|
||||
Драган Богдановски – живот посветен на идејата за независна и обединета Македонија |
На 18 септември 2014 година се навршуваат точно 85 години од раѓањето на една од најмаркантните фигури од поновата историја на македонскиот народ - Драган Богдановски. Интересот за Богдановски во последниве години е особено изразен, и тој не е случаен. Драган Богдановски е најмногу познат по неговата политичка активност во емиграцијата и Р. Македонија, но многу помалку е познат неговиот творечки опус, кој дополнително треба да се истражува. Неговата неуморна повеќедецинска активност се случувала во услови кога еден дел од Македонија, иако во рамките на една поширока федерација, има формирано своја држава. Во таа држава еден дел од македонскиот народ го остварил правото за слободен национален живот. Иако со ограничен суверенитет, сепак во таа држава биле формирани институции кои ја симболизираат државноста како Собрание, Влада, Претседател, потоа македонските политичари биле вклучени и во сојузните органи, во дипломатијата каде можеле на државно ниво да го актуелизираат македонското национално прашање. Со еден збор имало кој да се грижи за македонското национално прашање и секој оној кој ќе се обидел политички да делува надвор од востановената политика на СКЈ/СКМ бил сметан за непријател на народот и државата. Во таа категорија “државни непријатели“ уште од 50-тите години бил сместен и Драган Богдановски, момчето од кумановското село Клечовце кој по напуштањето на Југославија, во текот на 1956 година, како студент во Париз, со својата група истомисленици формирал Организација која имала за цел обединување на Македонија. Оваа организација, наречена „Македонски национален фронт“ (МНФ), иако кратко егзистирала е особено важна затоа што е првото политичко групирање на македонските иселеници во Европа по Втората Светска Војна. По распуштањето на МНФ, Богдановски се оженил за по кратко време да се разведе, затоа што идејата за независна и обединета Македонија му била поважна од домот и семејството. Во тој период, поточно во 1959 година во Осло Богдановски повторно ги започнал своите политички активности изразени преку издавање на весник и формирање на уште една Организација - „Македонски национален комитет“, а нешто подоцна и македонското културно друштво во Брисел - „Јане Сандански“. Таа идеја била ѕвздата водилка за Богдановски, која во средината на 60-тите години го однела во новоформиранта организација „Ослободителен комитет на Македонија“. Оттогаш започнува талкањето на Богдановски по Европа, од град до град каде што има Македонци политички да ги организира, за остварување на таа идеја. Политичкиот зенит го достигнал во 70-тите години со списанието „Македонска нација“ и омасовување на „Движењето за ослободување и обединување на Македонија“. Тоа е период кога Богдановски бил веќе зрел човек и таквата негова политичка авантура го чинела многу на личен план. Поради низа причини не можел да го продолжи емигрантскиот статус, и без лични документи и постојано место на живеење, започнал да живее илегален живот, живот кој не знаел што му носи денес, а камоли утре. Но тоа не го обесхрабрило, туку уште повеќе го мотивирало да се посвети на идеалот, и со „Македонска нација“ под рака, илегално поминувајќи ги границите ги барал истомислениците по европските метрополи. Токму во врвот на неговата активност и омасовувањето на Организацијата, се случило неговото киднапирање од страна на Службата за државна безбедност (СДБ), која уште од првите денови на неговата активност грижливо го полнела неговото досие. Во Скопје бил осуден на 13 години затвор, затоа што се залагал за независна и обединета Македонија, што не соодествувало со политичкиот курс на СКЈ/СКМ. По десет и пол години одлежани, во 1987 години бил пуштен на слобода, за по кратко време повторно да се врати во емиграција. Таму Богдановски повторно се нашол на животен крстопат: дали ќе си живее мирен пензионерски живот или ќе продолжи за реализација на идејата за независна и обединета македонска држава. И повторно се одлучил за идејата. Ги согледал тогашните политички услови во СР Македонија и идејно ја обмислил Демократската партија за македонско национално единство која имала за цел независност на Македонија. Повторно започнал турбулентен период за Богдановски, кој набрзо резултирал со негово напуштање на Партијата и трајно заминување во емиграција, каде и го пречекала смртта. Но, иако Богдановски се пасивизирал од политиката сепак до својата смрт останал доследен на идејата за самостојна, независна и демократска Македонија, за што сведочат повеќе негови написи од тој период, дел објавени, дел необјавени. Со таа идеја се градеше како личност, со таа идеја живееше и со таа идеја почина. Иако за таа идеја страдаше и беше прогонуван, сепак историјата е последниот судија, и денеска, благодарение на демократскиот систем во кој живееме, историјата му го обезбедува заслуженото место. Д-р Марјан Иваноски |