|
||||
ВЕЛИГДЕНСКА ПОРАКА |
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) по повод најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение - Велигден, упатува честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, до свештениците и монасите на Македонската Црква, до сите православни во Македонија и до православните Македонци во светот.
Нека воскресението Христово всади мир и љубов во нашите срца, при живот да ја спознаеме вистината, да го бараме спасението и добиеме простувањето. Верата во Бог да ја покажеме со дела на милосрдие, трудољубие, братољубие и човекољубие. СМК повикува на семакедонско помирување и обединување, на единство во одбрана на името на државата, нацијата и јазикот, насекаде и во секое време, пред секого. Името на нашата држава е Македонија, ние сме Македонци, нашиот јазик е македонски. Така било, така и ќе остане. Бог ни прати порака за единство во прочистувањето на фреските во македонската црква Свети Димитрија, да се вратиме на корените на вера во Бога, но истовремено потресени сме и тажни како нација од грозоморното убиство на петтемина, четворица од нив деца на околу 20 години. Слава на Бога во висините, мир и љубов, разбирање и почит меѓу луѓето на земјата и лесна им земја на грозоморно убиените, било да не се повтори. Ден пред Велигден е ден за тихување и молитви, ден за оплакување на страдањата и распетието Христово, празник над празниците на христијаните во очекување на радосната вест за Неговото воскресение. Но, крвавиот Велигден е опомена за сите, во какво општество сакаме да продолжиме да живееме? Дали во мир и љубов, во толеранција и коегзистенција, или во војна и омраза, во одмазда и злосторства? Затворени во душите и домовите поради криминални банди, нарко дилери, верски фанатици и воени профитери, или слободни во мислата и движењето? Дали ќе станеме соучесници на дивеењето на толпата или на владеењето на правото? Дали теророт ќе надвладее над уставниот поредок, над правата и слободите на граѓаните, или безрезервно и безмилосно ќе го прочистиме општеството сите заедно? Народот да ја сака татковината, секој да се самозапраша, а што јас сторив за Македонија, власта да ги штити животите и имотите на граѓаните и безрезервно да го брани Уставот и законите, еднаквоста пред Уставот и законите Да ја вратиме самопочитта, самодовербата, храброста и гордоста, со вера во Бога и љубов за Македонија! Христ Воскресе, Навистина Воскресе. |