|
||||
Основачите на ВМРО-ДПМНЕ со отворено писмо по повод коалицијата Црвенковски - Георгиевски |
ВМРО-ДПМНЕ денеска упати отворено писмо од оснивачи на партијата по повод коалицијата на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски. Во писмото се наведува: „Како луѓе кои целиот живот го посветија на идеите за ВМРО и Македонија, но и како чесни граѓани, како родители, како патриоти кој ја сакаат државата и кои не го носат товарот на дневната политика и со искрена желба да биде слушнат нашиот збор како оснивачи на ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да истакнеме дека здружувањето на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски е настан кој овозможува прочистување, разјаснување на многу недоумици кој нашиот народ и ние како основачи ги имавме низ годините. Викаат дека човек пријателот сам го одбира, тој е огледало на сопствените размисли, особини и светогледи. Двајца луѓе се пријатели затоа што си одговараат во карактерите, така е и со Љубчо и Бранко. Овие пријатели, едниот со товарот на транзицијата, приватизацијата, шверцот и криминалот, а другиот со погрешна перцепција за историјата и постоење на сопствениот народ и држава, со нивнатa љубов за власта и парите, се едно исто-пријатели во коалиција за власт и пари. Но, ова нивно официјално спојување е неповторлива можност да се добие јасна слика за многу работи. Прво, со нивното здружување секој вмровец треба да се замисли зошто Љубчо ја рушеше владата на Никола Кљусев? Зошто Љубчо Георгиевски не формираше коалиција со албанска партија и со тоа не се формираше стабилна влада? Зошто Љубчо на тацна му го подари управувањето со државата на Бранко Црвенковски, иако народот не одлучи така на избори? Второ, зошто во 1994 година Љубчо бојкотираше и не влезе во парламентот и ги остави СДСМ да ја реализираат мрачната приватизација, шверцот и разграбувањето на Македонија? Зошто Љубчо го бранеше криминалот на Бранко во деведесеттите? Трето, зошто 15 години ВМРО-ДПМНЕ беше марионета со која СДСМ мошне лесно се справуваше? Четврто, зошто Георгиевски прифати да биде потпретседател на Претседателот Глигоров, прифакајќи измислена функција наменета да ја канализира патриотската енергија која пулсираше во Македонија, истата онаа која според кажувањата на сите во тоа време му донесе изненадувачка висока поддршка на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто дозволи патриотизмот да се изгнаси со криминалот на Бранко? Петто, зошто Љубчо толку лесно и без поголем личен отпор се согласи со Бранко за промената на знамето, името, Уставот? Ова се прашања кои си ги поставува секој кој сега ги гледа Бранко и Љубчо на иста маса, рамо до рамо. Одговорот е дека сето ова се случуваше затоа што Бранко Црвенковски навистина соработувал во деведесеттите со Љубчо Георгиевски, затоа што тие се лицето и опачината на една иста спаричка. Затоа што простите факти го кажуваа тоа. Како инаку ќе се образложат сите погубни потези на Љубчо во 90-те. Овие парашања ние упорно си ги поставувавме дваесет години. Љубчо најде одговор велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ имало многу шпиони тогаш, Ние велиме ВМРО-ДПМНЕ немал проблем со шпиони, имал проблем со ситни души и наострени профитери. Сега знаеме што е проблемот и кој е одговорот. Двајцата соработувале со единствена цел -бизнис интереси кои се штитеа единствено преку одржување на СДСМ на добри позиции. Тоа на Бранко му ја купуваше власта, а на Љубчо му обезбедуваше пари. На крај, ги повикуваме сите луѓе на кои им значат светите букви ВМРО и просперитетот на Македонија да се обединат околу идејата за спротивставување на политичарите на кои важен им е единствено личниот интерес. Ги повикуваме сите граѓани да застанат зад браникот на нашата Татковина единстевени, сплотени, исправени, затоа што тие најдобро го препознаваат доброто и лошото, ја знаат празната демагогија на политичарите како Љубчо и Бранко. Не ги забораваат нивните дела-недела. Ние цврсто веруваме дека така сплотени и исправени ќе кажеме “НЕ ДОСТА Е, местото ви е во историјата, таа ќе ви пресуди“. Никој нема право да си игра со нашите чувства, нашето минато и нашата иднина. Ги повикуваме да се збијат редовите и на следните избори отсечно и директно да им кажеме Не, затоа што следните избори ќе бидат референдум за тоа каква Македонија сакаме, ќе бидат референдум За или Против Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, За или против на нивните нечесни, мрачни и подземни игри, сплетки и удари кои што ги нанесоа на Македонија и на граѓаните на Македонија!“, се наведува во писмото потпишано од Борис Змјековски , Владо Транталовски, Мане Јаковлески, Васил Наумов и Дијана Таранталовска. |