Четврток, 26 Октомври 2023    PDF Печати Е-пошта
Преподобна Мајка Параскева (Петковден) 27/14.X.

svetapetka2

Преподобна мајка и Чудотворка Параскева

Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка...

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со Св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27/14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота,  бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.

Најпозната е Параскева-Петка позната како Св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват во Тракија меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите и биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години  покажувала интерес за монашкиот живот.

Кога и умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.

Кога остарела ангелот божји и соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа”. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале ја погребале не на селските гробишта туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело во земјата за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто како што си мислеле ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.

Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгие, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја”. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете”. Таа ноќ истото и се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на Света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.

Подоцна телото на преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрвин бугарскиот цар Јован Асен 1238 година измолил телото на Преподобна Параскева Петка да биде пренесено во Трново поради што таа се вика Трновска. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на Света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да и дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград каде што се прославиле не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале за секогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на Света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци” во светиот град Јаш каде што и денес почиваат.

Во спомен на маченицата и чудотворка Преподобната Параскева Петка Трновска, светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27/14 октомври и што во народот е познат како Петковден. Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се Митровден, Св. Ѓорѓија, Аранѓел, Св. Никола и др.

Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во с. Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите. Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Е. Спространов пишува дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.

Особено култот кон Света Петка бил раширен во Мариово. како што стои во записите на Крсто Бинев.  Во овој крај петокот се празнува повеќе од неделата онака како што Евреите ја празнувале саботата. Тоа празнување вели запишувачот не е во чест на воспеаната од светата ни црква светица Петка која се празнува еднаш во годината, имено на 14 октомври која селаните ја разликуваат од нивната Св. Петка, ами по некој стар обичај останат којзнае од кога и којзнае зошто. Населението за Света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник Света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот вели запишувачот на овие верувања.

Култот кон Света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот на нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.

Света Петка низ рај шета

Света Петка низ рај шета,

ми ги фати двете раце,

света Петка по рај шета,

ми ги фати двете нозе.

Света Петка по рај шета,

ми ги ослепе двете очи.

Па ме фати за десна рака,

ме одведе посветена црква,

ми ги пушти мене двете раци.

Ме одведе посветен манастир

ми ги пушти двете нози.

Ме одведе на посветен камен,

Ми ја пушти мојата сила.

Ме одведе посветена вода,

Ми ги изми двете очи.

Народна песна

Од книгата „Македонски празници“ од Марко Китевски, Скопје 2001.

(Подготви Марко Китевски)

 

На прво место

News image

Техничкиот Министер за Труд и Социјала Ѓоко Велковски најде решение: 3200 вработени на УКИМ ќе добијат поголеми плати

Денеска конечно заврши на одисејата која ја имаа 3200 вработени на универзитетот Св. Кирил и Метод...

Историја

News image

Наредба на Тодор Александров од 22 август 1922 година

Помошната организација во тие краеви, како и македонската рев. Организација е самостојна и непартиск...

Иселеници

News image

ГЕОРГИ (ЏОРЏ) ТОМОВ КАКО ИГРАОРЕЦ, КОРЕОГРАФ, ВАЈАР... 15)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

СИНИША СТАНКОВИЌ – ПОЧЕСЕН ДОКТОР НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ (10)

Д-р Милка Пљакиќ долгогодишен асистент на Станковиќ, познат биолог и научен работник, за професорот ...

Фељтон

News image

ЗГАСНА СРЦЕТО НА ГОЛЕМИОТ ДОНАТОР И ХУМАНИСТ АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ I) (21)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.