|
||||
Хуманитарен концерт „Ѕвездите за Данило“ в недела на плоштадот „Македонија“ |
Македонските естрадни ѕвезди в недела од 19:30 до 23:30 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе одржат голем хуманитарен концерт и аукција на слики од најпознатите македонски ликовни уметници со што ќе се обидат да соберат парични средства потребни за лекување и трансплантација на коскена срцевина во Германија за тригодишниот Данило Јањиќ. Концертот, како што најавија организаторите, директно ќе биде пренесуван на Македонската телевизија, а преку сателитски пренос ќе можат да го следат и Македонците од дијаспората и да учествуваат со донирање средства на телефонските броеви кои ќе бидат достапни. Трошоците за лекувањето на Данило чинат 330.000 евра. Фондот за здравство му одобри 80 отсто односно 200.000 евра, а трошоците за хемотерапија како подготовка за трансплатација ги одби. Останатите 130.000 евра би требало да ги соберат неговите родители. Од клиниката во Германија предупредуваат дека доколку не се исплатат сите средства нема да бараат донор и нема да ја направат трансплатацијата. Родителите на Данило заедно со него се во Германија. Тие се сместени во посебно болничко прифатилиште кое чини 1.000 евра месечно, средства кои не влегуваат во сумата за лекување. Организатори на концертот се Two Hearts - Production во соработка со музичарите Елена Ристеска и Игор Узунов, а на него ќе настапат и Ламбе Алабакоски, Елена Петреска, Андријана Јаневска, Маријан Стојановски, Маја Саздановска, Ева Нединковска, Влатко Илиевски, Тамара Тодевска, Александар Белов, Ристе Тевдовски, Бертан Аслани, Биба Додева, Маја Вукичевиќ, Мартин Србиновски, Наде Талевска, Ѓоко Танески, Дани Димитровска, Викторија Лоба, Влатко Лозановски, Оливера Ѓорѓоска, Дарко Илиевски, Аделина, Бени, Александар Тарабунов, Шпати, Афродита Дрешај и други. Како водителска двојка ќе се појават Лила М. Стојановска и Дамјан Дренковски. |