|
||||
Писмо од ЦК на БРП до Тито и ЦК на КПЈ: (2 ноември 1944 година) |
Со создавањето на слободната македонска држава во нова Федеративна Југославија се прави решителен чекор кон остварување на идеалите на македонците за слободна, единствена Македонија. “Драг другар Тито, Ја користиме приликата преку тебе да му упатиме на Централниот комитет на братската КПЈ, на сите членови на Партијата и на херојските народи на Југославија наши срдечни поздрави по повод блескавото ослободување на југословенската претстолнина Белград... Огромна е заслугата на Југословенската Народноослободителна армија, која Ти ја организираше и со која командуваше... Ние ви должиме вечна благодарност за поуките и за братската помош, кои нашите први партизански одреди ги добија од вас. Сега, кога нашиот народ, благодарејќи на поддршката на непобедливата Црвена армија и вашата херојска Народноослободителна војска... Го отфрли срамното фашистичко ропство и се спрегна раме до рамо со советските, југословенските и други народи во општата борба за конечен слом на фашистичкиот север и неговото конечно истерување од Балканот - пред нашите народи и пред нашите братски партии се отвора широк пат за искрена и братска соработка и најтесен сојуз меѓу братските јужнословенски народи... ...Ние го поздравуваме од се` срце првиот значаен чекор во тој поглед, договорот за заедничка акција против германските освојувачи, кој го потпиша Ти, другар Тито, и нашиот другар Терпешев. Нашиот народ е свесен за големата вина која тој ја има спрема југословенските, а особено кон српскиот и македонскиот народ, што им дозволи на своите фашистички управувачи Бугарија да ја претворат во плацдарм на германските хорди, бугарската војска во хитлеровски жандарм на Балканот за извршувањето на цела низа насилства и злосторства над населението кое се бори за својата слобода. Нашиот народ... Е подготвен да даде се од себе, не жалејќи ја ни крвта на своите синови во заедничката борба против хитлеризмот, за да ја збрише, доколку се може, што побрзо и попотполно, срамниот спомен на блиското минато и да го расчисти патот кон важното и нераскинливо пријателство, цврстиот братски сојуз меѓу сите јужнословенски народи. …Специјално во врска со создавањето на македонската слободна држава во рамките на нова, федеративна Југославија, со што се прави првиот решителен чекор кон остварувањето на идеалите на Македонците за слободна, единствена Македонија, ние ви ставаме на знаење, дека нашата Партија и нашиот народ најтопло ја поздравуваат новата македонска држава. Ние ќе работиме на нејзиното популаризирање како меѓу целиот бугарски народ, така и особено меѓу населението на бугарскиот дел на Македонија, ќе помагаме во делото на будењето на македонската национална свест кај тоа население, користејќи го херојското минато и сегашност на македонскиот народ во неговата борба за ослободување, именувајќи ги училиштата, организациите и друго, со имињата на македонските борци, издавајќи македонски весник и др. За таа цел ние ја преименуваме нашата Горноџумајска партиска организација во македонска со правата на Обкомот, под раководство на ЦК на нашата партија, ставајќи и` во задача да ја спроведува комунистичка по содржина, национална (македонска) по форма работа. Целата таа наша дејност ние ќе ја развиваме под знакот на широка агитација за создавање најтесен сојуз помеѓу нова федеративна Југославија и нова отечественофронтовска Бугарија, што, меѓу другото, ќе го расчистат патот за најбезболното остварување на македонскиот идеал за слобода, единствена Македонија во рамките на нова Југославија...” ИА на КПЈ VII,док. бр.131, стр. 367-368; Ј. Б. Тито Сабрана дјела, 24, стр. 244-246; |