|
||||
Во Охрид утре откривање на споменикот на свети Наум Охридски - Чудотворец |
По повод православниот празник 3 јули, посветен на Свети Наум Охридски - Чудотворец, утре на градскиот плоштад во Охрид свечено ќе биде откриен новопоставениот споменик на светителот. Свечената церемонија ќе се одржи во паркот пред Рибниот ресторан, каде ќе биде откривањето на споменикот. Предвидено е притоа пред присутните да се обрати Јоне Станкоски, претседател на Одборот за подигање спомен-обележје за „Свети Наум Охридски - Чудотворец". Пригодна реч ќе одржат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Охрид Александар Петрески, а ќе беседи академик Цветан Грозданов. Осветувањето на паметникот на свети Наум ќе го изврши митрополит дебарско - кичевски, г. Тимотеј. Со поставувањето на споменикот на свети Наум се заокружува духовниот триаголник во центарот на Охрид, каде веќе се наоѓаат спомениците на свети Климент и на светите браќа Кирил и Методиј. |