|
||||
Приштина се извини за палењето на македонското знаме |
Министерството за внатрешни работи на Косово го осуди палењето на македонското знаме за време на фудбалски натпревар во Качаник, како и истакнувањето на транспарентот - „2012 не е крај на светот, туку крај за Македонија“. - Некои поединци истакнаа транспaрент на кој беше изразена омраза и го запалија знамето на Република Македонија, се вели во соопштение од косовското МВР. Министерството додава дека во тек е истрага и ќе бидат преземени мерки за да се казнат одговорните за инцидентот. Македонија вчера го осуди палењето на македонското знаме на фудбалски натпревар меѓу клубовите Лепенци и Дрита во Качаник и истакнувањето на транспарентот. Попладнево, пак, во македонското МНР беше повикан на разговор в.д. косовскиот амбасадор Скендер Дурмиши од страна на директорот на Директоратот за југоисточна Европа Дејан Костадинов Петров. Како што информираат од МНР, во разговорот косовскиот амбасадор ги осудил навивачите и уверил дека косовската полиција трага по групата, која го запалила македонското знаме за време на фудбалскиот натпревар Лепенци и Дрита. Дурмиши во МНР укажал дека Косово гледа голем пријател во Македонија и нема да дозволи ваквите инциденти да ја загрозат соработката. Произлегла и иницијатива од македонска страна за организирање фудбалски натпревар помеѓу тимови на македонското и косовското МНР како потврда на добрата соработка помеѓу двете земји и со презентирање на европско навивање. Палењето на македонското знаме на првенствен натпревар во Качаник го осуди и Фудбалскиот сојуз на Косово. Првиот човек на косовската фудбалска организација, Фадиљ Вокри денеска во телефонски разговор му се извинил на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Хари Хаџи Ристески. Во разговорот на челните луѓе на федерациите, како што стои на веб страницата на ФФМ, е заклучено дека фудбалските релации помеѓу двете земји не треба да бидат нарушени од хулигани кои се обидуваат да го злоупотребот фудбалот и спортот за политички цели. Хаџи Ристески и Вокри се заложиле релациите помеѓу ФФМ и ФС на Косово да останат на високо ниво и двете федерации заеднички да се борат за спречување на хулиганското однесување и против злоупотребата на фудбалските натпревари за испраќање манифести кои можат да предизвикаат инциденти од потешки последици. |