата ни ја одобрија и протоколот успешно го остваривме – се потсетува Мартин Треневски.
Во Скопје, д-р Мурад имаше официјална средба со Борис Трајковски, претседател на Република Македонија. Потоа ја посети спомен-куќата на нобеловката Гонџа Бојаџиу, позната како Мајка Тереза. Следниот ден повторно со хеликоптер пристигна во Гостивар.

Фасцинантен, масовен, топол пречек на нашиот нобеловец и солзи на Ферид Мурат

Селото Лакавица, родното место на татко му Ејупи Мурад, се наоѓа во подножјето на планината Буковиќ, седум километри јужно од Гостивар. Селото беше исчистено, накитено и подготвено за пречек на синот на лакавичкиот печалбар. На 6 октомври 1999 година пристигна долгата колона на автомобили во која се наоѓаше драгиот гостин. Од двете страни на влезот во селото имаше многу народ. Глетката беше прекрасна, сѐ во знакот на нобеловецот. Жителите на целото село, старо и младо, беа во училишниот двор. Преполно беше сѐ. Доктор Ферид Мурад, видно возбуден од величествениот пречек, се поздравуваше со секого. Се интересираше за своите корени, за своите блиски роднини. Неколку повозрасни жени во рацете имаа фотографии од семејството Мурад, од неговиот татко Ејупи, трогателни средби, воздишки. Сите беа среќни и радосни. На свечено украсената бина, на почесно место беа сместени драгиот гостин со сопругата и придружбата. Домаќините му посакаа топло добредојде, а нобеловецот доктор Мурад им возврати со голема благодарност за тоа што му го приредија.
– Пресреќен сум што сум меѓу вас – започна драгиот гостин. Молк. Нобеловецот заплака. Неколку минути не можеше да ги совлада емоциите. Низ образите му се тркалаа солзи радосници, бистри како и водата во селската река со името на селото.
– Се извинувам – продолжи доктор Ферид. Тие се посилни од сѐ. Тоа се моите искрени чувства кон вас и жалам што не дојдов многу, многу… порано да го запознаам родното село на татко ми Ејуп, кој многу ми зборуваше за убавините на овој крај, кои се и мои, а кои ме потсетуваат на Вирџинија, каде што живееме сега.
Заедно со домаќините, нобеловецот д-р Мурад прошета низ селските улици, дојде и на местото каде што се наоѓала куќата на татко му. Во дворот беа неговите блиски роднини. Бакнежи, прегратки, солзи радосници и ветувања за нови средби и контакти. Во оваа пригода, нобеловецот им врачи подароци на роднините.
Топол пречек на доктор Ферид Мурад му беше приреден и во Гостивар. Во чест на неговата посета, Советот на Општина Гостивар одржа свечена седница. Градоначалникот Јамин Нуредин му го врачи високото признание почесен граѓанин на Гостивар. Заблагодарувајќи се за признанието и за величествениот пречек, нобеловецот меѓу другото рече: „Во иднина ќе воспоставам поголема соработка и средби со студентите и професорите по медицина. Нашите гени се такви што во овој крај може и ќе даде и друг нобеловец, а тоа може да биде и од Лакавица, каде што се моите корени, што ќе ми биде посебно драго“. Нобеловецот и по вторпат го посети Гостивар, кога јавната здравствена установа општа болница беше преименувана со името „Д-р Ферид Мурад“.
Во оваа пригода се заблагодари на големата чест и рече: „Првпат дојдов со сопругата пред речиси две децении. Овој пат сме со семејството, двете од моите деца и внуката Оливија на која ѝ ветив дека ќе ја доведам во родниот крај на мојот татко, нејзиниот дедо, кога ќе стане полнолетна“.

 

Д-р Ферид Мурад со сопругата на свеченоста при доделувањето на признанието почесен граѓанин на Гостивар

Мурад: Јас како научник можам да докажам дека до последен атом и едните и другите сте исти!

Според сеќавањата на министерот Мартин Треневски, во 2000 година, Министерството за иселеништво во соработка со група професори од Клиниката за инфектологија и други клиники, во Охрид беше организиран Прв светски семакедонски конгрес на лекари, фармацевти и стоматолози, на кој дојдоа 350 учесници, од многу држави, меѓу кои и нобеловецот доктор Ферид Мурад и шест члена на академии на науки.
– Нобеловецот цело време беше многу расположен, попатно за Охрид, го посетивме и манастирот „Света Пречиста Кичевска“, кој е уникатен бидејќи под ист покрив се молат православни и муслимани. Тоа многу го восхити нобеловецот, обземен со сентименталност, ми се обрати со зборовите: „Добро бе, Мартине, зошто се карате (се однесуваше на повремените проблеми и конфликти помеѓу етничките Албанци и Македонци)? Јас како научник можам да докажам дека до последен атом и едните и другите сте исти – се потсетува амбасадорот.
По втората посета на Македонија на нобеловецот доктор Мурад, Мартин Треневски, ни раскажа случка, која уште повеќе влијаела да ги продлабочи пријателството.
– Имам една голема молба до тебе. Дали можеш да ми помогнеш за еден личен, фамилијарен проблем? Сакаме да посвоиме дете од Македонија, за семејството на ќерка ми, сака да има дете, и тоа од Македонија. Веднаш презедов активности, во рамките на позитивните законски прописи на Македонија да му ја исполнам молбата и желбата на нобеловецот. Радосната вест веднаш ја споделив со д-р Мурад, ја извести ќерка му, а таа со сопругот со првиот авион допатува во Македонија, каде што веќе започна процедурата за обезбедување на потребната документација за посвојување. На среќата и радоста во семејството на д-р Мурад им немаше крај, а пред заминувањето за Америка ми се обрати со зборовите: ме задолживте толку многу, што ме имате во секое време. Што и да затреба, само јави ми.
Во разговорот, Мартин Треневски, од повеќето средби и разговори со нобеловецот доктор Мурад, со посебна гордост и задоволство секогаш се сеќава на многу драг спомен што му се случил во 2003 година, кога бил амбасадор на Република Македонија во Шведска.
– При моите патешествија во САД имавме можност да се видиме во неколку наврати, но со посебна гордост се сеќавам на средбата во Стокхолм, Шведска, во декември 2003 година, кога бев амбасадор во оваа држава. Тогаш се одбележуваа 100 години од воспоставувањето на Нобеловата награда. По тој повод, Шведската влада ги покани сите живи нобеловци на прием кај кралот Карл Шеснаесетти Густав и на други манифестации. Разбрав дека и д-р Мурад е дојден со сопругата и успеав да воспоставам контакт со него. Го поканив на вечера во нашата резиденција, но вечерата кај нас се совпадна со вечерата што ја приредуваше кралот на Шведска. Д-р Мурад сепак се одлучи да ги „жртвува“ вечерата и приемот кај кралот и дојде кај нас, во македонската резиденција, каде што ги послуживме него и сопругата со македонски специјалитети. Средбата траеше до доцна во ноќта. Информираше дека со негови колеги во Хјустон работат на голем број истражувања, кои, според неговите зборови, доколку резултираат со успех, би можеле да му донесат и втора Нобелова награда за медицина.
Таа вечера беше и наша последна средба бидејќи јас продолжив со дипломатската кариера во повеќе дестинации, но споменот на д-р Ферид Мурад остана длабоко во моите сеќавања – се потсети Мартин Треневски на својот драг пријател.


БИОГРАФИЈА НА НОБЕЛОВЕЦОТ

Доктор Ферид Мурад бил роден во 1936 година во американската држава Индијана, како дете на Џабир Мурад Ејупи, иселеник од гостиварското село Лакавица, и Хенриета Џозефина Боумен, Американка. Медицински факултет завршил во Кливленд, Охајо, каде што станал доктор на науки во 1965 година. Долги години работел како универзитетски професор, а во 1998 година заедно со научниците Роберт Фечгот и Луис Игнаро ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина за „откривањето на улогата на азотен оксид како сигнален молекул во регулирањето на кардиоваскуларниот систем“.

Киро Кипроски

Превземено од Нова Македонија

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.