|
||||
Дваесет години од конститутивната седница на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија |
Пред дваесет години, на 8 јануари 1991 година беше одржана конститутивната седница на првото плурално Собрание на Република Македонија. Првиот македонски повеќепартиски Парламент, чиј претседател беше Стојан Андов, ја постави правната основа на самостојна Македонија, го распиша референдумот за независност, го усвои Уставот, химната, знамето и ги избра првиот претседател на државата Киро Глигоров и првата Влада предводена од Никола Кљусев. Првата пленарна седница на актуелниот состав на македонскиот Парламент оваа година, в понеделник на 10 јануари ќе биде посветена на одбележувањето на јубилејот 20. години од конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. На седницата се поканети да присуствуваат членовите на првиот парламентарен состав и правата Влада на независна Македонија. На изборите што се одржаа во ноември 1990 година, мандати во новото повеќепартиско Собрание освоија девет партии и тројца независни пратеници. ВМРО-ДПМНЕ освои 38 мандати, СКМ-ПДП - 31, Партијата за демократски просепритет - 17, Сојузот на реформски сили 18, Социјалистичката партија на Македонија четири, Странката на Југословените два и по еден мандат Народната демократска партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите. Со седницата, која започна во 10 часот на 8 јануари 1991 година, претседаваше најстариот пратеник Никола Стојановски, претставник на СКМ-ПДП од Титов Велес. Поздравувајќи ги пратениците и гостите и констатирајќи дека на седницата присуствуваат мнозинство од пратениците со што тоа може полноважно да одлучува, Стојановски ја започна првата седница на Парламентот. На дневен ред беа Предлог на привремен деловник на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, извештај на Верификационата комисија и верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, избор на претседател на Собранието и негови потпретседатели. |