Среда, 19 Ноември 2014    PDF Печати Е-пошта
Криминалци во Реканско и влијанието врз Мијаците (2 дел)

Македонска нација

kniga-za-mijacite

Авторот Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941), пишува и за албанските инвазии во Реканско, нивното насилство врз македонското население и иселувањето на Мијаците од нивните живеалишта распространети на природната граница меѓу албанскиот и македонскиот народ.

Според Трајчев, албанската инвазија во Реканскиот крај, има свои корени уште во времето на Георги Кастриот Скендербег.

Ваквите настани ќе доведат до ангажирање на чувари – сејмени, но и до иселување на поимотните Мијаци. Пишувајќи за оваа појава, Трајчев вели:

„За да се спасат себе, куќите и имотот, населението плаќаше данок (дерудеџилак) на главатарите на албанските разбојници, кои од своја страна преку својата „беса“ (чесен збор) се обврзуваат да го чуваат и бранат населението од грабежи и кражби на нивните луѓе и прибегнуваше на заштита на сејмените. Тие беа исто така Арнаути, кои за добра плата, храна и други бенефиции, го чуваа населението од разбојниците.  Доволно беше некој сејмен да е познат со разбојниците за тие да не нападнат, зошто со тоа би му направиле штета на својот собрат (Сејмен).  

Таа карактеристика кај Арнаутите е закон, пазејќи се да не му направат штета на свој роднина или познат. Пред странци или непознати, сепак и родовите и сејмените беа немоќни и не можеа да ги спречат напаѓачите. Така, се случуваа грабежи на цели стада овци и земање во заложништво на луѓе (мажи и деца). Зачестените разбојнички напади станаа причина да пропадне стариот сточарски и патријархален живот во земјата. Поимотните семејства почнаа да го напуштаат сточарството и земјата, како и тоа, почнаа да работат други занаети далеку од родното место во: Турција, Грција, Бугарија, Влашко, Србија. Таму стануваа млекари, трговци, иконописци, резбари, бојаџии, терзии и др. Други пак беа принудени само мажите да одат да печалат, а жените и децата остануваа сами во домот. 

Нападите врз Мијаците од сличен карактер, не бил еден или два, туку нивниот број не се помнел. Оттука, Трајчев забележува некои позначајни убиства и грабежи меќу кои се следните:

1. Убиството на Томо ќеаја. Власта вовела данок “кантарие“, да се измери волната по „стригот“ (стрижење на овцата). Томо се спротивставил на овој нивитет и тргнал за Дебар за да бара остапки. Не бил слушнат од власта и тргнал во Битола да се жали. Тој бил придружуван од сејменин, но тргнувајќи за Битола, тој го вратил во Галичник за да го чува семејството. Арнаутите кои го демнат, гледајќи дека е сам, го убиваат на пат за Струга, во Мерсинбеговиот ан. За да го одмазди неговото убиство, сејменинот му убил дете на убиецот. А за да го одмаздат пак убиството на детето, се собираат околу 200 Арнаути, решени да го уништат целиот род на Томо ќеаја. Тие дошле во Галичник и ги изгореле куќите на Томо ќеаја, го убиле Рафаел, Тодоровиот син (внук на Томо) и ја зеле целата стока. Сепак, Томовото семејство на време избегало во Крушево. Томовиот син Тодор кој бил гневен на ваквата одмазда застанал на чело на потерата (војската), која била пратена од власта за да ги гони разбојниците.  Потерата стигнала дури до Малесија и од оттаму тој одзел се` што нашол кај убиците.

2. На 24 март 1907 година, еден час далеку од Тресонче (Мала река), Осман Леш со една банда разбојници нападнал во планините една група жени кои отишле да берат киселец. Тој стрелал врз нив и убил три од нив: Стрезовица, Арсовица и Андрејца, а една тешко ранил  - Смилевица. Во истиот ден убил двајца помаци од село Јанче (Мала Река) во атарот на Тресонче. Причините за ова убиство се следните.

Осман Леш бил долго време сејменин во селото, за да го чува животот и имотот на населението од арнаутски банди. Тој освен годишна плата од 30 турски лири, земал разни глоби од селаните по различни поводи. Така на пример, земал по 20 пари од коњ кога ги придружувал кираџиите од Тресонче за Гостивар или на друго место. Претходната година, сејменинот испратил таков караван за Гостивар и прибрал од сите кираџии по 20 пари од коњ. Петре Брсјакот, прв маж на повредената Смилевица, немал да доплати за еден коњ 20 пари, а Осман Леш ги сакал и откако увидел дека нема да ги добие, пукал и Петрета наместо го оставил мртов. Селаните по тој повод го избркале Осман Леш и поставиле на негово место друг Арнаутин. За да го вратат повторно да работи како сејменин во Тресонче, Осман Леш испратил предупредувачко писмо во кое им се заканил дека ако тоа не го направат, никој да не излегува во планината, ниту маж, ниту жена, бидејќи ќе бидат убиени. Тресончани заплашени од тоа, изнајмиле двајца помаци од Јанче за да берат дрва во планината. Затоа и тие, во еден ист ден, кога биле убиени жените, ја споделиле истата судбина подалеку негде во планината.

3. Околу 20 август 1907 година, во Малесија биле киднапирани за откуп Божин П. Данаилов и Васил Серафимов од старешината на разбојничката банда Рама Дука, родум од селото Стушан, оддалечено еден и пол час од градот Дебар, на запад преку Дрим. Барал да дојдат првите селани од Лазарополе за да се разбере со нив па тогаш да ги пушти заробените... Мотивите биле слични како и во селото Тресонче. Единствено се разликувале по тоа што тие не го избркале сејменинот, туку власта, која испратила жандарм, по силата на реформите.  

4. Во текот на месец април оваа година, разбојничка арнаутска банда од 150 лица го нападнала селото Елховец (Горна Копачја) соседно на Мала Река и го отерало целиот крупен и ситен добиток од целото село. 75 души од четата врвеле напред, 10 до 15 души го терале добитокот, а останатите биле заштитница. Јавно поминале низ Мала Река но никој не ги спречил, иако имало доста аскер и во секое село сејмен- жандар“.

Не биле ретки случаите кога една арамиска банда составена од пет-шест лица (никогаш повеќе од десет лица) провалувале во одредени домови, сакајќи да извршат грабеж или да ги претепаат до смрт жителите на куќата. Исто така, ретко се случувало, кога ваквите разбојнички напади не ја добивале заслужената казна. Трајчев повикувајќи се на живи сведоци ни опишува неколку вакви примери кои се случиле пред 1900 година и вели:

„Една ноќ, околу полноќ (кога се претпоставува дека сите спијат и се наоѓаат во длабок сон) почуствував необичен тропот по покривот од куќата. Слушав и се досетив дека тоа се арамии. Случајно имав котел на огнот, закачен на синџир. Тој беше доволно полн со врела вода и прво посакав да ги попарам со водата кога ќе слезат долу. Некаков шум го откри моето присуство и арамијата се врати по патот по кој дојде за да избега. Во тоа време јас ја поставив пушката на прозорецот кој ми послужи како потпора и кога се појавија арамиите кои бегаа со првиот истрел успеав да убијам еден од нив, со вториот истрел лесно да го ранам другиот, а останатите избегаа. Во тоа многу ми помогна јасната месечина“.

Од поновите примери авторот говори за настан од околу 1900 година, кој е сличен со порано извршен арамиски напад во Лазарополе. За овој случај тој ни го раскажува следното:

„Во градот Дебар, една група арамии се обидела да влезе во една куќа со цел да ги убијат и ограбат домаќините. Не можејќи да влезат во куќата преку вратата или прозорците, плашејќи се да не бидат откриени од домаќините на куќата и убиени, или пак да кренат тревога и со помош на соседите да го направат истото, тие, арамиите, прибегнуваат на еден непознат начин до тогаш. Тие прават отвор во ѕидот со цел преку него да влезат и да им отворат на останатите разбојници да влезат внатре и да го извршат замисленото дело. Меѓутоа, колку и да работеле претпазливо, по паднатите камења од ѕидот направено со лост (ќускија) домаќинот на куќата насетува дека некој лесно со рака ќе може да ги извади останатите... Познавајќи ги нивните навики и прилагодувајќи се на нив, очекува каде ќе влезат и тој застанува од едната, а неговата жена од другата страна. Пред да го отворат ѕидот, тој го подготвил чеканот и чека да се извршат сите пробни церемонии, со кои разбојниците ќе се уверат дека нема никој да ги чека внатре. Имено, поставена облека на едно дрво три пати била пуштена и вратена од надвор на внатре, која ако има некој да ги чека, ќе ја фати облеката, а тие ќе избегаат. Откако се увериле дека никој не ги очекува внатре, тие почнале да влегуваат внатре еден по еден. Но, само што првиот ја подал главата, бил силно удрен со чекан и повлечен внатре од мажот и жената. За останатите тоа значело дека чим првиот влегол внатре, влезот е слободен. Влегол и вториот. И со него било повторено истото, потоа со третиот, четвртиот, петтиот, но, шесттиот кој бил послабо удрен, се вратил и почнал да бега, но, на крајот од градот паднал и умрел. Ех, каква храброст извршена од една жена и еден маж во Дебар. Ако не направеа така, сигурно ќе ја имаа истата судбина со оние семејства од Дебар кои беа масакрирани, иако имаа високо ѕидани огради и големи овчарски кучиња кои им биле труени со месо посолено со отров“.  

Освен пљачкањето на македонското население, авторот се осврнува и на киднапирањата на некој член од семејството како син, брат. Како што пишува авторот, тие потоа биле носени во Албанија и од таму било барано од родителите скап откуп (по 100, 200 златни турски лири). Овој откуп требало да биде однесен во нивните домови во Албанија, по што му го предавале киднапираниот на најблиските. До откупот заложникот бил држен во неподносливи услови (во ладни простории, без ќебиња и постилка, без чевли при ладно време). Тие биле вистински маченици. Како што вели авторот „еден од овие маченици бил покојниот Божин поп Данаилов поп Костов, од Лазарополе, кој по долго боледување, поради овие адски маки, починал“.    


Трајчев во овој дел ни споменува и за уште еден интересен случај, во кој говори за херојството на Трпко Јачев Белчовски од село Лазараполе. За овој настан тој ни го раскажува следното:

„Тоа се случи во летото 1910 година, додека ги пасеше коњите на штотуку искосените ливади. Во самрак тој беше киднапиран. Организираната потера по разбојниците заврши безуспешно. Тие патувале преку цела ноќ се` додека не ја преминале Стоговската планина. Во текот на денот спиеле, а во ноќта повторно го продолжувале патот. На вториот ден, застанале да ја пречекаат ноќта на планината спроти Дебар. Капнати од умор, арамиите заспиваат. Заспал и стражарот. Трпко бил буден, но врзан за нозете за да не може да бега. Кога видел дека стражарот заспал и се уверил во тоа, зел еден поголем камен и со десната рака за миг ги удира сите зад ушите и продолжува се додека не ги убил сите. Потоа ги ослободил нозете и заминал за Лазарополе. Дошол дома здрав и жив, а арамиите ги оставил на орлите и чакалите. Тој се спасил и станал херој, за да не се осмелуваат веќе на тој начин арамиите да вршат напади во Лазарополе. Од тука станало јасно дека и овој начин на разбојништво станува несоодветен“ – пишува авторот.

На крај од делот во кој авторот говори за Албанската инвазија во Реканско, тој ни го дава  и Списокот на настраданите Мијаци од Албанските разбојнички напади во периодот од 1.IV.1909 до 1.IV.1911. Во него се дадени името на селото, името на настраданите, дата на нападите, име на напаѓачите, убиствата, грaбежите во местата: Селце, Беличица, Тресонче, Реканско, Галичник, Крај, с. Клење, Лазарополе, Гаре, Росоки, Никифорово, Осој, Битуше.

Во него се дадени следните жртви: Гр. Алексов, Тр. Гиновски и Мих. Чало, Ив. Гурџоски, М. Тортевски, М. Мечиков, Ив. Филиповски,  Ив. Главина, Ст. Шукриовски, Изр. Трифунов, Зм. Рафаилов, Ап. Гиновски, Л. Муратовски, Ив. Филиповски, Т. Кузманов и други двајца, Гурџовци, Арсо Јуруковски, Бр. Јанвеи, Т. Гиновски, Д. Мојсов, Ст. Шоповски и др., С. Исијанов, Ст. Бужаров, Мирчевски и др., М. Попов, Кметовите, Ив. Долик, Н. Стаменов, Н. Ѓурев, Јак. Жиковски, Ст. Кузманов, М. Цинцарски, Ив. Филиповски, Селски, Кираџии, Хр. Тортевски и T. М. Чаљовски.

Насилниците кои ги извршиле делата: Металија — деруџ., Џелал Сефер, Синанъ Веш, Рушид Казија и др., Гамѫ Дука, Медб. Џелеши, Мифат Шаин.

Тогаш се сметало дека тие грабежи ќе престанат по младотурската револуција, хуриетот, дека ќе настапи спокојство во тој крај. Но сето тоа напразно. Нападите продолжиле и тие не престанале до ден денешен. Се краде стока, се плачкосува приватниот и црковниот имот.

Поради ова голем дел од македонскиот народ се иселува од овие краишта.

av1

av2

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.