Жителите на селото, гости и стотина ученици од Охрид и од Другово, чии училишта го носат името на Христо Узунов, им оддадоа почит на комитите.
За десетина минути по тесниот пат полн со дупки, кој се одделува од регионалниот пат Кичево - Демир Хисар - Битола, пристигнавме во револуционерното село Цер. Местоположбата е извонредна. Куќите наредени како бисер на висорамнината се со архитектура која плени. Координатите се следни: на источниот дел е Церското поле, од северната страна е подножјето на планината Баба Сач и планината Лубен, а на јужната страна се простира селото Цер. На надморска височина меѓу 990-1.050 метри има над стотина куќи, повеќето сочувани, обновени, но и нови градби изградени на височинка. Во Цер доцни пролетта. При нашиот престој на 24 овој месец, кога се одбележуваше 109-годишнината од херојската смрт на големиот македонски револуционер, Христо Узунов и неговите 12 комити, церани ни рекоа дека се' уште ги палат ќумбињата. Дождот и ниските температури се постојани, а луѓето велат дека тоа е знак оти годинава ќе биде бериќетна.
Жителите на селото и гости од Битола, Гостивар, Охрид, Кичево, стотина ученици од Охрид и од Другово, чии училишта го носат името на војводата Христо Узунов, положија свежо цвеќе на споменикот на војводата и оддадоа почит на комитите кои почиваат во заедничката гробница: Христо Узунов од Охрид (27), Пецо Георгиев од Битола (24), Јордан Иванов од с. Годивје (26), Бојче Павлев од с. Миокази (35), Славејко Савинов од Охрид (23), Иван Марков од Враца, Бугарија (23), Крсто Георгиев од с. Вранешница (35), Милан Симеонов од Тетово (22), Урош Костадинов од с. Пласница (20), Јованчо Стефанов од с. Ораовец (22), Ѓорѓија Влавот од Струга, Ванчо Србаков од с. Вранешница и Јонче Спасенов од с. Дворци.
„Две години по Илинденското востание, Христо Узунов и неговата чета дошле во Цер ноќта меѓу 23 и 24 април. По целодневна борба со надмоќната турска војска, не сакајќи да се предадат бидејќи немале муниција да ја продолжат борбата, последните куршуми ги оставиле за себе и извршиле самоубиство во куќата која била цел на Турците“, беше речено на комеморацијата. Шеесетгодишниот Зоран Дуртаноски го замоливме да не' однесе да ја фотографираме куќата во која храбриот војвода и неговите комити сами се застрелале. „Од куќата нема никаква трага. Може да го сликате местото каде што има изникнато багрем и зелена трева. Повеќе од половина век куќата е срамнета со земја“, ни рече Дуртаноски. Инаку, според кажувањата на постарите, куќата била сопственост на Костадинка Ѕуновска. Била изградена од камен, а четата на Узунов ја одбрала бидејќи била најпогодна за комитите да се засолнат од нападите на турскиот аскер и да го следат неговото движење. Церани ги чуваат спомените за храбрите комити. Го чествуваат денот на самопожртвуваниот подвиг кога сите до еден се застрелале само да не паднат живи во рацете на Турците.
Иницијатива за изградба на спомен-куќа за четата на Узунов, автентична на онаа што постоела, одамна е покрената и секоја година се возобновува. Меѓутоа, како што ни рече претседателот на Месната заедница, Драган Дуртаноски, се' уште ја немаат поддржано надлежните институции. Селаните сакаат да ја изградат, меѓутоа немаат средства. Но, не губат надеж дека еден ден можеби ќе се случи и тоа. Тогаш и чествувањето ќе биде подостоинствено. Низ селските асфалтни патеки имаше раздвижени луѓе, а пред портите на куќите, на припекот на сонцето си разговараа повозрасни лица, жители на селото и нивните гости кои беа дојдени на чествувањето. За време на викендите и кога се прославите во селото има доста народ, доаѓаат поранешните жители и други гости. Тука постојано живеат 70-ина лица, претежно пензионери, додека младоста одамна се иселила. Мештаните велат дека не паметат кога имало рожба, или свадба во селото. „За викенди и за празници постојано доаѓам во Цер, а и дел од одморот го минувам во родното место“, ни вели Благоја Бурески, кој живее во Кичево. Претседателот на МЗ, 77-годишниот Драган Дуртаноски, вели дека затворањето на погонот за мермер пред неколку години и немањето можности за вработување ги принудило младите да се иселат во Охрид, Кичево, Битола, Скопје, а мал број заминале на печалба и во странство. „Селото има одлична местоположба и услови за развој на сточарството и земјоделството, па иницијативите на церани треба да се поддржат за да станат реалност и да се поврати животот во селото“, вели Дуртаноски. Тој го напуштил селото на 13-годишна возраст, а се вратил пред 15 години. Долги години живеел и работел во неколку градови во Македонија, а 10 години во Аузбург, Германија, каде што имал свој ресторан. „Во Цер купив куќа, земја, изградив штали за добиток и заедно со синот Зоран и внукот Спиро одгледуваме над 200 овци, 30-ина молзни крави и 10-ина телиња. Задоволни сме од бизнисот и планираме постојано да ги зголемуваме стадото овци и бројот на кравите. Проблеми со пласман на сточарските производи немаме, а и заработката е добра“, вели Драган. На разделбата ни рече дека единствен проблем за жителите на Цер е немањето лекар, а амбулантата е постојано затворена. Прават напори барем еднаш до двапати во неделата да ги посетува лекар, за да не мора жителите само за настинка да патуваат по триесетина километри.
Текст и фотографии: Киро Кипроски |