|
||||
Мијаците со својата „фрча“ и длето оставија македонски печат на Балканот |
Долга редица на Мијаци, едни од други подостојни, сите воспитаници на Дебарско- Галичко Реканската уметничка школа, со својата „фрча“ и длето, во текот на XIX и почетокот на XX век ставија печат на живописите и резбарските дела по целиот Балкански Полуостров, со што ја прославија Македонија. Нивната мајсторска изработка и убавината гo привлече вниманието на голем број научници и патеписци кои се` повеќе се интересираа за културата на минатите времиња на Македонците. За ова културно богатство свој осврт ќе направи и Георги Трајчев. Многу малку се знае како и кога се создала и развила уметничката школа во Дебарско – реканскиот крај. Нема било какви пишани податоци за почетоците на зографско-резбарската уметност, ниту на каков начин и под чие влијание се создала таа школа. Тоа е темно прашање, за кое има само преданија кои се пренесувале од колена на колена. Според нив се знае дека уште во далечното минато во селата Галичник, Тресонче, Лазарополе, Гари, Осои и др. (сите во Галичко-реканската област) имало цели фамилии кои како професии го практикувале иконопиството, резбарството, декоративна уметност, скултура од гипс и камено резбарство. Авторот на „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941), Георги Трајчев, во своето дело ќе се осврне на Мијаците кои со својата „фрча“ и длето, ставија печат на живописите и резбарските дела по целиот Балкански Полуостров. Според него, писмените историски белешки за развој на таа школа датираат едвај од почетокот на деветнаесетиот век. „Од тогаш датира иконописот во скопската црква „Св. Спас“ (1824), кој по својата наративност е ненадминат во тој род уметност на Балканот. Иконостасот е резбарска уметност на мајсторите Филип од село Гари и Макарија Негриев Фрчковски од село Галичник. Во тоа време е работен и иконостасот „воздух“ над светиот престол, владичкиот трон и кивотот со моштите во манастирот „Св. Јован Бигорски“ (дебарско-реканско) – се од горните двајца и други мајстори-Мијаци“ – пишува Трајчев. Познавајќи го добро Дебарскиот крај каде службувал, авторот ќе забележи дека „иако школата се именува како „Дебарска“, сепак треба да се знае дека градот Дебар, населен со Албанци и Македонци, немал услови за таму да се развие оваа уметност (живопис-резбарство). Само како административен центар на округот градот Дебар го наметнал името. ...И од дебарските села, ретко се среќавале уметници зографи-резбари“. Оттука тој ќе потенцира дека „оваа високо сликарска уметност е рожба исклучиво на Мијаците од реканската област, кои формираат административно реканска околија со центар во Галичник и спаѓа во Дебарскиот округ“. Трајчев ги посочува прекрасните мијачки села Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари, Росоки, Осој, Сушица и др. како места каде се раѓаат талентираните Мијаци. Тука, во тие прекрасни места, мајсторите уметници ги наследиле своите природни дарби, за да работат и создаваат мајсторски дела на кои им завидуваат и неретко им се спротивставуваат дипломираните домашните и странски академици! Во овој контекст авторот говори „за убавата мијачка носија, богата со хармонија на бои, која го држи првото место меѓу таквите во нацијата, а дури и во целото славјанство“!? Според Трајчев, „тука се крие целата уметност на мажите и жените! Таа е гордост не само на Македонците, туку и за целото племе. На него гледаат со завидливо око и преку лаги и фалсификат многумина наши соседи сакаат да го присвојат“. Почетоците на Дебарската школа Трајчев ги гледа длабоко во минатото и вели: „Галичник е центар на Дебарската школа. Ова село се води од почетокот на X – то столетие (905 - 910). По предание тоа било основано од потомците на светите браќа Кирил и Методиј, кои го населувале долното течение на реката Галика (Солунско), од каде доаѓа и името Галичник. Населението на Галичник е остаток од старославјанското племе Мијаци, кои се разликуваат од другите македонски племиња по говор, носија, убавината на лицето – особено на женскиот пол, високите духовни вредности и по својот борбен дух. Галичани ревносно си ја пазат верата и народноста, и во борбата со грчката и турската власт секогаш излегувале како победници. Галичани не паметат грчко читање и писмо во своите цркви и училишта... ...По преданијата на нашите дедовци и прадедовци само се знае дека иконопиството и резбарството се пренесени од Солун кон Атон (Св. Гора). Тоа јасно е нагласено од строгото поддржување на источно-православниот стил на сите наши икони во нашите храмови, насликани од мајсторите иконописци од Галичко-Дебарската школа. Оваа школа се развивала и се проширила низ целиот Балкански Полуостров, благодарение на нејзината строга организација и строга дисциплина. Секој иконописец примал кај себе ученици, не само свои синови и внуци, туку и сите млади кои се во сродство, особено оние кои останале сирачиња и тоа не постари од 7 – 8 години. Цртањето се изучувало на сини камени плочи. Секој мајстор-иконописец или резбар земал кај себе 5-6 помошници, мајстори, калфи и чираци, кои образувале една група – задруга. Чираците и калфите биле обучувани од мајсторот во сите области како што се резбарство, живопис, скулптура и декорација, а потоа врз основа на пројавената надареност и духовните заложби на чиракот мајсторот оценувал во која дисциплина ќе работи“. Во своето дело авторот не запознава со тајфите на Мијаците кои работеле по целиот Балкан, но и пошироко. Како што вели Трајчев „за да се избегнат секакви средби и конкуренција овие уметнички групи – задруги секогаш имале строго определен реон во земјата каде дејствувале. Така едни заминуваат во Русија, други за Романија, трети за Мала Азија, четврти за Египет, петти за Србија, други за областите во Македонија и Бугарија итн. Така нашите мајстори-уметници биле барани и познати низ целиот Балкански Полуостров. Таму каде подолго време престојувала групата, се случувало младите зографи да си изберат жена од видно семејство, да се откажат од својата група и да останат постојано да живеат во тоа место. Тука тие организирале локални школи за иконопиство и резбарство. По преданијата се знае дека Неврокопската, Велешката и други школи се рожба на зографите од галичко-Дебарската школа. Некои од тие школи и денес имаат меѓусебни роднински врски“ – пишува Трајчев. Авторот во својата книга пишува и за мијачките фамилии, кои нашироко ќе станат познати по својата работа. Според него, „првата фамилија, која се споменува од најстаро време и која од поколение на поколение давала уметници од Дебарската школа била Фрчковската од Галичник. А тој прекар (фрчковски) потекнува од нивната професија – живопис, односно фрча значи четка со која работеле“. Говорејќи за родословните стебла и пренесување на занаетот во семејството од колено на колено, авторот ќе напише: „Како родоначалник на Фрчковски се посочува Негри, кој живеел на крајот од XVIII век. Негри го предал своето искуство (зографство) на тројцата свои синови Макарија (Макрија), Ѓурчин и Трајан. Тие пак го предале својот занает на своите синови. Макарија на синовите Серафим, Исаија, Кузман и Ристе. Ѓурчин на синовите Михаил, Пане и Теофил. А Трајан на синовите Нестор и Ефтим. Потоа зографството се пренесува вака: Ристе Макариј остава наследници зографи Епифани, Дамјан и Апостол; Кузман му го остава занаетот на Макариј, Јанко, Исаче-Овентија и Георги (Ѓорѓија); Нестор на Трајан го остава занаетот на Негри и Данаил. Од сите гореспоменати лица, денес останале зографите Апостол, Јанко, Георги и Данаил, кои за да не згасне историската врска со стародревната Дебарско-Галичка- Реканска школа, во својата школа ги имаат синовите наследници“. Бројот на цркви и манастири во кои работеле мијачките дружини е импресивен. Речиси да нема место на Балканот каде тие не го оставиле својот македонски печат. Трајчев ги бележи местата во кои овие тајфи работат, при што се добива долга листа во која тој ќе го наведе следното: „Во 1829 година, Макариј Негриев Фрчковски бил најдобар декоратер, композитор и резбар. Под негово раководство со браќата Ѓурчин и Трајан, се украсени прочуените конаци на Амза паша и црквата „Св. Спас“ во Скопје. Истиот го работи (резба) иконостатосот во манастирот „Св. Јован Бигорски“ со Филип од Гари (Петре Филиповски Гарката). Тие ја работеле скулптурата на колоните и иконостасот во црквите „Св. Недела“ - Софија, „Св. Богородица“ - Пазарџик, „Св. Недела“ – Пловдив, како и на други места до 1858 година. Синовите на Макариј работеле во: Алистрат (Драмско), Белица (Разлошко), Зелјахово (Неврокопско), Катаконос, Димитрич, Хункос, Тахинос и др. (Драмско), Лариса и селата (Грција), во Пловдив, Карлово, Сопот, Калофер, Клисура, Сливен, Котел, Нова Загора и во околината на Струга, Охрид, Сараево („Св. Богородица“), Босна, Врање, Призрен и др. места. Нестор Трајанов и браќата Михаил, Пане и Теофил Ѓурчинов работеле во Дара-дол (Ѓумурџиско), Негрита (Серско), Сопор; Ажар, селата Марабас, Сливница, Калофер, „Св. Крал“ (Софија), Лом и околијата; во Романија: Турнумургулери во и околијата; во Србија: Неготин и околијата; во Свиштов гробницата „Св. Арангел“ и др. Данаил Несторов работел во Плевен и селата: Николаев, Врбица, Влчирен, Телин, Садовец, Махалатаидр, Лом, Видин, Кула, Ново Село (Видинско), Горна Ораховица и селата, Силистра, Тројан, Тетово, Романија и многу други места. Јосе Михајлов работел во Романија: Каралк, Корабија, Турно-Мургурели и селата. Синовите на Христо Макриев, Епифаниј и Дамјан, работеле во многу од спомнатите населени места како: Котел, Карнобат, Горна Ореховица, Севлиево и други, а Апостол, малиот син на Христо Макриев, работел во: Горна Ореовица 4 цркви, Лесковец 5, село Драгарево, Долна Ореховица, Елена 2 цркви, Златарица, Бебрево, Севлиево, Ловеч, Дреново, Стара Загора, Јамбол, Вратца, Ќустендил и др,. потоа Ениџе Вардар, Скеча и многу други места. Во 1909 година, здружен со Железков и други уметници, работи на изработка на животописот во црквите: „Св. Николај“ (Софија), „Св. Петка“ и „Св. Ѓорѓи“ (Пловдив), Стара Загора 2 цркви, Пазарџик, Ветрен, Ихтиман, Добрич, Орехово, Козлодуј, Зелениково, Тројанскиот манастир и др. Синовите на Кузман Макриев работеле во Русе, Добрич, Варна, Горна Ореховица, Црна Вода, Ново Село, Две Могили, Тутракан и по селата во Верненско, Провадивско, Разлошко и др. Никола Јанов и синот Соломон работеле во црквите „Св. Спас“ во Софија, Варна, Романија, Египет и други со синовите на Исачет: Овентија (Јован) и Георги. Иван Илиев и син му Илија работеле во Трнско, Ќустендилско и Царибродско. Крсто и Евгениј Попов работеле во Видинско, Скопско, Кочанско, Гостиварско и др. Хр. Мацаков, П. Стојанов и Ал. Василев работеле во Моравско, Нишко, Лесковец и селата. Теофил Крстев Гиновски работел во Србија, Црна Гора, Варненско и др. Дичо Крстев и син му Аврам работеле во Македонија и Бугарија. Петар и Григор Пачарови, Вене и Мирчо Илиеви работеле во Романија и Бугарија. Милетиј Божинов од село Росоки работел со Мирчо Илиев од Тресонче во Орехово, Ломско, Врачанско, Белослатинско, Видински и др. Милош Григоров и Коста Јаковов од Галичник, се преселиле во Неврокоп каде и работеле. Крсте и Коста Николови и Исаија Јаковов од Лазарополе работеле по цела Македонија“. Покрај листата на зографи, авторот ни ја дава и листата со имиња на копаничари и местата каде работеле. Во неа тој го бележи следното: „Мартин Стаматов скулптор од Лазарополе работел во Призрен и др. Макарија Белчевски од Галичник работел во Скопје на иконостатост на црквата „Св, Спас“ и „Св. Богородица“. Со него работеле скулпторите Исак Лепчевски, Гаврил Ников и Алекси Колачевски. Аргир Штерев од Галичник работел во Романија. Вељан Огненов и Михаил Данков од Лазарополе се преселиле во Банско и придолжиле со резбарство. Саре и Крсте Јанкови, Неофит, Мирче и Јане Крстеви скулптори од Битуше работеле во Бугарија. Фамилијата Филиповци од село Осој, Реканско, се занимавала исклучиво со копаничарство (резбарставо). Од 1870 година, прадедото Дичо, неговиот син Аврам, го работеле копаничарскиот занаает во црквите и манастирите во Македонија. Филип и Васил, синови на Аврам, го продолжиле копаничарскиот занает и работат по разни цркви и манастири. Синовите на Филип, Дичо, Јосиф, Тане и Нестор, како и синовите на Васил, Стефан и Аврам, заедно со татковците работат во големата црква во Елбасан и во црквата „Св. Богородица“ во градот Прилеп. Истите работеле и во манастирот „Св. Јован Бигорски“ на балдахинот над св. Престол, а во новиот конак на истиот манастир ја изработиле таваницата од резба. Во градот Дебар ги изработиле таваните на конаците на Исмаил Сарач. Во Скопје, исто така работеле тавани, како и во градовите: Призрен, Приштина и Ѓаково. Во градот Тетово го изработиле иконостасот во црквата. Исто така копничарството го применуваат во црквите во село Леуново, Гостиварско, село Ехловец, Кичевско, Серск, град Мелник (Солунско). Во градот Охрид – таваните на Ономан бег. Синот на Иван Филипов, Филип, ги работел заедно со својот татко и чичковците сите резбарски работи во црквите „Св. Димитар“ во Стара Загора, „Св. Иван Претеча“ во Карнобат, „Св. Ѓорѓи“ во Јамбол и други места. Синот на Јосиф Филипов, Петар Филипов, синот на Тане, Евгениј, како и синот на Филип Иванов, Коста, продолжуваат заедно татковците и чичковците да го работат истиот занает. Работеле во пловдивската епархија на метох на Зографскиот манастир (Св. Гора) и во црквите во градовите Карлово, Копривиштица, Брацигово, Крџали, како и во селата Чангрлиј и Лахово (Пазарџиско) и др. Во Трновската епархија, црквите „Св. Богородица“, во градовите Елена и Баброво, Еленско. Во Варнанската епархија, ја сработиле целата резбарска работа во катедралата „Св. Бородица“ во градот Варна; црквата во градот Балчи, исто и во градот Каварна. Во градот Преслав – црквата паметник, потоа во селата Шабла, Сулџук и Царскиот трон во дворецот Евксиноград. Во Вранчанската епархија ја работат резбата на црквите во следните села и градови: г. Ботевград, с. Козлодуј, с. Тлачени, Елисејно, с.Лжени, с. Скравена, с. Врачеш, с. Криводол. С. Липница, с. Сухаче, с. Крушовица, с. Горни Џбник, с. Гривици – мавзолеј, железничка станица Црвен брег. Во Ловечката епархија: с. Угрчин, с. Микре, манастир Зелениковец – Тројанско. Во Видинската епархија: катедралата во град Видин – целата резбарска работа во храмот „Св. Димитар“, црквата при митрополијата во истиот град; во градот Лом големата црква, с. Василовци, с. Росово, метохот на Зографскиот манастир (Св. Гора), с. Негованци, с. Ракитица, клисурскиот манастир, с. Метковец, с. Грумишин, с. Љута. Во Сливенската епархија, во црквите во градовите Јамбол и Карнобаг е изведена целата копаничарска работа. Во Софиската епархија: целата декоративна резбарска работа во салоните и параклисот на Синодалната палата; иконостасот на црквата при Семенаријата; црквите во Софија: „Св. Георги“, „Св. Петка“, „Св. Параскева стара“, црквите на В.Н.В. Училиште, „Св. Петар и Павле“, „Св. Вознесение“, црквата во Гробиштата, параклисот во затворот, „Св. Спас“ – трите олтари, параклисот во Дворецот, дел од резбарските работи во црквата на с. Бојана, селата Горна – бања, Пролешка, Кремиковскиот манастир, с. Костинброд, Градец, Кострушовци, Росоман, Глжбовци, Пожарево, Обеља, Славовци, Кумарица (Кубрат), Мрчево, Мошино, Челопечани, Бутунец, манастирот „Св. Архангел“ во село Бухово, дел од резбарските работи во црквата на село Драгалевци, г. Годеч, г. Ќустендил – црквата „Св. Мина“, с. Чурек, Бухово, Бусманци, Горна-Малина, Караполци, Драгошец, Балша, Иванјане, Пожарево, железничка станица Костенец-бања, с. Кованлк (Пчелин), с. Доспеј, во градот Дупница — катедралата „Св. Георги“, манастир во с. Русиново, с. Хрсово (Горноџумајско), с. Кржово, Добриново, големата црква во градот Цариброд, с. Лукавица, и на уште многу други места истата фамилија продолжува да работи. Петар Јосифов Филиповски од истото село работел заедно со Филип Иванов и самостојно во многу од споменатите цркви и во други. Петре Гарката, резбар од село Гари, работел во Македонија и на други места“. На крај „ете тоа е долгата редица на лица и имиња, едни од други подостојни, сите воспитаници на Дебарско-Галичко-Реканската уметничка школа, која му прави чест на Македонија, ставајќи печат со својата „фрча“ и длето на живописите и резбарските дела по целиот Балкански Полуостров“ – пишува на крајот Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“. Македонска нација |