|
||||
ДОНАТОРСКА ВЕЧЕР ЗА ИЗГРАДБА ИКОНОСТАС ВО МАНАСТИРОТ „СВ ЛИДИЈА МАКЕДОНКА“ |
На 16 декември во организација на Македонското социјално друштво „Битола“ од Сиднеј во просториите на Македонскиот спортски клуб „Илинден“ во населбата Рогдаел, успешно се одржа Донаторска вечер по повод изградбата на иконостасот во манастирот „Св Лидија Македонка“ во село Поешево, Битолско. Македонците во Сиднеј повторно покажаа голема дарежливост кога станува збор за изградба на црква или манастир но и за градење на иконостаси и цртање на фрески и икони за уредување на свети домови не само во Македонија туку и во Австралија. Покрај богатата лотарија се одржа и лицитација, по кажувањето на организаторот на оваа вечер Тодор Мицковски, поголем број на луѓе дадоа и донација за конструкција на иконостасот како и за завршување на сите градежни делови, пр. конструирање на главната врата и камбаната, инсталирање олуци, уредување на земјиштето, градење на ограда и сл. Исто така се планира во почетокот на годината да отпочне внатрешното малтерисување и изградбата на иконостасот а потоа ќе следи и цртање на фреските и иконите. По изјавата на претседателот на Друштвото „Битола“, Љупчо Ангелевски, на донаторската вечер се собраа $15,000.
Важно е да се спомне дека земјиштето на кое е изграден манастирот како и целосната изградба на манастирот ја финансира Тодор и Вера Мицковски од Сиднеј. Нивната визија е селото Поешево да го добие овој религиозен објект посветен на Св Лидија Македонка и го донират на селото за сегашните и идните генерации за зачувување на христијанството во Македонија. Ова е уште еден доказ дека Македонците не ги забораваат своите корени без разлика каде се наоѓаат. Душан Ристевски |