|
||||
Во Прилеп 12-ти карневал „Прочка“ |
Преку 150 маски од Македонија и од странство со близу 2000 учесници денеска се претставија во центарот на Прилеп на главното дефиле на 12. меѓународен карневал „Прочка“. Како што информира Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари” кое со локалната самоуправа го организира карневалот, има гости од Украина, Холандија, Белгија, Бугарија, Албанија, од Србија, Хрватска. Маските се креативни -традиционални, современи, поединечни и групни. Почетокот на дефилето го означија мажоретките и секако мечкарите кои го имаат својот ритуал на бркање на злите духови. Од карневалската атмосфера е одоошевен и претседателот на Европската асоцијација на карневалските градови Хенри Ван дер Крон кој, вели, ги претставува 500. градови од 48 земји. - Дојдов да го видам Прилеп, да ја почувствувам неговата душа пртеку карневалот, истакна Ван дер Крон. Гостите се и во своевидна, успешна инспекција зашто Прилеп кон крајот на мај е домаќин на Конвенцијата на европските карневалски градови. Прилеп е подготвен, нагласува градоначалникот Марјан Ристески за да угости 300 делегати. Избрани најдобрите маски на Прилепскиот карневал Групната маска „Демони” е најдобра маска на 12. меѓународен карневал „Прочка 2012” што се одржа денеска во Прилеп. Маската ја претставија 15-ина девојчиња и е најоригинална, вели етнологот Ели Милошеска, претседател на карневалската жири комисија. Најдобра поединечна маска е „Прилепски пампури”, претставена од три девојки, најдобрата традиционална групна е „Ангели и демони” од учениците од ОУ „Добре Јованоски“, а наградата за најдобра современа групна маска ја понесоа група млади претставени како „Жители на Хаваите”. Маската „Крали Марко, Црна Арапина и синџири робје” ја освои третата награда во категоријата традиционална маска. Најдобрата маска „Демони” доби парична награда од 15.000 денари. На прилепскиот меѓународен карневал „Прочка 2012” учествуваа преку 100 поединечни и групни маски со близу 2000 учесници. Имаше гости од Украина, Холандија, Белгија, Бугарија, Албанија, од Србија, Хрватска. Според етнологот Милошеска, годинашните маски беа креативни и оригинални и Прилеп ја задржува традиционалноста и преку маските пренесувањето на обичаите. Прилеп годинава кон крајот на мај е и домаќин на Конвенцијата на европските карневалски градови на која ќе учествуваат преку 300 делегати. |